Терминот шеф на евровизиска делегација погрешно го разбираат – тоа не значи дека проектот е мој и правам сé што сакам: Мери Попова

Добивај вести на Viber

На конкурсот за евровизискиот избор пристигнаа 47 композиции, кои ги исполнија бараните пропозиции, но за жал и голем број песни кои не ги исполнија. Мери Попова, шефица на евровизиската делегација нагласува дека жирито внимавало на секој еден детал, при избор на песните.

* По објавувањето на шесте евровизиски претставници, се појавија и првите реакции. Една од нив е зошто сите изведувачи пеат на англиски јазик?

- Конкурсот кој оваа година го распиша Македонската Радио Телевизија не ги ограничуваше учесниците за јазикот на кој треба да бидат создадени и пријавени песните. Кога станува збор за Евровизија, авторите и изведувачите размислуваат за што подобар прием на сопствените композиции кај публиката. Ова сум го кажала поеќе пати, но еве ќе повторам: различни композиции поинаку звучат на македонски, на англиски или на друг јазик. Во музиката не постојат такви рески граници. Луѓето слушаат светска популарна музика, па се подразбира дека посакуваат да се што поблиску на светскиот пазар. Едноставно, овие композиции најмногу ги исполнија критериумите на жирито при избор на песните.

* Што беше пресудно за жирито при избирање на финалистите?

- Жирито составено од музички новинари, уредници и академски музички уредници, од кои повеќето со години и децении работат на реализирање и креирање на забавно-музичка програма на радио и телевизиските канали на МРТ, внимаваа на секој еден детал при избор на песните. Во конкурсот се бараше финална, комплетна снимка, на совремно, оригинално уметничко дело, со пропозиции кои ги налага Евровизија, а воедно да биде и атрактивна за оваа намена. Со оглед на тоа што имаме доста искуство и соработка со изведувачите, тоа ни е работа, однапред ги знаевме иги имавме предвид и нивните вокални капацитети и можности. Секој еден од жирито, многу добро знае што може, а што не може да биде добро за евровизиската сцена.

Не постоеше голема конкуренција

* Какви беа останатите нумери кои не влегоа во финалниот избор? Дали постоеше голема конкуренција или фаворитите се издвоија на почетокот?

- На конкурсот пристигнаа 47 композиции кои ги исполнија бараните пропозиции, но за жал и голем број песни кои не ги исполнија. Од бројни странски автори кои по автоматизам испраќаат свои песни, со цел да им се понудат на пејачите, демо снимки, итн. Можам да кажам дека генерално не постоеше преголема конкуренција, иако имаше уште неколку композиции кои заслужуваат внимание со дополнителни интервенции, но, не се најдоа во шесте избрани поради строгите пропозиции!

* Кога ги објавивте само имињата на изведувачите, многумина се прашуваа кои се тие? Каде да се насочи вината, што дури сега дознаваме колку талентирани изведувачи имаме? 

- Мислам дека вината треба да ја насочиме кон сите нас. Пред сѐ, мислам на телевизиите во Македонија, ќе ги исклучам радио станиците. Зошто, не можете да создадете ѕвезди со само една емисија за поп музика, еднаш во неделата - Стисни плеј на МТВ. Апсурдно е! Нам, овие изведувачи и автори, како и нивните успешни музички кариери ни се добро познати. Песните на повеќето од нив, се присутни и на светските радио станици. Веруваме во нив и во нивниот потенцијал.

Но генерално, недостасуваат повеќе емисии, големи шоу програми, големи ТВ студија какви подразбираат денешните совремни поимања за квалитетно шоу, недостасуваат големи сцени, не сакам ниту да поменам дека Македонија нема ниту една сала или арена за некаков музички спектакл. Затоа луѓето се принудени да гледаат шоу програми од соседството, да препознаваат и глорифицираат туѓи ѕвезди. А имаме толку многу квалитетни музички имиња. На крајот, или на почетокот, сето тоа секако зависи и подразбира големи финансиски средства и ресурси.

* Една од реакциите е дека сепак станува збор за млади изведувачи кои може да ги „голтне“ евровизиската сцена.

