ТАА Е...ЗОРИЦА ЈАКОВЛЕСКА СПИРОВСКА: “МУЗИКАТА Е НЕИЗБРИШЛИВ ДЕЛ ОД МОЈАТА ЛИЧНОСТ И ИАКО НА МОМЕНТИ СВЕСНО ИЛИ НЕСВЕСНО ЈА СТАВАМ ВО ВТОР ПЛАН, ТАА СЕКОГАШ НАОЃА НАЧИН ПОВТОРНО ДА СЕ ВРАТИ”
Денешната ТАА Е од многу аспекти ме маѓепса со нејзината приказна. Пред сѐ, со професијата и пасијата кон неа, а потоа и со честа која ја имав да интервјуирам жена која ја обележа мојата младост заедно со другите членки на рок групата РОЈАЛ АЛБЕРТ ХОЛ. Нема да одземам простор со моите импресии, ќе ве оставам да ви се насладуваат сетилата со нејзиниот збор... секако дека и јас повторно и повторно ќе го препрочитувам интервјуто.
Ladies and gentlemen… ЗОРИЦА ЈАКОВЛЕСКА СПИРОВСКА!
НЕСПОРНО Е ДЕКА КОНЗЕРВАТОРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ДЕФИЦИТАРЕН КАДАР. ОД КАДЕ ЖЕЛБАТА ИДЕЈАТА ДА ЈА ОДБЕРЕТЕ ТОКМУ ОВАА ПРОФЕСИЈА И КОЛКУ Е ВСУШНОСТ НЕОПХОДНО ДА СЕ РАБОТИ НА ТОА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ИНТЕРЕСОТ ЗА ОВАА ПРОФЕСИЈА?
Заштитата на културното наследство како област на моето идно професионално ангажирање воопшто не беше опција во текот на моето школување. По образование сум инженер по биолошки науки, значи студирав на Институтот за биологија при Природно математичкиот факултет во Скопје и мојот интерес на почетокот беше насочен кон биохемијата, па дипломската работа јас работев на Институтот по трансфузиона медицина. Подоцна, како резултат на афинитетот кон-истражувачката работа, предизвик ми беше да се придружам на врвниот истражувачки тим во Центарот за молекуларна биологија и генетско инженерство при Македонската академија на науки и уметности, под раководство на професорот Георги Ефремов. Клучниот момент кој ќе предизвика пресврт во мојот професионален развој беше поканата од раководството на Националната библиотека во Скопје да ја посета нивната лабораторијата за конзервација и реставрација и да се запознам со нејзината активност. Во тој период во лабораторијата работеа првата генерација на конзерватори на библиотечни материјали, основоположници на оваа дејност во земјата и визијата на тогашното раководство беше дека овој важен сегмент од библиотечнот оработење треба да се подигне на следно научно истражувачко ниво. Мора да признаам дека одлуката за овој неочекуван пресврт не беше лесна и во прво време не бев сигурна дека го направив вистинскиот избор. Мислам дека пресудна улога одигр амојот интерес за уметноста и културата од најрана возраст, па некако почувствував дека ова е можеби убава можност да ги поврзам овие два афинитети. Работите си дојдоа на свое место кога заедно со усвојувањето на постапките за конзервација и реставрација кои тогаш беа основна дејност на лабораторијата, продолжив со истражувачката работа чиј резултат беше магистерскиот труд од областа на биолошкото оштетување на хартијата, кој беше прво научно истражување од оваа област на материјали на хартија во државата. Тогаш веќе бев сигурна дека заштитата на книжното културно наследство ќе биде мојата професионална определба. За жал, дефицитот на стручен кадар во областа на заштитата на културното наследство од секаков вид, е реалност во државата. Потребен е покомплексен и поодговорен пристап кон овој проблем, кој би подразбирал дејствување во повеќе насоки, како подготовка на интердисциплинарни високошколски програми за едукација на кадарот, обезбедување на соодветни услови за работа пред сè во националните (матични) институции и континуирана доедукација на постоечкиот кадар.
