ТАА Е...Биба Додева

Добивај вести на Viber

Ја нарекуваат нашата Арета Френклин, иако таа е уникатна со својот стил и гласовните можности. Доволно е само да и’ го спомнете името и веднаш во умот да ви проструи нејзиниот моќен глас и цел ден да ви врти во главата некоја од нејзините песни со која се идентификувате. За мене, тоа била отсекогаш “Необичен круг” и да бидам искрена мора да ви кажам дека ако постои песна за која би рекла дека сум сакала јас да ја напишам, тоа е токму таа. Ретко можете да ја видите намуртена или нерасположена, дури и тогаш кога нема за што да се насмее во текот на денот.

Биба, гледано од мој агол е неверојатно организирана жена која кога и да ја слушнам некаде брза и има закажано милион состаноци во текот на денот (па наместо муабет некогаш ми праќа гласовни пораки во кои не ретко пее), а што е најинтересно стасува насекаде. Кога сме имале можност да седнеме некаде на ручек или кафе кои преминувале во “целодневна”, со себе секогаш го носи лаптопот и на сред муабет или јадење се случува да го извади на маса за да запише некој проект или да доврши нешто и со оној нејзин карактеристичен насмев шармантно да каже “Ане, само ова да го пратам и готово”. Низ дружбата со неа открив дека во сите критични ситуации таа е смирена и никогаш не паничи, за разлика од мене. Паметам дека за мојата последна промоција, половина час пред да започне се’, откривме дека немаме озвучување. Можете да ја замислите мојата изгубеност, шокот и помислата “готово, ќе мора да се откажува”. Мислам, промоција на книга без озвучување! Катастрофа! Во тој миг, Биба (која толку добро ме знае, па знае кога да ме “растресе” за да си дојдам на себе) ми вели “ај, смири се, седни и земи еден Џејмисон”, го граба телефонот и на 3 минути пред почетокот на промоцијата имавме озвучување како да ќе снимаме албум во живо.

Ете, тоа е жената со која ќе говориме денес, жената која го има гласот кој знае да ве расплаче, жената која секојдневно ги извршува своите работни обврски во Борка и се соочува/помага на секој кој се бори со канцерот и влева надеж. Таа е жената која лавовски се бори во секој сегмент од животот, таа е мајка, баба, деловна жена, глас на многумина од нас, нечија љубов...и една од оние жени кои својата популарност ја користат за да придонесат во општеството. Единствената работа за која се расправаме е дека не сопира ниту кога се исцрпува толку многу, што и’ предизвикува здравствен проблем. На моето “Бибо, застани бе малку мајку му, не бива со бронхит да си по семинари, па макар биле и онлајн”, секогаш добивам ист одговор “Уште ова да помине и ќе се одморам, ветувам”. И повторно е во оној “необичен круг”, во кој секогаш се води повеќе сметка за сите околу неа, а најмалку за неа, оти нејзиниот лек е во среќата на другите.

Да напоменам, ТАА Е...  не е мој обид во новинарските води. Ниту имам знаење, ниту сакам да се вплеткувам во нешто за што немам искуство. Оваа рубрика која ќе оди еднаш месечно (а можеби и 2 пати во месецот во зависност од интересот, ама и моите работни обврски) е само обид да ви ги доближам дамите кои имаат многу да кажат, кои се тука околу нас, кои се секогаш една од сите нас. Ќе се обидам да ви ги прикажам на еден поинаков начин и во поинакво светло. Искрено до болка и интимно до срж.

И...нека биде холивудски...

Ladies and gentlemen, Biba Dodeva!

1.  АКО ЈА ПРАШАМ СЕГА МАЛАТА БИБА ШТО САКА ДА БИДЕ КОГА ЌЕ ПОРАСНЕ, ШТО БИ МИ КАЖАЛА?

