Татко е оној што се грижи, а не оној што го создал детето: Искрено со Сузана Турунџиева
Откако пред четири години почина нејзиниот сопруг Марјан, Сузана Турунџиева утехата ја наоѓа во пишувањето. Книгата која му ја поствети нему почнала да ја пишува само еден ден по неговата смрт. За своето најновото издание „Зборотерапија“, познатата водителка, пејачка, сега и наставник по музичко образование, вели дека е потрага по нејзиното сопствено јас.
Сузана искрено зборува за моментите кога ненадејно почина нејзиниот сопруг, за сите лоши и добри искуства од кои учи, за музиката и за новата песна со силна посвета, ќерките, но и за таткото за нејзината постара ќерка Лора, Александар Маленко.
Последниве месеци, незјзината најголема љубов е внукот Јаков, за кој вели дека е единтвениот маж кој ѝ го заробил срцето.
* Која ти беше главната инспирација да ја напишеш новата книга „Зборотерапија“, раскажи ни повеќе детали за книгата.
-„Зборотерапија„ е финалниот производ на мојата долгогодишна потрага по сопственото ЈАС... Тоа е разговор со мојата душа... Одговори, кои ги откривав одејќи по најдолгиот и најтешкиот пат... Патот до себе, не заобиколувајќи ниту една кривина. Без шорткат и без отстапки. Како што одлучил животот – така!
*И убави нешта и големи загуби те следеа низ животот, која е твојата најдобра терапија кога ти е тешко?
- Животот е непредвидлива авантура во која не влегуваш со упатство за живот. Не постои правилник за живеење. Нема видео упатства. Не може ни гугл да ти помогне. Но, ако свртам поглед наназад, (а не го сакам тоа) во мојот живот, мене ми се случуваа „сценарија“ кои многумина ни на филм ги немаат видено. Јас сето тоа го доживеав, и го преживеав. И останав на нозе. Насмеана, распеана и благодарна на животот за секое искуство кое ми беше дадено. Терапија ми беа семејството, моите деца, сега и моето внуче, мајка ми како столб и потпора на сите нас, и секако музиката која никогаш не ме напушти, дури и тогаш кога јас ја напуштив нејзе. Тие се мојата терапија, и поради нив јас не престанав секоја солза да ја претворам во насмевка, и секоја болка и тага да ја лекувам со музика. Дури и во моментите кога бев скршена од болка. Музиката ме држеше „за рака“ и ме постетуваше дека е тука, и дека секогаш ќе биде со мене, до мене, во мене, за мене...
* Велиш дека зборовите во твојата книга се лек, иљач, веруваш ли дека разговорот со психотерапевт помага кога на луѓето им е тешко, си побарала ли некогаш стручна помош?
- Јас лично никогаш не сум била на психотерапија, ниту сум побарала стручен совет од психотерапевт, но затоа сум посетила многу семинари, предавања и работилници за личен раст и развој каде имав можност да научам и применам многу техники благодарение на кои непрестано добивам можност да го менувам и подобрувам мојот светоглед, да се себеспознавам, да ги совладувам успешно непријатните доживувања, да го исклучам минатото и се што ме вознемирува од него, и да се трудам максимално сите пречки да ги претворам во мостови. Таму, во контактите и разговорите со тие луѓе - предавачи и тренери за личен раст и развој сфатив колку голем иљач – лек умее да биде зборот, кажан на вистински начин, во вистинско време и на вистинско место.
* Пред четири години ја загуби љубовта на твојот живот, кои ти се највредните спомени на твојот покоен сопруг?
- Ах, има толку многу спомени... Се трудам да ги негувам и да ги сочувам од заборав сите... Веројатно затоа и требало да ја напишам книгата „Не вели збогум“ (која ја промовирав на 40от ден од смртта на Марјан) каде се овековечени најсреќните и најтажните спомени од Марјан. Во тие редови кои и сама незнам како успеав да ги испишам во тие тешки и тажни денови, помеѓу секоја буква има по една солза. Почнав да пишувам утредента, после погребот на Марјан, и не престанав да пишувам 25 дена. Без престан... Веројатно, тоа беше мојата терапија, и единствен начин да ги преживеам тие празни и болни денови и ноќи...
А Марјан? Марјан беше човек кој ме сакаше повеќе од сопствениот живот... Ако некој маж некогаш сакал жена, тогаш тоа е Марјан!
* Што те крепеше во најтешките мигови, кој најмногу ти помогна околу грижата за децата и грижата за самата себеси?
- Ни сама не знам како успевав да стојам на нозе тие први недели, месеци... Роднините, мајка ми, децата беа постојано тука, и само помислата дека им требам, дека не смее ништо лошо и мене да ми се случи, ме држеше во исправна состојба... да не полудам. Знаеш, ние самохраните мајки немаме таква привилегија да кукаме, да се жалиме и да молиме некој да не разбере и да ни помогне. Сè додека некој чека на нас и зависи од нас, ние мораме да бидеме силни и подготвени да опстанеме и преживееме во џунглата наречена живот!
* Можеш ли, и сакаш ли во скоро време или во иднина да се замислиш со нов маж покрај себе?