ШТО ВСУШНОСТ ПОДРАЗБИРА ПРОЦЕСОТ НА РЕСТАВРАЦИЈА И КОНЗЕРВАЦИЈА И КОИ СЕ УСЛОВИТЕ ЗА НИВНА ПРИМЕНА?
Центарот за заштита на библиотечни фондови во рамките на националната библиотека претставува централна лабораторија за заштита на материјали на хартија, пергамент и кожа во државата, што значи дека во него освен фондовите на библиотеката, се заштитуваат и материјали кои се во сопственост на други институции како музеи, библиотеки, галерии и слично, но и приватни колекции. Подолг период во оваа област акцент се става на превентивната заштита т.е. мерките и постапките кои се преземаат за да се спречи оштетувањето на материјалите, како што е контролата на амбиенталните услови во кои се чуваат материјалите, посебни протоколи за ракување и користење и слично. И покрај тоа, често влијанието на неповолните фактори е доминантно, па до оштетување на материјалите сепак доаѓа. Во вакви случаи неопходна е стручна интервенција за спречување на губењето на материјалната подлога, во случајов хартијата, мастилата, но и другите составни делови на документите со цел зачувување на информациите кои тие ги содржат. Процесот на реставрација опфаќа посебни мерки и постапки кои имаат за цел да ги отстранат оштетувањата на материјалите и со тоа ги доведат што е можно поблиску до првобитниот изглед. При овој процес често се користат и материјали кои се различни од оригиналните. Конзервацијата, пак предвидува зачувување, стабилизирање и заштита на материјалите од понатамошно оштетување со најминимална можна интервенција. Ако се има во вид дека реставрацијата е скап, сложен и неретко ризичен процес, селектирањето на материјалите кои ќе се подложат на овој третман, е одговорна задача, но секако базирана на одредени критериуми, како што се културно-историската, уметничката и научната вредност на материјалот, специфичното значењешто тој материјал може да го има за институцијата, но и степенот и видот на оштетувањето.
ПРЕД НЕКОЛКУ ГОДИНИ БЕВТЕ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ЦЕНТАРОТ ЗАЗАШТИТА И РЕСТАВРАЦИЈА И ДИГИТИЗАЦИЈА НА НАЦИОНАЛНАТА И УНИВЕРЗИТЕТСКА БИБЛИОТЕКА НА РЕПУБЛИКА СЛОВЕНИЈА ВО ЉУБЉАНА. КОЛКУ СЕ ОВИЕ ПОСЕТИ И РАЗМЕНА НА ИСКУСТВА ВАЖНИ ЗА ДА ВИДИМЕ ДО КАДЕ СМЕ ВО ОДНОС НА ВОВЕДУВАЊЕ НА НОВИНИ И ПОДОБРУВАЊЕ НА ОНА ШТО Е ПРАКСА ВО ВАШАТА ПРОФЕСИЈА?
Како што споменав и претходно, во недостаток на формално образование пресудни за професионален развој и усовршување на секој конзерватор се студиските престои во реставраторски центри и атељеа во странство, посета на работилници, стручни собирии конференции и слично. Во моето професионално портфолио можат да се сретнат посети на реставраторските центри во повеќе европски библиотеки, како националната библиотека на Италија, Австрија, Унгарија, Словачка, Ирска, Турција, Бугарија, Азербејџан и секако сите библиотеки во регионот. Од непроценливо значење е овој директен контакт со колегите во нивните работни средини, каде што не само што се разменуваат меѓусебните искуства, туку во непосредната комуникација се развиваат и предлагаат и нови пристапи и методологии. Од друга страна нашето континуирано присуство на стручни и научни собири и конференции, каде што често земаме и активно учество со излагања кои ја презентираат нашата работа, е многу важно за следење на трендовите во оваа многу динамична професија. Периодов во Центарот за заштита во националната библиотека ќе бидеме домаќини на тим од експерти од Француската национална библиотека, кои во рамки на проект поддржан од Европската комисија ќе направат скрининг на активностите и ќе изработат програми за доедукација на стручниот кадар согласно најновите достигнувања во областа на заштитата на материјалите на хартија.
