Те сакам, но не повеќе од себеси
Те сакам, но не повеќе од себеси
Љубовта е чудесна и застрашувачка. Едно од највозвишените чувства кое прави да бидете полетни, еуфорични, да омекнете во карактерот, да ги гледате сите работи со неверојатна доза на оптимизам, едноставно да блеснете до максимум, чекорејќи наоколу со насмевка заради која и непознати ве гледаат со симпатија. Од друга страна (колку и да е навидум невозможно) ве тера да сте малку повеќе склони на драма, да преувеличувате, да осцилирате во расположението, да имате скепса и малку страв или со еден збор, да ве измести од се’ што дотогаш ви било зацртано како принцип или убедување. Токму затоа, стануваме и малкуцка непредвидливи за околината, но и за сами себе. Ми се има случувано да го правам сето она што ми се чинело смешно кога сум била сама. Ја знаете охридската поговорка “се’ шо су рекла, по врат су јала”? Е, баш така. Паметам дека кога лутавме со другарките низ град и по кафулиња, горди на својата бунтовност и илузијата дека сме посебни (да се разбереме, секој човек на оваа планета е посебен, дали за арно или лошо е нешто веќе сосем друго), мислевме дека се тривијални тие состојби во кои емоциите се на прво, второ, трето, па и последно место. Така, за паровите кои се држеа за рака злобно си коментиравме дека “се фатиле ко да ќе ги одвее ветрот”, за тие што си покажуваа блискост во јавност велевме дека “се лигават ко недоквакани” и низа такви ситни, малициозни забелешки.
Е, после дојде време кога секоја од нас по врат си го јадеше тоа што го зборувала, па сами на себе си се смееевме, оти уживавме и во држењето за рака и во гушкањето, па и во размената на бакнежи во јавност (секако, со усул оти сепак на интимностите местото им е дома). Можеби ќе ме сметате за циник, но искрена да бидам мислам дека малкумина на 20-25 години знаат што е љубов. Некои имале к’смет да си ја најдат сродната душа на млади години и да останат заедно притоа учејќи попатно дека заљубеноста и љубовта се “бог и шеширџија”, лекција на која сите сме се лизнале на тенок мраз барем еднаш во животот. Но, чинам дека најтешкото во љубењето е да се направи балансот меѓу ЈАС, ТИ и НИЕ кој никогаш не подразбира дека во една 100%-на љубов, овие три работи имаат учество со 33,33% секоја одделно.
Моето прво сериозно, ама апла сериозно љубење беше многу трауматично искуство за мене. Сум ви кажала дека во принцип ич не ја сакам состојбата на вљубеност, онаа прва фаза во која ништо не ми е јасно, па се мачам ко црн ѓаол да протолкувам што е што, па ме фаќа нервоза...страшно. Сум ви кажала дека да имам волшебно стапче, кај мене таа фаза (за која сите велат дека е најубавата) ќе биде прескокната за да се оди во помирни и посигурни води. Знам, знам...не сум интересна и играм на сигурна карта, ама пусто со годините човек малку и се подистрошува па си сака повеќе спокој отколку ролеркостер во емоциите. Нејсе, моето прво сериозно љубење беше спојка на се’ што можеше да тргне наопаку. Јас емотивна-тој фраер, јас просечна-тој бркан од едно чудо девојки, јас интроверт-тој затвораше кафеани, јас сонувач-тој буден до максимум. Велат дека вистинската љубов доаѓа кога си ги знаете не само добрите, туку и лошите особини и дека кога и покрај лошите особини на партнерот се’ уште чувствувате дека тоа е ТОЈ/ТАА, тогаш е љубов во прашање. Сега ако ме прашате, не би знаела да ви кажам дали навистина љубев или ја љубев идејата за љубовта. Не би знаела ниту да ви одговорам дали моето останување покрај него беше заради тоа што имаше љубов или заради мојата (не баш за потценување) тврдоглавост со која докажував (само не знам кому!) дека можам да имам врска која ќе опстане. Во тој период станав нешто што гледано отстрана не бев јас. Почнав да се облекувам поинаку, ги заменив дотогашните удобни мартинс кондури со високи потпетици, имав едно чудо костими (сакоа и мини сукњи во различни бои, со соодветни свилени марами), носев обетки од кои ушите ми крвареа (буквално, и тоа траеше се’ додека еден доктор во Државна не ми рече оти ќе стасам до хируршка интервенција), косата ми беше во боја која не ми стоеше и со фризура која ме правеше постара и од она што сум сега.
Ако треба да го опишам тој период со една реченица, би го нарекла НЕЉУБОВ КОН СЕБЕ. Зошто? Да ме отепате ако знам. Можеби од страв дека ќе останам сама (каква иронија кога еве самувам со години, нели?), или од желба да припаѓам некому (како трофеј, украс), евентуално од потреба да бидам сакана (од денешен аспект, чинам дека со мојата трансформација само си ја “купив” љубовта) или од некои сосем други побуди? Не знам и не знам дали некогаш ќе сум на чисто со себе. Но, нема никогаш да заборавам една реченица која ја кажа мајка ми, додека ме гледаше како страдам од “љубов” кон некој, а всушност страдав од нељубење себе и која гласеше:
САКАЈ ГО БРЕ ДЕТЕ, АМА ДА СЕ САКАШ СЕБЕ ПОВЕЌЕ.