Многу сакав да пеам. Се’ уште сакам да пеам и да забавувам луѓе. Едноставно, да ги усреќувам. Дури сега се сеќавам дека знаеја понекогаш моите родители да ме качат на столче или на маса на некоја прослава, а јас пеев ли пеев…дури душата и на другите да им запее. И тогаш, а и сега е истото што го сакав. Да сум среќна. И кога ќе пораснам да сум среќна ама и тие до мене да ми се среќни и не се штедам во давање себе за тој момент. Не научив и не научив да се штедам, па затоа секогаш се молам дедо Боже да ме чува (знам ти се повраќа тебе од ова).

2.  МИСЛАМ ДЕКА МНОГУМИНА НЕ ЗНААТ ДЕКА ПО ПРОФЕСИЈА СИ ПСИХОТЕРАПЕВТ, ТРЕНЕР ЗА ЛИЧЕН РАЗВОЈ И КОМУНИКАЦИЈА (за читателите: секогаш кога ќе почувствува дека не сум како што треба, веднаш и’ се менува гласот и почнува да разговара како да сме на сеанса “Ане, а што мислиш дека....”). ДАЛИ И КОЛКУ ТОА ТИ ПОМАГА ВО ТВОЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ ВО БОРКА?

Тоа најмногу го направив за себе, а секако, знаењето на тие техники ми помогна и во БОРКА да ја направам првата СОС линија за помош и поддршка на пациентите заболени од рак и нивните семејства, како и првите групи за поддршка кои работеа со психотерапевт  уште во далечната 2008 година. После тоа инициравме да има психолог и правен советник на онкологија, со идеја тоа да се прошири и на другите клиники, ама знаеш како е. Секоја нова гарнитура со нови правила, па некаде во меѓуврме и тоа го снема до пред  две години. Но затоа пак, ние  во БОРКА не престанавме. Едно време имавме дури и по две групи, па и на детска клиника наш психотерапевт ги посетуваше мајките на дечињата кои се онколошки пациенти. Ако ме прашаш, лично мојот став е дека ракот е и психосоматска болест и џабе ќе биде да го лекуваш телото ако не го лекуваш духот и умот. Затоа, се’уште имаме лични конткти со пациентите и нивните семејства, бидејќи еден збор и трошка надеж може многу да помогне во таа тешка борба.  А помагајќи на другите, си помагаме и себеси.

3.  ИМА ДОБРИ И ИМА ЛОШИ ДЕНОВИ. СИТЕ ЗНАЕМЕ КАКО СО ДОБРИТЕ ДЕНОВИ, АМА ШТО ПРАВИШ КОГА ДОАЃААТ ДЕНОВИТЕ ВО КОИ НЕ ЗНАЕШ ШТО СО СЕБЕ? ИМАШ НЕШТО СО КОЈ СЕ ПОТКРЕВАШ И СИ ВЕЛИШ “ОК, СТАНУВАЈ БИБО И СПАСТРИ СЕ...И ОВА ЌЕ МИНЕ”?

Јас никогаш не сум „не знаела„ што со себе. Лошо кога е, уф… имало многу лошо и немаш време да мислиш дека е лошо. Еднаш на ФБ видов еден пост и го споделив затоа што верувам во тоа дека “What I survived, maight kill you” (ЈАС што преживеав, тебе може да те убие) и не дека се удирам по гради колку сум јака, не сум. Некогаши мене ми доаѓа да  легнам и да не се разбудам. Особено кога се заредија некои работи во мојот живот, проблеми, удари од сите страни, смрт,  та не можеш ни здив да земеш.  Толку брзо се случуваа, едно по друго, едноставно веќе не се опирав и немав време да мислам дали ми е денот или не. Кога се работи за живот или смрт, баш и не е оптеретував со филозофии дека е тешко. И  станувам. Ми подари ќерка ми уште еден живот, мојот внук.  Колку почесто паѓав толку побрзо научив да станувам. Таман сум помислила дека нешто се стабилизирало, куршум од нелојалност, атак од најблиски, па те линчуваат луѓе кои немаат појма ниту која си ниту што правиш, лицемери, предавници, подмолно ти бодат со нож во грб.  “Ајде бре сестро, пукај” си велиш. Не сум јас тип за игри и злоби. Па јас пола живот го посветив алтруистички. Борбата со себе е најголема затоа што никој/никоја не ти е дорасната/а на големината. Тоа е. И станувам по стоти пат иако не сакам да станам, уморна сум и разочарана, затоа што ми се срушила целата смисла за мојата мисија. Ама станувам. Нашминкана. Спастрена.  Нормално од дома не излегувам ненашминкана и неспастрена уште од 6 одд кога прв пат почнав да користам зелено креонче за очи од мајка ми и кармин кој го ставав „за здравје„ на образите. Нека пукнат, ќе станам пак. Кога мене ми се сака. Колку подлабоко удолу, толку повисоко угоре. Сега суми поумешна во мејкапот (се смее)!