СО КОИ ПРЕДИЗВИЦИ НАЈМНОГУ СЕ СООЧУВАТЕ ПРИ РАБОТЕЊЕТО? ШТО НАЈМНОГУ (СЕ РАЗБИРА, ОСВЕН ЉУБОВ КОН ПРОФЕСИЈАТА) Е ПОТРЕБНО ЗА ДА СЕ БИДЕ РЕСТАВРАТОР И КОНЗЕРВАТОР?
Чувството на одговорност и свесноста за значењето на материјалите на кои се работи, се најголемите предизвици со кои се соочува секој конзерватор. Кога на ова ќе додаде и сознанието дека и најмала грешка или невнимателност може да предизвика неповратна и непроценлива штета на вредните артефакти, ја прави оваа професија стресна и неприфатлива за секого. Конзерваторите се трпеливи и темелни професионалци, кои се во постојана потрага по нови материјали и методологии за постигнување на совршениот изглед на оригиналниот материјал. Често самиот процесна реставрација или конзервација на една ракописна или старопечатена книга може да трае и по неколку месеци, но чувството на задоволство од успешно завршената работа, која ќе биде пресудна за зачувувањето на материјалот за идните генерации, е непроценливо. Сепак морам да споменам дека мојот неисцрпен извор на енергија и мотив да се соочам со предизвиците кои оваа наизглед интересна и ретка, а во суштина многу одговорна професија секојдневно ги носи е моето семејство. Мојот сопруг Мони, моите родители, но и моите Лука и Лорија, кои иако се веќе возрасни и формирани личности и претставници на новите генерации, во секој момент ми докажуваат дека се свесни за значењето на мојата работа и ми ја враќаат надежта дека вистинските вредности можат да се пренесат на помладите ако се најде вистинскиот пристап. Да не ги заборавам и колегите од моето најблиско опкружување кои секојдневната рутина ми ја прават секогаш нова и интересна, а со својата посветеност постојано ме потсетуваат на огромната одговорност која сите ние како поединци ја имаме со работата во една ваква институција, која е стожер на културниот идентитет на нашата држава.
НУБ Е СВОЕВИДНА РИЗНИЦА НА КНИГИ И МАТЕРИЈАЛИ, ВО КОЈА СВОЕВРЕМЕНО И ОДЕВ ДА УЧАМ ДОДЕКА СТУДИРАВ. СО КАКВО БОГАТСТВО РАСПОЛАГАМЕ, КОИ СЕ НАЈСТАРИТЕ МАТЕРИЈАЛИ КОИ МОЖАТ ДА СЕ НАЈДАТ ВО БИБЛИОТЕКАТА?
Библиотечниот фонд на НУБ, како депозитна библиотека, помеѓу другото, ја вклучува целокупната македонска издавачка продукција од 1944 година до денес и издавачката продукција на територијата на поранешната СФРЈ од 1944 до 1991 г. Дел од фондот се и збирките со статус на културно наследство (библиотечни добра) почнувајќи од најстарите старословенски ракописи од 13 век, богатата збирка на ориентални ракописи на арапски, турски и персиски јазик, инку на булите и по синкунабули (првит епечатени книги) стропечатените и ретки книги и списанија, први изданија на книги на преродбеници, печатари или печатници, стар и редок картографски и нотен материјал, уметнички дела на хартија, лични библиотеки од научно или културно значење и друго. Со еден збор во три милионскиот фонд на националната библиотека се чува највредното пишано наследство во нашата држава.
ЗНАМ ДЕКА ПОРАНО СЕ СЛУЧУВАШЕ ПРИ КОРИСТЕЊЕ НА МАТЕРИЈАЛИ ОД НУБ, ПОСЕТИТЕЛИТЕ ДУРИ И ДА СИ ДОЗВОЛАТ ДА СИ ПРИСВОЈАТ СТРАНИЦА-ДВЕ ОД ОНА ШТО ИМ Е ДАДЕНО ЗА НИВНИ ПОТРЕБИ ИЛИ ИСТРАЖУВАЊА. ДАЛИ ПРОЦЕСОТ НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ПОМАГА ДА СЕ СОЧУВА ОНА ШТО Е ВРЕДНО, СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА ВО 90-ТИТЕ ГОДИНИ ЗАПОЧНА ОВОЈ ПРОЦЕС?
