Тања Лазаревска: Две недели по смртта на татко ми имав настап, микрофонот ми беше лек за болката
Физичкото заминување на блиските луѓе од овој свет остава голема празнина и уште поголема болка во душата. Веќе ништо не е исто како порано, а спомените како на филмско платно прелетуваат низ просторот и ги бришат жешките солзи. Кога ќе загубиш некој близок е исто како кога ќе откинеш јаболко од јаболкница. Сé е исто, само нешто недостасува.Во тие мигови, тишината е најголемото засолниште.
Пејачите и музичарите се единствените што во тие мигови тагата ја претвораат во песна и така пловат низ морето наречено живот. Нивната професија им наложува секогаш да бидат весели и насмеани. Пеат да ги расположат другите, и во миговите кога им е најтешко. Познатата фолк пејачка Тања Лазаревска го загуби својот татко за Велигден во 2011 година, но само по две недели повторно се врати на сцената.
- Вечерта кога татко ми почина имав настап во Гостивар. Го откажав, тоа беа најтажните моменти во животот. После две недели имав настап кој беше претходно закажан, можев да го откажам, но не го сторив тоа. Знаев дека микрофонот ќе ми биде лек за големата болка. Кога се качив на сцената и почнав да пеам, се обидував да бидам весела и да се контролирам да не заплачам, за да не го нарушам расположението на луѓето. Направив убава атмосфера. Кога му кажав на газадата на локалот за мојата болка, тој не можеше да поверува колку професионално го изработив мојот настап - открива Лазаревска.
За неа пеењето и музиката се лек за тагата. Настапите ја полнат со позитивната енергија.
- Единствено заплакав кога настапив истата година на „Прилеп фест„ Таму ја пеев песната „Мојот ангел„ која му ја посветив на татко ми. Болката и емоциите ме победија. Му благодарам на Господ што ми даде ваква дарба да пеам и да ја работам оваа работа. Животот е падни- стани. Кога ми е тешко, а сум дома се случува да се однесувам поемитовно и да се расплачам на моменти. Но, само што ќе тргнам на настап го исклучувам „копчето за емоции„ и по автоматизам станувам весела и расположена за песна - појаснува таа.
Лазаревска со сопругот Новица Василевски кој исто така е пејач и двата сина, шест години живеат во Мелбурн, Австралија.
- Сé средивме и имаме сé што може да го направи нашиот живот стабилен и клвалитетен. Сé уште ја го работиме тоа што најмногу го сакаме и во кое сме најдобри – пењето и музиката.Паралелно работиме и нешто друго. Времето секогаш ми минува квалитетно, зашто знам тоа да го направам најдобро. Пеам, се дружам, шопингувам. Со еден „ скромен“ збор уживам во сите благодети. Само ќе кажам - какви ти се мислите, таков ти е животот- вели пејачката.
Соња Алексоска Неделковска