Talk to me...dirty
Седнати на Jameson и кикирики во неврзан муабет за се’ и сешто кој секогаш изобилува со доза на смеа, тага, хумор и сурова вистина, една моја блиска и драга личност ми кажа една интересна работа на која имав заборавено:
“Остави ги луѓето да зборуваат Анио, така ќе дознаеш многу за нив”. (Да, Анио или Анино ме вика, зависи од расположението и моменталната инспирација).
Нејсе, ме натера да го измозгам ова. И не мислеше на она зборување кое е уствари дијалог меѓу двајца, туку токму на она што се случува меѓу два такви муабети, кога од рандом истресени работи кои веднаш ги забораваме може да ни стане кристално јасно со кого си имаме работа. Навистина, еве барем јас признавам дека кога разговарам со некого, многу често низ уши ми претрчуваат некои изјави и зборови, без да обрнам внимание, оти сум сконцентрирана на одредена тема.
Природата ни дала моќ да можеме да ги артикулираме нашите мисли и да ги преточуваме во зборови. Како старееме и низ животот минуваме низ секакви ситуации преку кои се формираме и челичиме, така ни се полнат и умовите, па и потсвеста. Скоро секогаш, она што излегува од нас “сосем случајно” е одраз на она што сме го потиснале од предрасуди, срам, страв или, во најлош случај, лошотилак.
Секој има потреба да се прикаже пред остатокот од светот во најдобро светло. Глумата која ја презентираме надвор почнува да станува дел од нас, до степен кога веќе и сами не знаеме кои сме и што сме. И тука настанува пеколот. Лаги, прикривања, делумна вистина (на грамови). Па најлошо е кога си имате работа и со совршено изверзирани глумци и глумици, па или никогаш не ја дознавате вистината или ја дознавате после 4 пива или 5 ракии кога сами си летаат зборовите.
И бидејќи секогаш сакам она што го пишувам да е поткрепено со факти, а богами и од лично искуство, одиме вака.
Имав пријателка која многу сакаше да оди по гости, ама многу. И некогаш и сама си се канеше, без оглед на туѓите обврски. Нејзината природа беше таква што секаде си се осеќаше како дома, да се раскомоти, да си отвори фрижидер, да си пушти или исклучи ТВ. Интересно беше што низ годините никогаш никого не викаше кај неа дома, иако имаше можност. Секако, не сме деца од 10 год па да трчаме и да им тропаме на комшиите или низ тераса да фрламе балони полни со вода. Еднаш, во една прилика ја прашав зошто не не’ повикала кај неа. Одговорот, кој патем речено беше проследен со вменато “па искрено да ти кажам” беше за да не и’ “буричкаме дома”!
Во прв момент не обрнав внимание на изразот. Дури и се поднасмеав, за после извесно време да ми дојде пак тоа во главата. Буричкање по дома!
На смеа и просто неволно, од неа излезе мислењето за луѓето кај кои одела, јадела, пиела и се дружела. Таа личност едноставно само си го користела комодитетот кој сме и’ го дале како залог на пријателство и да простите, си го подзабришала задникот со нашата доверба. Ми се згади. Никогаш повеќе не ми стапна дома и станав пребирлива кому ја отворам вратата во мојот свет. Па дури, после некое време ми беше префрлено зошто веќе не ја викам на гости. Нормално, луѓето без осет едноставно не знаат каде е границата до која одите и застанувате.
Сакате друг пример?
Еден познат имаше афера која траеше со години. Ма тоа љубов, ма тоа ќе се убиваше за дотичната, па тоа се редеа миксови од алкохол и апој, па не знам какви сцени со бркања по паркинзи, ред солзи-ред мрсули, со еден збор драма невидена. Кога веќе се испостави дека тој однос нема каде да оди ако нешто не се смени во нивните животи (и двајцата со обврски, деца итн), фраерот трт-мрт, почна со оние банални изрази кои во секое љубовно романче веројатно можат да се најдат, а кои служат ем за да ја задржат особата со која се, ем за да не си го пореметат животот. А најголемата смешка беше што уствари и не се криеја премногу. И на сето тоа повлечи-потегни, нејзе еден ден и’ пука филм (оти жена ко ќе се вљуби, не останува некаде каде што некого не сака) и го седнува да разговараат дали сето тоа да се прекине додека е време. И аргументи на маса...од кои тој за да избега, на нејзиното прашање ако некој ги види и го праша што му е таа, испукува едно НИШТО и НИКОЈА. Крајот да ви го раскажам или нема потреба? Да речеме дека во нејзините очи алфа-мажјакот стана едно најобично глувче. Згора на се’, тој навистина ја претстави неа како една “лудача која го прогонува”, оти нели, градов е мал а во него сме сите...па несомнено дека нивната афера беше разоткриена.