За жал и денес некои од корисниците на фондовите на библиотеката се однесуваат несовесно и неприфатливо. Со напредокот и осовременувањето на библиотечните услуги овие несакани случки се сведени на минимум, па се изработени прецизни протоколи за користење и ракување со библиотечните материјали, а библиотечните добра (материјалите кои имаат статус на културно наследство) се користат во строго контролирани услови во посебни читалници за таа намена и во присуство на библиотекарот или пак во дигитална форма. Неспорно е значењето на процесот на дигитализација во следењето на новите трендови во библиотечните услуги за брз и отворен пристап до информациите. Процесот на дигитализација на библиотечни и фонотечните материјали и добра, според меѓународни и национални стандарди и критериуми е приоритет на библиотеката повеќе од дваесет години. Досега се дигитализирани околу 5.000 библиотечни наслови од фондот на библиотеката со над милион дигитални објекти и тоа: старословенски ракописи, стари и ретки книги, ориентални ракописи, ретка периодика, музички ракописи, картографски материјал, разгледници, цртежи, графики и друго, од кои дел се достапни и на порталот на Дигиталната библиотека на РСМ (dlib.mk).
ОРГАНИЗИРАТЕ И ПОСЕТИ ОД УЧЕНИЦИ, НА КОИ ГИ ЗАПОЗНАВАТЕ СО РАБОТАТА НА БИБЛИОТЕКАТА ОД МНОГУ АСПЕКТИ. КОИ СЕ НАЈЧЕСТИТЕ ИНАЈ ИНТЕРЕСНИТЕ ПРАШАЊА КОИ ГИ ПОСТАВУВААТ ДЕЦАТА, ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА ВО ЕРА НА КОМПЈУТЕРИ И ПАМЕТНИ ТЕЛЕФОНИ, СЕ’ ПОМАЛКУ ФАЌААТ В РАЦЕ КНИГА ВО ХАРТИЕНА ФОРМА?
Во рамки на библиотечните услуги кои ги нуди библиотеката се и групните посети на ученициод основните и средните училишта, студенти од домашните и странските универзитети и други заинтересирани групи на граѓани, при што според однапред утврдена програма, но и врз основа на специфични барања од посетителите се изработува Програма за запознавање со библиотеката, нејзините услуги и фондови. Се разбира, во последниот период за еден библиотекар кој работи со корисници (особено од помладите генерации) сè поголем предизвик е да го привлече и задржи нивното внимание. За оваа цел се користат повеќе различни пристапи кои се менуваат и адаптираат согласно возраста и интересите на корисниците. Така уште на почетокот се врши внимателна селекција на информациите кои мораат да бидат кратки и концизни, се избира начин на презентација кој е близок до нивниот начин на комуникација, се употребуваат современи паметни алатки и социјални медиуми и слично. Често со помали групи на ученици или студенти организираме интерактивни работилници на теми кои се претходно одбрани или се дел од наставната програма, при што учениците имаат единствена можност да видат ракописи стари повеќе векови, да ја чујат нивната приказна (како настанале и како стигнале во нашите колекции), па дури и да откријат некој скриен натпис или детал. Мислам дека во јавноста е познат и нашиот проект „Млад свети климентов универзитет“ кој повеќе од една деценија преку организација на работилници за рачна изработка на еколошка хартија, на тродимензионални предмети од хартија, работилници за изучување на глаголицата и филигранската техника на повеќе стотини ученици, студенти и заинтересирани граѓани
им го приближи пишаното културно наследство, а во исто време им овозможи и да се стекнат со нови вештини кои можат да ги користат и во секојдневниот живот. Иако ги имаме во предвиди нтересите на денешните млади генерации, лесната и брза достапност до информациите и големата улога која технологијата ја има во нивниот секојдневен живот, често сме пријатно изненадени од нивната заинтересираност, но и од нивното знаење или незнаење на факти и информации кои според едукативните програми се наменети за нивната возраст. Во однос на прашањата кои ги поставуваат можам само да ви откријам дека скоро на секое одржано предавање, презентација или работилница во рамки на мојата дводецениска работа со корисници, имало по некое прашање или забелешка кои ме изненадиле и ме натерале на дополнително размислување.