- Како што напоменав, овие изведувачи имаат искуство со интерпетација во живо, што значи дека пеењето не е проблем. Од друга страна, од искуство, големата евровизиска сцена може да „голтне“ секого, па и искусни пејачи, но не мора да значи. Евровизиската сцена е иста и за искусните, и за помалку искусните, и за децата на Јуниорски Евросонг! Сѐ се сведува на предходна добра подготвка.

* Зошто решивте да го смените начинот на избор на евровизиски претставник?

- Низа години МРТ го избираше евровизискиот претставник со победа на Скопскиот фестивал. За жал, особено на последното издание, заради обид за недозволено организирано телевоутинг гласање организирано од некој од учесниците, се фрли дамка врз фестивалот, а трудот на стотина инволвирани креатори во него (автори, пејачи, оркестар, телевизиските работници) падна во сенка. Потоа, МРТ организираше дебата со новинари, автори, пејачи, на тема – како да се продолжи со изборот на евровиски претставник. Во тој момент, повеќето се сложија дека интерниот модел на избор беше најадекватно решение. Оваа година сметавме дека треба да се обидеме повторно со некаков избор, заради поголема транспарентност и бидејќи јавноста тоа го бараше. Имавме за цел да ги стимулираме авторите и изведувачите за ново творештво, во што и успеавме. Но, соочени со актуелната состојба со пандемијата, а и лимитираноста на подготовка на нешто поголемо, се одлучивме на овој модел и комбинација на избор, по урнек на некои претходни изданија на другите европски радиодифузери.

Ретко се поклопуваат сите „добри коцки“ за да имате поголем успех.

* Освен Тамара, изминативе години редовно сме на дното на евровизиската табела. Каде да се бара причината, во погрешен избор на пејач, песна или  пристап кон оваа манифестација?

- Ова е тема за поширока опсервација и образложение, но еве ќе се обидам накусо. Секогаш кога размислувам на ова прашање, мојата констатација е дека многу често не е проблемот само во песната, или само во пејачот, во пристапот, туку тоа е делумна комбинација од овие, но и од милион други елементи и потреби, кои се неопходни за успешно претстаување на евровизиската сцена. Ние никогаш не сме се претставиле „неуспешно“, во смисла да бидеме казнети како МРТ - за мене тоа би било неуспех. Но, Македонија како мала земја, без „фантастични“ можности и ресурси, од типот 35-члена делегација, стотици илјадници евра буџет, итн., без поставеност во глобални рамки како земја која има огромна поддршка од сопственото гласачко тело и дијаспора, многу ретко може да ѝ се поклопат сите „добри коцки“ за да имате поголем успех.

* Поради Корона пандемијата не се одржуваат мини евровизиски промоции. На кој начин планирате да го претставите победникот на Европа пред заминувањето во Торино? 

- За промоција има време до мај, ќе видиме дополнително како и на кој начин. Сега сме сконцентрирани на изборот, на подготовките и обврските кои нé очекуваат до 10 март, до состанокот на Шефови на делгации, кога се предаваат сите потребни материјали на ЕБУ и на продуцентот на шоуто.

* Задоволни ли сте од постигнатото како шеф на македонската делегација, функција која ја извршувате седум години? Да можете да се вратите назад во времето, што би смениле, што би сакале да биде поинаку?

- Шеф на делегација е термин кој луѓето најчесто погрешно го разбираат. Тоа не значи дека проектот е мој и дека јас си правам што си сакам J Тоа не е ниту функција! Тоа е термин искреиран од ЕБУ, човек кој претставува координатор помеѓу ЕБУ, Јавниот сервис и претставникот. Заедно со мене има тим, кој по работни задачи и со многу љубов работи на проектот, а пред мене има повеќе инстанци кои сето тоа го одобруваат, или не го одбруваат, и менаџираат. Кога за прв пат станав „Шеф на делегација“ на Евровизијата во Азербејџан, со Калиопи и „Црно и бело“, бев пресреќна, но и полна со надеж дека можеме уште подобро. Со Тамара во Израел го имавме досега најголемиот успех и повторно не ме напушти ентузијазмот за уште подобро. Од искуството кое го насобрав, единствено ми е жал што понекогаш „не знаев“ како да кажам категорично НЕ, кога интуицијата ми велела поинаку.

Соња Алексоска Неделковска