ТАА Е...
Денешната ТАА Е... нема да биде она на што вообичаено сте навикнати. Ете, така некако ми дојде желба оваа последна среда од август, а пред почетокот на есента да ја посветам ТАА Е... на сите жени. Од септември ќе продолжиме по старо, но денес е ден за нешто друго, нешто поинакво. Дамите за кои читавте досега се исклучителни жени, секоја своја, храбра, истрајна и експерт во својата област. Бескрајно сум им благодарна за честа со која ме удостоија да бидат гостинки на оваа рубрика од Женски Магазин, за одвоеното време и за посветеноста да стокмиме интервјуа за паметење.
Но, некако ми тежеше една помисла во умов која ми клукаше некаде во позадина и која ми се искристализира периодов. Ме мачеше тоа дека секоја една жена која ја знам и сите кои не ги знам, се борци кои секојдневно се соочуваат со секакви предизвици а ете, ретко кој пишува за нив. Тоа се жените кои не се експонирани во јавноста, кои не ги гледаме по медиумите и не ги читаме, но нивното постоење и нивното присуство е скапоцено. Тоа сте сите вие кои во текот на денот завршувате милион обврски кои како да е сосем природно и нормално да ги правите без поговор. Затоа, оваа ТАА Е... е ваша, вашето огледало во кое ќе си ја видите убоста која ве краси. Ова е моето благодарам затоа што сте тука, затоа што сте нераскинлив дел од мене.
Оваа ТАА Е... е посветена на:
1. Жената која е мајка и која знае што се неспани ноќи, меѓу две доења или спремање шишенца
2. Жената која се бори со неплодност и која со сите сили се обидува да си го оствари сонот, колку и тоа да ја исцрпува и физички и ментално
3. Жената која не се плаши да каже дека не сака да биде сопруга и мајка, или сака да е само едното или другото и која се соочува со сите малограѓански дофрлувања
4. Жената која молчи и носи модринки од семејно насилство и која има потреба од нашиот глас, за да го најде својот и да се спротивстави
5. Жената која рекла НЕ и СТОП и си заминала без ништо да понесе со себе од домот кој не е дом, ами бојно поле
6. Жената која носи лузни од операција и која на смртта и’ рекла “МРШ”
7. Жената која оди на работа меѓу две хемотерапии, а попатно се грижи за сите околу неа
8. Жената која е домаќинка и чија заложба за семејството никогаш не е доволно ценета и почитувана
9. Жената која ја одбрала кариерата и е критикувана заради тоа
10. Жената која 8 часа седи на шалтер или стои на нозе во продавница, соочувајќи се со секакви расположенија од муштериите
11. Жената во белиот мантил која не е доволно платена за сите дежурства
12. Жената која вози автобус или такси и која слуша коментари дека тоа не е работа за жена
13. Жената која е секогаш помалку платена затоа што не е маж
14. Жената која е озборувана ако е разведена
15. Жената која е третирана како сексуален објект
16. Жената која била соочена со мобинг ако не се согласи да биде љубовница на шефот
17. Жената која била нападната или силувана а не кажала, бидејќи најчестиот одговор е “сама си го бараше”
18. Жената која изгубила дете
19. Жената која останала вдовица
20. Жената која нема страв да биде тоа што е, или да стане тоа што сака да биде
21. Жената која се бори со депресија и анксиозност, а никој не приметува во каков пекол живее
ТАА Е...секоја една од вас и сите вие сте ТАА Е...
Бидете живи и здрави, песнава е ваша оти не ќе постоеше да не бевте вие.
ТАА Е...СÉ
ТАА Е...утро со мирис на дом
ТАА Е...ден полн вкусови
ТАА Е...ноќ во која страста пее
ТАА Е...почеток на светот
ТАА Е...крај на сите сомнежи
ТАА Е...име на среќата
ТАА Е...презиме на утехата
ТАА Е...тука кога е мачно
ТАА Е...до тебе кога боли
ТАА Е...пред тебе за да го осветли патот
ТАА Е...зад тебе грб да ти чува
ТАА Е...светлина на сите желби
ТАА Е...ѕвезда водилка
ТАА Е...сила немерлива
ТАА Е...нежност кршлива
ТАА Е...кревка во својата моќ
ТАА Е...камен темелник
ТАА Е...бршлен околу тебе
ТАА Е...секогаш со главата горе
ТАА Е...онаа која страв нема
ТАА Е...своја и кога е ранлива
ТАА Е...ветар кој напред те носи
ТАА Е...ураган кој ќе те сопре
ТАА Е...збор меден
ТАА Е...погана кога ќе ја повредиш
ТАА Е...исправена кога плеќите ја вијат
ТАА Е...храбра да оди кај што никој не смее
ТАА Е...онаа која нема да премолчи неправда
ТАА Е...иљач за сите рани
ТАА Е...отров за сиот простотилак
ТАА Е...ЈАС
ТАА Е...секоја жена која ја знам
ТАА Е...секоја жена која на улица ја среќавам
ТАА Е...мојот патоказ кога не знам каде одам
ТАА Е...моето огледало во кое се гледам
ТАА Е...одраз на сите мои болки
ТАА Е...моето перо в раце
ТАА Е...секоја книга која ја имам стокмено
ТАА Е...во мене
ТАА Е...јас, во нејзиното постоење
ТАА Е...секоја моја солза
ТАА Е...мојот гнев кога е обесправена
ТАА Е...сонот за тоа каква сакам да сум
ТАА Е...печатот на она што ќе бидам
ТАА Е...мојата гордост
ТАА Е...ах, ТАА
ТАА Е...ТИ
ТИ СИ...ТАА
За Женски Магазин, Ана Бунтеска