ШТО НАЈЧЕСТО СЕ ПРЕБАРУВА ВО БИБЛИОТЕКАТА И ЗА КАКВИ ЦЕЛИ?
Националната библиотека согласно природата на својата дејност е институција чии фондови се користат исклучиво во читалниците наменети за корисниците. Ова е причината поради која нашата корисничка структура е претежно составена од научни работници, студенти, граѓани од различен професионален профил и институции кои фондовите на библиотеката ги користат најмногу заистражувачки цели. Се користат и се пребаруваат материјали од сите области на човековото знаење, но приматот во моментот го имаат општествените науки, како економски, политички, правни, менаџмент и психологија, но и компјутерската техника и информатиката, архитектурата и други.
ВИЕ СТЕ ДЕЛ ОД ПРВАТА МАКЕДОНСКА ЖЕНСКА РОК ГРУПА РОЈАЛ АЛБЕРТ ХОЛ, ОФОРМЕНА УШТЕВО 1988 ГОДИНА ОД ВАС, ТАЊА РАДОНИЌ И ВЕСНА ТЕРЗИЕВСКА (А ПОДОЦНА СЕ ПРИДРУЖУВААТ МАРИНА МИЧИЌ И БРАНКА КОСТИЌ МАРКОВИЌ). ГО ПАМЕТАМ ПЕРИОДОТ КОГА СЕ ПОЈАВИВТЕ И КОГА НАПРАВИВТЕ БУМ СО САМОТО ТОА ШТО ПОКАЖАВТЕ И ДОКАЖАВТЕ ДЕКАНА СЦЕНАТА И ТРЕБАШЕ ТОКМУ ЕДНА ВАКВА ЖЕНСКА ГРУПА. ШТО БЕШЕ ЗА ВАС РОЈАЛ АЛБЕРТ ХОЛ?
Јас сум со и во музиката од најраната возраст. Потекнувам од музикално семејство во кое речиси сите убаво пееја или свиреа, па свирењето на мојот прв инструмент-мандолината го совладав на неполни десет години. Токму тој инструмент ќе биде главната причина поради која Младинскиот културен центар (или тогашен Дом на млади) ќе стане мојот втор дом. Во овој епицентар на сите културни случувања во Скопје во тој период, со моите другарки од детството го впивавме секој атом на креативна енергија, па некако логично се наметна потребата од пасивни набљудувачи и поддржувачи на музичката сцена да преминеме во активни учесници. Бевме многу млади, музички едуцирани и длабоко навлезени во тој музички свет, па не можевме да претпоставиме дека целта која ја зацртавме нема да биде така лесно остварлива. Нашата упорност и решителност се исплатија, па по неполна година преговори, договори и убедувања првата македонска рок група составена исклучиво од девојки беше формирана. Но колку што беше тешко да се состави бенд кој ќе ги има основните услови за музицирање (инструменти, појачала, простор за вежбање и слично) можеби уште потешко беше да се одржи. Така низ бендот поминаа многу девојки (познати инепознатии миња од македонската музичка сцена), но нашата желба за создавање музика, но и волја да докажеме дека во тој претежно машки свет има место и за девојки, беа доволни за да опстанеме. Оваа добиена борба, за која можеби тогаш и не бев докрај свесна, ќе биде пресудна за развој на една идеја на која во понатамошниот живот многу често ќе се навраќам, а тоа е дека секоја цел е достижна ако во нејзиното остварување се вложи доволно труд и упорност.