4.  СЕКОЈДНЕВНО СЕ СООЧУВАШ СО РАЗЛИЧНИ ЖИВОТНИ ПРИКАЗНИ ВО БОРКА НА КОИ ЗАЕДНИЧКИОТ ЕПИЛОГ ИМ Е КАКО ДА СЕ СПРАВАТ СО СОЗНАНИЕТО ДЕКА ИМААТ КАНЦЕР И КАКО ПОНАТАМУ ВО БОРБАТА ЗА ДА СЕ ИЗЛЕЧАТ. КОЛКУ УСПЕВАШ ИЛИ НЕ УСПЕВАШ ДА СЕ СПРАВИШ СО ТОА ДЕКА СИ ДЕЛ ОД СЕЧИЈА БОЛКА И СТРАВ ЗА ИДНИНАТА?

Ах.Тоа е крстот кој го носам,сочувствувам со секоја болка како онаа на ќерката која си ја носи мајка си на хемо, ама...ниту еден човек не е остров сам за себе. Со смртта на секој човек умира дел од мене. Затоа што и јас сум дел од човештвото. Затоа не прашувај за кого бијат камбаните, бидејќи и моето семејство беше допрено со ракот. Камбаните бијат за сите нас.

5.  ЗНАЕМЕ ДЕКА ГОТВИШ И ТОА МНОГУ ДОБРО. КОЕ Е ОМИЛЕНОТО ЈАДЕЊЕ КОЕ МУ ГО СПРЕМАШ НА ВНУКОТ АЛЕКС? СЕ РАЗБИРА, САКАМЕ РЕЦЕПТ 

Сакаш книга да напишеме или интервју. (се смее) Алекс е дете научено да јаде со баба му по кафеани и ресторани. Многу е културен и воспитан.  Толку од домаќинлукот на Биба,  хахахах.  Инаку готвам  добро поради баба ми Верче, а Алекс и Емануела па и другите мои блиски обожуваат кога готвам, затоа што готвам со љубов.

6.  НА СЦЕНАТА ДЕЛУВАШ КАКО ДА СИ РОДЕНА ЗА ПОД СВЕТЛА. ИМАШ ТРЕМА ПРЕД НАСТАП И ДАЛИ ИМАШ НЕКАКОВ РИТУАЛ ПРЕД ДА ИЗЛЕЗЕШ ПРЕД ПУБЛИКАТА?

И по скоро 30 години на сцена, се’ уште понекогаш имам трема. Додека да почнам да пеам. Инаку не сакам сликања, муабети пред настап. Ми треба мир, претпочитам да сум сама и да се сконцентрирам.

7.  ТИ СЕ СЛУЧИЛО ЛИ НЕКОГАШ ДА СИ ПРЕМНОГУ ЕМОТИВНО ВРЗАНА СО ПЕСНА КОЈА ТРЕБА ДА ЈА ИСПЕЕШ И ДА СИ КАЖЕШ “НЕМА ДА МОЖАМ ОВА ДА ГО ИСТУРКАМ ПРЕД ПУБЛИКА”?

Да, нашата. „Како некогаш„ ме распадна при снимање во студио ама и после тоа.

8.  КАКВА МУЗИКА СЛУШАШ КОГА СИ НЕРАСПОЛОЖЕНА И КОГА СИ ЕУФОРИЧНА?