Пљааааааааааааас, директно во фаца. И мислевте дека во тој миг нешто се разбуди во мене, па доживеав катарза и ми се смени животот? Ма јок! Тогаш, во тој миг таа реченица ми звучеше толку сурово, толку нетактично, толку нељубовно, што дури и се почувствував навредено. Мислам, ма дајте....да ја сквернавиме љубовта со ставање граница?! Да и’ ја намалиме вредноста со тоа што ќе се ставиме себе на прво место?! Па нели сите големи љубови се со жртви и трпење, со сакање на другиот повеќе од себеси? Како сега така наеднаш се сменија правилата? Или можеби правилата никогаш не ни беа поставени на начин на кој сите (барем еднаш) сме ги прифатиле и сме ги пропатиле? Дури, таквите нездрави љубови или љубови во кои се гради култ на личност на еден од партнерите, секогаш и во книгите завршуваат кобно.
Во Библијата се вели “сакај го ближниот свој како што се сакаш себеси”, нели? Па каде тогаш нурнуваме во љубов кога не знаеме да се сакаме себеси или кога не сме кадарни да се грижиме за сопственото ментално здравје, кое подоцна се одразува и на физичкото. Зошто постои таа илузија дека ако човек се грижи за себе и ако се сака себеси на начин на кој не дозволува да пати во еден однос, без оглед дали е врска или брак, тогаш е себичен и не знае што е вистинска љубов? И кога сме веќе тука, кој поставува критериум за тоа што е вистинска а што “невистинска” љубов?
Убавото во преживувањето на сите удари кои се нанесени заради тоа што сум учела (со мака и на потешкиот начин) како да се сакам себеси е во тоа дека сега знам која сум, што сум и што сакам. Да, знам и што не сакам и што е најважно, знам што можам а што не можам да поднесам на душава. И не мислам дека тоа што научив да се сакам себе е знак на слабост или потфрлање во љубовта кон идниот партнер. Напротив, мислам дека е тоа тло за негување на здрав однос во кој ЈАС и ТИ ќе бидат засебни светови кои ќе си ги сочуваат своите индивидуални потреби, а НИЕ ќе е свет во кој ќе придонесуваме заедно. Мислам дека ни е основна должност да им ја одржиме таа лекција и на нашите деца, да знаат дека на прво место треба да си бидат сами на себе, да знаат како да си се сочуваат за да си траат, ем сами на себе ем на оние кои ги сакаат.
Баталете љубови во кои некој некого “трпи”, ”поднесува”, или во кои едниот ”се жртвува”, ”се потчинува”. Тоа не е љубов, тоа е само себеизмачување кое не носи ништо добро освен болка, губење самодоверба и страв. И да, партнерот кој ќе знае дека себеси се љубите повеќе отколку што го љубите него и кој ќе е сосем ОК со тоа, е човек покрај кој ќе цутите, но нема да овенете.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
никого да не сакаш толку
за да ти се скине душата
никого...
оти после таква љубов
нема да ги сеќаваш другите
и нема да го познаеш тој што лек ти е
од Господ пратен за да те зацели
да залепи таму кај што се скинало
ете тој, тој без љубовта твоја ќе е
оти очи ќе немаш за да го видиш
и ко’ глува за зборовите негови ќе си
оти умот и срцето кај оној ќе ти биде
е таму, кај оној што ти ја потпалил среќата
од чии раце кожата те боли
и од чии усни твоите те печат
горко–слатко
слатко–горко
никого
никого толку да не сакаш
за да се поболиш
за да станеш сенка
од која и сонцето бега
сакај со усул
сакај се себеси повеќе
барем трошка повеќе отколку него што го сакаш
еден здив повеќе, доста ќе е
тој здив за себе да го имаш
за да го задржиш кога најмногу ќе боли
да го голтнеш тогаш кога телото те вие
кога ти умира вербата
и кога ти застудува сред лето
тој здив ќе те спаси
и со него ќе преживееш
тогаш кога ќе го сретнеш
од тој здив нема пред него да паднеш
тој на нозе ќе те држи
и главата горе ќе ти ја крепи
како сѐ да е токму
како сѐ тамам да ти е
насмеана – а умрена
своја – а толку негова
горда – а на колена падната
тој здив ќе ти даде уште некоја година
дур’ не ти се смачи
и од себе и од него
од љубов и болка
од отрови и лекови
и ќе го испуштиш
иако знаеш дека последен ти е
ќе го испуштиш оти не ќе ти се живее повеќе
оти од себе без него доста ќе ти е
и гадливо ќе ти е како тој без тебе преживува
ете затоа
никого да не сакаш толку
за да ти се скине душата
никого...
оти по таква љубов
ниту љубов има
ниту живот има
ништо
ништо не останува
освен еден осамен здив