НА „РОК-ХЕПЕНИНГ“ ИМАВТЕ МОЖНОСТ ДА СВИРИТЕ СО КУЛТНИТЕ ГРУПИ ФИЛМ, ЕКВ, МАСИМО, ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ. КОЛКУ ВАКВИТЕ НАСТАПИ ВИ ДАДОА ВЕТАР ВО ГРБ И ШТО ЗНАЧЕШЕ ВО ТОА ВРЕМЕ ДА СЕ БИДЕ ПРВ ЖЕНСКИ БЕНД ВО МАКЕДОНИЈА? ДАЛИ БЕВТЕ СФАТЕНИ СЕРИОЗНО ИЛИ СЕСУДИРАВТЕ СО ПРЕДРАСУДИ?
Не сакам да звучам носталгично, но периодот на создавањето и делувањето на Ројал Алберт Хол (крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите) за мене е златното време на македонската и југословенската алтернативна музичка сцена. Ноќниот живот во Скопје беше многу богат и исполнет со концерти, свирки, хепенинзи и слично, на кои младите бендови имаа можност за чести настапи рамо до рамо со познатите имиња на тогашната југословенска сцена. Имаше бројна и компетентна публика, а ние, мора да признаам од првиот момент бевме нејзини миленици. Музичката критика на почетокот беше помалку воздржана, што беше потполно разбирливо имајќи ја во предвид нашата младост, музичкото неискуство и недостатокот од квалитетни инструменти и опрема. Наспроти континуираното убедување и докажување со родителите, но и професорите дека немаме намера да се откажеме од бендот, комплетна поддршка уште во првите моменти имавме од нашите колеги музичари. Иако имаше и негативни коментари, имав чувство дека македонската рок сцена во тој момент како да го очекуваше појавувањето на еден ваков бенд, бидејќи тоа веќе беше тренд во светот и регионот. По првичниот шок потоа зад нас со комплетна поддршка застанаа и нашите родители, па со нови инструменти и опрема почнавме посериозно да вежбаме и да настапуваме. Кулминација беше настапот на фестивалот „Омладина 90“ во Суботица, еден од најпрестижните рок фестивали во тогашна Југославија, кога настапивме како претставници од Македонија.
ВО 2018 ГОДИНА КАКО ГРУПА СЕ ПОЈАВИВТЕ ПОВТОРНО НА ЖЕНСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ОД РЕБРО ДО РОКЕНРОЛ“. ИМАВТЕ ЛИ ТРЕМА ИЛИ САМО ПРОДОЛЖИВТЕ ОНАМУ КАДЕ ШТО ЗАСТАНАВТЕ?
Во нашите приватни разговори одреден период срамежливо се спомнуваше идејата за реоформување на бендот, но до конкретни иницијативи не дојде. Поканата на Александар Ристовски – Принц да настапиме на првото издание на фестивалот од „Ребро до рокенрол“, чија цел беше промоција на бендови составени исклучително од женски музичари, изгледа беше поттикот кој долго го чекавме. Уште при првото спомнување на идејата за фестивалот, мене ми беше јасно дека ќе одговориме позитивно. Го почувствував онаа исто чувство на возбуда пред настап, кое го имав подзаборавено последните триесет години. И тогаш повторно дојде до израз нашата упорност и цврста волја која и на почетокот беше пресудна за формирањето на РАХ, па во следните два/три месеци во набиените распореди беше вметнат и терминот за проба со бендот. Поддршката од семејствата, но и од Принц и Гоце (Стевковски) кои несебично помогнаа со опрема и простор за вежбање резултираше со настап кој според мислењата на дел од публиката и критиката беше најдобар настап на РАХ во досегашната кариера. Пред настапот во поголема или помала мерка кај секоја од нас се чувствуваше тремата, но по завршувањето на концертот огромното количество на позитивна енергија која ја добивме од публиката и возбудата поради повторното пренесување на емоциите од подзаборавените песни, направија да се чувствувам како никогаш да не сум се симнала од таа сцена, како паузата од триесет години никогаш да не постоела.