- Дефинитивно не. Мојот фокус е сега целосно ставен на моите деца, на нивната иднина, образование и навистина не би можела да замислам такво нешто. Имам малку, но доволно пријатели кои го прават мојот живот убав и осмислен, така да такво нешто не гледам во блиска иднина. Но со оглед на тоа што мојот живот е преполн со изненадувања, кој знае?!
* Како е твојот внук Јаков, ќерката, зетот, колку често се гледате во услови на коронакризата?
- За жал не се гледаме многу често, но затоа уживаме во секоја прилика кога ќе ни се даде можност да бидеме заедно. Дистанците и стравот од можни компликации го направија своето, и сите се трудиме да почитуваме мерки за максимално да исклучиме некаков ризик.
Јаков е единствениот маж кој ми го зароби срцето. Тој ме има „купено“ за цел живот. Неговата насмевка, прегратка, особено неговиот мирис, се најголемиот подарок за мене.
*Дали си во контакт со поранешниот сопруг Александар Маленко. Медиумите често се интересираат за неговиот однос со ќерката Лора, дали одржуваат контакт?
- Не сме во контакт подолго време и не знам воопшто ништо за него. Ни каде е ни што му се случува. Колку што знам ниту Лора нема контакт со него. После многу обиди од нејзина страна, да го потсети дека му е ќерка и дека има потреба од него, мислам дека конечно се откажа, иако длабоко во мене знам дека ѝ е многу тешко и дека еден дел од неа секогаш ќе тагува што е тоа така. Но, никого со сила не можеш да го принудиш да биде татко. Со сила убавина не бива! Татко е оној што се грижи, а не оној што го создал детето.
* Колку години има помалата ќерка Матеа, за што е талентирана?
- Матеа има 11 и пол години и е многу талентирана за јазици, балет и сака музика. Има посебен талент за раскажување, пишување, имитирање и ужива да помага по дома во сите домашни работи. Исклучително е грижлива и одговорна по карактер, така да јас имам верна асистентка која ми е потсетник за сè и сешто. Свири и клавир, и неверојатно брзо совладува нови композиции.
* Родителите често учат од децата, што научи ти од твоите ќерки?
- Можеби нема да ми веруваш, ама јас сè уште учам, и секојдневно се вчудоневидувам колку работи не знам! Учам да не ја изгубам волјата во ниеден момент, да не ја изгубам насмевката, да не покажувам слабост пред децата, да не губам надеж, да не се разочарувам и да верувам дека после секој дожд доаѓа сонце. Исто така учам да имам разбирање, да бидам трпелива, одмерена и благодарение на улогата која ми ја додели животот - да им бидам и мајка и татко, научив да бидам зборотерапевт.
* Во моментов немаш ТВ ангажман, сега си наставник во основно училиште, каде предаваш, каков однос имаш со децата и како се снаоѓате во време на онлајн наставата?
- Да, во моментов немам ниту еден ТВ ангажман, иако повремено соработувам со Наша тв. Предавам Музичко образование во ОУ „Гоце Делчев“ на основци од 6 – 9 одделение.
Не можам да ти кажам дека уживам во онлајн наставата која ни ја наметна пандемијата, но среќна сум што успеав да ги совладам основните чекори за организирање на настава преку националната платформа и да истражам се, за часот да ми биде осмислен, содржински богат и доволно интересен за учениците. Кога се сака – сè се може! Оваа година, како никогаш претходно наставниците се ставени пред големи предизвици и затоа, очекувам и родителите да имаат разбирање и да ги поддржат.
Соработката со учениците е одлична. Жалам што сме принудени од далечина да комуницираме, но дури и така се трудам часовите по музичко да им бидат награда и релаксација после сите други часови.
* Музичарите, твоите колеги те оценуваат како еден од најквалитетните домашни оперски гласови. Зошто не ја продолжи кариерата во таа насока?
- Веројатно животот имал поинакви планови за мене. Всушност, во мојот живот ништо не беше според планот и очекувањата... Сигурно има причина зошто е тоа така. Јас само ги следев знаците, ги отстранував пречките и гледав напред... Ниту тогаш, ниту денес, не се вртам назад... Минатото нема ништо ново што да ми каже.
* Одамна не сме слушнале песна од тебе, размислуваш ли на таа тема повторно да снимиш нова песна и да бидеш музички поактивна?
- Секако, музиката е присутна постојано во мојот живот, и не постои ни ден без песна... Дури и кога тоа не го правам јавно, јас и музиката си закажуваме „состаноци“... Наши, интимни!
Новата песна ќе ја чуете наскоро. Автор на музиката и текстот е Валбурга Батева, сопруга на покојниот Момо Николовски – еден од најдобрите пеачи на нашата естрада, кој си загарантира почесно место во музичката ризница. Аранжманот го спрема маестро Ливрински. Песната е посветена на Момо, и во неа се вткаени неверојатни емоции, љубов, недостигање, непребол, но и надеж дека дури ни смртта не може да ги раздели оние кои вистински си припаѓале еден на друг, како Момо и Буги.
Милица Џаровска