Во момент на еуфорија, страв, слабост...луѓето несвесно кажуваат што мислат и кои се. Колку пати се има случено да им излета нешто за распуштеници, па после да се пегла дека било зезање...не бре, тоа си е вашето мислење за категорија на жени кои се разведени. Точка. Барем имајте доблест да ме гледате во очи и да го повторите. Никому ништо не излетува туку така од устата.
За да излезе низ уста, треба да го има во умот.
Ушите држете ги отворени. Внимавајте на знаците кои ви се пред очи и кои, без исклучок, секогаш ги има. Памтете дека не треба многу за да ја дознаете вистината за некого. Треба само внимателно да слушате и да го гледате соговорникот.
Дали сум наседнала? О, да. И тоа како учениче од прво одделение.
И повеќе ме мачи тоа што сум свесна дека сум одбивала да ги чујам рандом кажаните работи. Дека сум дозволила само да минат низ мене. Од страв дека нема да бидам сакана како човек, пријател, партнер...јас, која ракувам со зборовите, си дозволив да ја потценам нивната моќ. И кога велам моќ, не мислам само на тежината на самиот збор, туку на едно целокупно дејство кое оцртува нечиј карактер.
Насловот на колумнава не е случајно одбран. Зборувај ми валкано или, “не ми глуми оти и онака еден ден низ устата ќе ти излезе вистината или она што потсвесно го сакаш или не”.
Зборувајте ја вистината, оти таа еден ден сама ќе излезе од вас без да ве праша дали сакате или не. Чудна “направија” е умот, некогаш сам си тера некои свои патишта.
И не заборавајте да се заштитите себе, затоа што никој нема да го стори тоа наместо вас. Одговорни сте за својот мир и ментално здравје. Подалеку од оние кои ве цицаат и кои на прва кривина ќе ве изрешетаат со зборови кои “ама сами ми излетаа, не мислев така”. Да, излегле сами...ама не е дека не мислеле така. Напротив.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Велат, чоек тежи колку што му тежи зборот
и ниту еден бадијала не е кажан
оти не е ко да земиш песок в рака
и да фрлиш низ ветар
а не е ниту капка вода
па да пуштиш в река низводно да оди
оти зборот тежи
некогаш ко планина на плеќите да носиш
или синџир на нозете врзан
а пак некогаш е лесен ко љубовен здив
ко детски шепот за лесен сон
чоек тежи токму онолку колку што зборот му тежи
за да стои зад него
за гордо и пред него да застани
и право во очи да те гледа
оти ако се само така кажани
тогаш се камчиња без ред истурени
наместо мозаик од нив да се стори
да заличи, од убост да блесни
ете затоа не се ломоти џабе
ниту љубов се истура преку нив
барем не онаа зад која не можиш да застаниш
и пред неа да стоиш за да ја одбраниш
затоа “те сакам” не се само обични букви
ниту само два збора колку да ги изустиш
тие се борба и труд
тие се универзум од двајца
и приказна во која среќен крај има
тие се почеток и крај
првата заедничка смеа и последниот здив
рака в рака
уста в уста
така само вредност имаат
и не се плукнати колку времето да се пополни
или колку устата да си ја исплакниш
оти чоек вреди само толку
и ниту ситна паричка појќе
отколку што зборот му вреди
и на душата му тежи
а на срцевиот кантар ставени
твоето “те љубам”
и моето “ме болиш”
на тој кантар измерени
мојот бол е потежок од љубовта твоја
ете затоа со чоек нежен треба да си
и со раце и зборој да го галиш
оти се’ поминува
и се’ низ годините ќе одмине
освен тежината на зборот што си го кажал
сум го кажала
оти и ти и јас тежиме ниту грам повеќе
од она колку што зборовите ни тежат
во срцето
во душата
во љубовта