Кога сум напната не слушам музика, се обидувам да се слушнам себе. Ретко сум еуфорична, ама и кога сум и тогаш сакам мир. А пеам и слушам музика кога ми пее срцето или сакам сите емоции да ги исфрлам од себе. Имам доста плејлисти кои ги правам во зависност од расположението, од староградски до свинг, џез, фанк, соул, фадо…

9.  “НЕЗАБОРАВНИ” БЕШЕ АЛБУМ КОЈ НАПРАВИ БУМ И ГИ ОЖИВЕА НА СОСЕМ ПОИНАКОВ НАЧИН МАКЕДОНСКИТЕ ЕВЕРГРИНИ. КОГА НОВ АЛБУМ, КОГА НОВА ПЕСНА?

Да видиме баце Дојчин кога ќе ни ја аранжира и сними новата песна што ја напишавме? 

Искрено, албум сега и не ми се прави, бидејќи со пандемијава „Незаборавни„ не е промовиран како што му доликува, така што, најпрвин сакам да можам безгрижно да организирам настапи и концерти.

10.  СЕКОЈ ОД НАС СИ ЈА БАРА СВОЈАТА СРОДНА ДУША. ДАЛИ ЉУБИШ?

Ох, ЉУБАМ…

11.  СРЕЌНА СИ? ШТО Е ОНА ШТО ТИ ДАВА СИЛА ЗА ДА МУ СЕ НАСМЕЕШ НА ЖИВОТОТ?

Благодарна сум. Растам, учам, чувствувам, креирам, живеам, љубам. Мислам дека некогаш животот мене ми се насмевнува, затоа што имам добра смисла за хумор.


12.  КОВИДОТ ГО ПРЕВРТЕ СВЕТОТ НАОПАКУ. ТИ ГО ПРЕЛЕЖА НА 2 ПАТИ (СЕГА СКОРО БЕШЕ ВТОРИОТ ПАТ) ИЛИ ШТО БИ СЕ РЕКЛО “ШТО Е МНОГУ, МНОГУ Е”. ОТКАКО СТИВНУВА ПАНДЕМИЈАТА ПЛАНИРАШ ЛИ НЕКОЈ КОНЦЕРТ, СВИРКА ИЛИ ЖУРКА НА КОЈА ЌЕ МОЖЕМЕ ДА СЕ ИЗНАПЕЕМЕ (јас не, од добро познати причини) И ИЗНАПЛАЧЕМЕ?

На почетокот ковидот иако ме вознемири, истовремено ми дојде како можност и време за преиспитување, можност за промена на приоритетите во животот и работата и чистење на се’  и сите кои ми се плевел во мојот живот. Ама, ДОСТА ми е од ковид! Доста ми е од болести, напукнати вени, игли, витамини, болки во коските и реума како некоја баба да сум! Едвај чекам да се изнапееме. Ако не на концерт, ај па на некоја свадба! ХАХАХАХАХАХАХ

13.  ИМА ЛИ НЕШТО ШТО САКАШ ДА НИ КАЖЕШ, А ШТО НИКОГАШ НЕ ТЕ ПРАШАЛЕ ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?

Да. Дали знам да играм пајдушко.

И за крај, еве ја НАШАТА песна, онаа заради која и двете плачеме. Биба, ти благодарам за муабетов и те сакам (за пајдушкото во некоја друга прилика )

Си одиш без збор

без надеж за допир

како безумност

низ која тивко чекорам

Ми оставаш бол

кој жедно го пијам

за да преживеам

во овој живот без тебе

да самувам

без тебе до мене.

Ех, да може како некогаш

да те дишам

да сум жива јас.

Ех, да може се` да застане

само она време да не престане

кога ти и јас

ко едно дишевме.

И повторно молк

со спомени тажни

само извори

од солзи неисплакани.

Ти оставам збор

за да ме памтиш

дур заминуваш

од овој град без музика

дур замирам

без здив во душава.

Ех, да може како некогаш

да те дишам

да сум жива јас.

Ех, да може се` да застане

само она време да не престане

кога ти и јас

ко едно дишевме

За Женски магазин, Ана Бунтеска