ШТО ПОНАТАМУ СО РАХ (РОЈАЛ АЛБЕРТ ХОЛ)? ДАЛИ МОЖЕБИ ЌЕ НЕ’ ПОЧЕСТИТЕ СО НОВИ ПЕСНИ, АЛБУМ, КОНЦЕРТ?
За мене приказната на Ројал Алберт Хол не е завршена. Верувам дека покрај нашите бројни професионални и семејни обврски ќе најдеме сила, желба и време да создадеме нешто ново или во најмала рака да ги преснимиме старите песни во нова и современа продукција каква што заслужуваат. Голем поттик за тоа е сознанието дека публиката и покрај нашата комплетна неактивност од околу дваесеттина години сè уште ги препознава нашите песни, а тука е и одговорноста која ја чувствуваме кон оние генерации на пред сè, женски рок музичарки, кои израснале со нашата музика.
АВТОР СТЕ НА ТЕКСТОТ НА ПЕСНАТА „ЗНАЦИ ВО МЕНЕ“ НА ГРУПАТА SOUNDEDGE. СЕ ЧИНИ ДЕКА СЕПАК МУЗИКАТА (ПА ДУРИ И ПИШУВАЊЕ ТЕКСТ ЗА НЕА) ОСТАНУВА КАКО ХРАНА НА ДУШАТА. КОЛКУ Е УМЕТНОСТА НЕОПХОДНА ВО НАШЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ, НЕ САМО ОД АСПЕКТ НА СОЗДАВАЊЕ НА ИСТАТА, ТУКУ И ОД АСПЕКТ НА НЕЈЗИНОТО ВПИВАЊЕ?
Соработката со SOUNDEDGE датира уште од нивните почетоци при подготовката на првиот албум, на кој учествував во изработката на некои од текстовите на песните, а потоа 2019 год. заедно ја снимивме песната „Ден и ноќ“ за која го напишав текстот и ја испеав главната вокална линија.
Мојата љубов кон бас гитарата, инструментот кој го свирам и отсекогаш ме фасцинирал, во текот на целата моја музичка кариера била засенета и од мојата втора љубов – пеењето. Иако од мојата најрана возраст секогаш сум сакала да пеам (особина која ја наследив од татко ми), моето претставување пред поширока публика почна сосема случајно кога при недостаток на вокалистки во бендот бев принудена на повеќето настапи, а и студиски снимки да го испеам главниот вокал на песните на РАХ. Со текот на времето оваа моја пасија се развиваше, па во последниот период се повеќе во мојот фокус е проучувањето на различни вокални техники и експериментирање со истите. Музиката е неизбришлив дел од мојата личност и на моменти свесно или несвесно ја ставам во втор план, таа секогаш наоѓа начин повторно да се врати.
КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛЕ ДА СПОДЕЛИТЕ ЗА ЧИТАТЕЛИТЕ НА ЖЕНСКИ МАГАЗИН, А НЕ СТЕ ГО КАЖЕЛЕ НИКОГАШ ДОСЕГА ВО НЕКОЕ ИНТЕРВЈУ?
Со завршувањето на моето активно занимавање со музика и започнувањето на професионална кариера сè поретко давам интервјуа за медиумите и затоа сакам да ви се заблагодарам за можноста да кажам дел од мојата приказна за читателите на Женски магазин. Се надевам дека таа ќе биде инспирација за помладите генерации да се нурнат во тајните на овие не толку експонирани професии, но исклучително важни и соодветно ценети во светот.
Фото:Станимир НеделковскиЗа крај... драга Зорица, ми беше чест и задоволство што одвоивте време за овој бисер кој го стокмивме заедно. Ви подарувам само еден стих кој чинам дека е есенцијата на сѐ што го живееме.
Да се радуваш на денот
Да му се насмееш на животот
Оти каков и да е, твој е
И во твоите раце е одлуката дали ќе си го направиш поубав
Радувај му се на животот
Радувај му се на секој миг
Радувај му се безобразно многу
Со сите сетила и на сите начини
Диши љубов
Дај љубов
Биди љубов
Биди Ти
За Женски магазин,
Ана Бунтеска