Таткото на Ламбе за Женски магазин: Син ми е добар

Добивај вести на Viber

фото:Facebook/Instagram

„Ламбе е добар“, вели  за Женски магазин Лазар Алабаковски, таткото на познатиот поп-пејач, кој живее во нивната семејна куќа во преспанското село Љубојно. 

Таткото на Ламбе, изминативе денови му даваше на својот син поддршка на социјалните мрежи, откако тој беше обвинет за подметнатиот пожар во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. 

На Ламбе му е укината мерката домашен притвор, и одземен му е пасошот, тој е сега со своето семејство во Битола, каде што живее од минатата година, по враќањето од САД.

Лазар, таткото на Ламбе кусо одговори на нашата порака не сакајќи да зборува за понатамошни детали околу судската постапка на синот. 

-Ви благодарам многу за искажаните зборови. Ламбе е добар а за натамошна постапка и за Ваша информација не би ви кажал ништо, имајте убав ден“, е пораката која ја добивме од Лазар Алабаковски.

Познатиот пејач, откако му е укината мерката домашен притвор, е можно да настапи на традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер“, како што најави кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Откако граѓаните остро регираа за настапот на Јелена Карлеуша на социјалните мрежи, градската власт во Каварадци го откажа нејзиниот настап на оваа манифестација.

Ламбе минатата година по седум години поминати во САД се врати во Македонија и оттогаш, со семејството живее во Битола. Интензивно настапуваше во познат битолски локал, а настапи и на фолк-фест „Валандово“ еден ден откако се случил пожарот.

- Народната музика, едноставно е во гените на македонскиот народ. Така што апсолутно не станува збор за премин во фолкери. Имајќи предвид дека песната е напишана од врвни еминентни и докажани музичари, кон кои имам голема почит, Миле Барбаровски кој ги направи музиката и аранжманот и Ѓорѓи Барбаровски кој го напиша текстот. одлучив дека сега е вистинскиот момент да се направи и сними песната “Нема Збогум“, изјави Ламбе за Женски магазин пред да настапи на фестивалот во Валандово.

Тој во наше претходно интервју нагласи дека иако живее во Америка, срцето му е во Македонија и едвај чека да си дојде дома.

Ламбе доби голема поддршка на социјалните мрежи од јавноста по пожарот во бугарскиот клуб вои Битола. За Женски магазин, тој минатата година изјави дека дома чувството е неописливо со зборови. 

-Благодатно, исполнето, душата на место и секако носталгијата е побиена, ја снема! Среќни сме сите многу, кога си отсутен повеќе време учиш сè повеќе да цениш што е татковина и дом, ни изјави тогаш Ламбе.

Во Велигденското интервју, тој зборуваше за својот татко и за родното село Љубојно.

-Татко ми кој веќе е пензионер живее таму и често со мојот постар брат и семејствата одиме да го посетиме, да сработиме нешто и дружиме на некој ден, и често завршуваме со песна. Во родниот крај чуството е секогаш силно и убаво, имам среќа што Љубојно е опколено со преубава природа, планини, реки, езеро, и тоа навистина одлично нè релаксира сите од градскиот метеж.“

М.Џаровска