This is a man’s world (1)

Добивај вести на Viber

Сабота...работна за децата (каква глупоштина), а јас уште во 8 часот наутро нацртана на моето омилено место за пишување, кое изобилува со шаренило. Спремна со лаптоп, за секој случај и таблет, фотоапарат, кабли и ташна во која имам книги. Уште сабајлината, ќерка ми поспана ме праша да не сум се спремала за на пат што сум се натоварила толку многу. Нормално, во 8 часот сабајле, во кафулето сум само јас и жената која со правосмукалката зачистува, ама бидејќи сум им редовен гостин, веројатно веќе ме сметаат за инвентар, па немаа ништо против што им се тупнав толку рано. Ја одбирам масата (онаа мојата), со штекер до мене и поглед на улицата.

Убавина. Топло уште од рано, макијатото лизга, лимонадата свежа, а јас спремна за понеделничкиот муабет. Листам мејлови, нотификации, честитам родендени, уживам во тишината (правосмукалката заврши), полека пијам кафе и веќе станува 9 часот. Нормално, луѓето си имаат свои кафеани во кои се доаѓа за да се промуабети и да се прочита весник или да се изигра спортска (чисто информативно, татко ми оваа сабота ме откачи за спортска, а сигурна сум дека е тоа заради фактот што заедно никогаш ништо не сме фатиле од резултатите). Со грб свртена накај вратата, слушам како се отвора и некој тивок како мене си седнува на маса. По некое време, повторно шкрипи дрвената врата и уште од влез зашкрипува уште погласно машки глас, рапав и прилично гласен. По него доаѓаат уште двајца и претпоставувам дека се тројца пријатели (повозрасни) кои ама ич не се замараат со тоа дека кафулето не им е дома, па сакала или не, бев приморана да им го слушам муабетот.

Започнуваат со пцовка за една наша јавна и позната машка персона, која се бави со осврт на политички случувања (име не кажувам). Ако мислите дека жените оговараат, тогаш дефинитивно сте во заблуда! Она што најмногу ме зачуди беше отсуството на осет дека господата не беа сами во кафеаната, а особено што седеше и жена (јас), бидејќи машкиот полов орган на дотичниот господин кој беше тема на разговор беше надолго и нашироко споменуван барем 5-6 пати во 10 минути. И во еден момент, кога навистина ми дојде да се свртам и значајно да се закашлам, еден од нив вели “ајде де, доста со него, не ќе го зборуваме цел ден”. Уф, си реков...имало спас. Нарачувам уште едно кафе и отворам word документ за да пишувам.

Ама не! Не оди тоа така едноставно ко што си мислев.  Новата тема се жени, ама не нивните (па не оди да плукаш по некој што во сабота сигурно седи дома за да ти го направи ручекот, додека ти блуеш фекалии некаде). Темата се жени кои и’ се добро познати на јавноста и кои (патем речено) изгледаат негувано и средено.

Која од нив имала силикони во градите и во устите, која била “спозоруша”, која го кренала задникот, која се швалерисувала со овој или оној. Не ми се веруваше!

Не ми се веруваше вокабуларот со кој се разговараше. Не ми се веруваше дека слушам изрази кои се прилично улични, а најмалку ми се веруваше дека може еден маж така да се изразува за жена која ниту ја знае, ниту ја познава. Во една таква дамнешна дискусија, кога го прашаа дотичниот сезнајко од каде му е информацијата, тој трепна и рече дека знаел еден, чиј многу близок пријател имал информација од (пазете) прва рака!

Во еден ваков свет во кој живееме, се прашувам со кое право некој ме приморува да слушам такви гнасотилаци, наместо да уживам во саботното утро! Да, можев да станам и да си заминам, но зошто?! Не сакам да бегам од место во кое се чувствувам своја и можам да пишувам. Да, можев да се свртам и да изреагирам дека информациите “од прва рака” кои се веројатно измислица не сакам да ги слушам, ама веројатно после ќе бев прераскажувана како една исфрустрирана и агресивна феминистка која никој не ја сака (знаете дека изразот не е тој, ама е политички коректен!). На крајот на краиштата, после сето она што го слушнав, не верувам дека било каква моја забелешка ќе вродеше со плод.

Во овој машки свет, во кој на мажот му е се’ дозволено...каде и кое е местото на жената? Разведениот маж не се нарекува “распуштеница” (веројатно изразот сака да каже дека разведена жена е некоја која е распуштена во однесувањето и лесен плен!), оној кој има љубовница е фраер (во никој случај не е блудница-повторно политички коректно!), вдовецот е за жалење, а самецот е фраер кој само одбира со која ќе ја помине ноќта, иако сама жена е секогаш “очајна и нешто со неа не е во ред”. Самохраните татковци се херои, а самохраните мајки се со сомнителен морал.

Во овој машки свет владеат сурови правила, иако местото на жената е неприкосновено од многу аспекти. Заработуваме исто, а сепак сме обезвреднети и како работници и како жени. Имаме исто образование и квалификации, ама директор е сепак мажот. Имаме исто работно време, но од жената се очекува дека треба да се грижи за домот и децата. Дури, тоа има преминато во навика, па жените велат “маж ми помага дома”!!! не, не помага! Мажот живее во истиот тој дом, заедно со жената. И не, не сум за строга поделба на домашните работи на машки и женски. Знам мажи кои готват фантастично и жени кои ги бива за поправање апарати за бела техника.

Во овој машки свет, во кој драги мои мажи ги растете и своите ќерки, рамноправноста е само замачкана фикција. Ако сакате да видите што ни пречи, само гледајте си ги ќерките и со секоја ваша постапка запрашајте се дали би ви било сеедно некое “мажиште” така да се однесува со нив.

Во овој машки свет, јас и плејада жени уживаме во својата слобода!

Во овој машки свет, секоја една жена е богатство.

Во овој машки свет, секоја упатена навреда за жената е навреда за вашите мајки, сопруги, сестри и ќерки.

Во овој машки свет, горда сум што сум она што сум...ЖЕНА!

This is a man’s world

But it would be nothing

Not one little thing

Without a woman or a girl

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Таа е...
Дете чии очи светат
пред продавница за гумени бонбони
Старица уморна од животот
со бразди кои на лицето не и’ се гледаат
Жена со крената глава
која коленичи само пред љубовта
Камен кој од ништо не се крши
во твоите раце во пердув што се престорува
Дожд во есен
кој мириса на црвено и зелено
Зима, студена и бела
која сепак срцето ќе ти го стопли
Ветар во сончево утро
кој мислите ти ги соголува
Заводлива кокона
која се токми за убава да ти биде
Плашлива и нежна
а доволно силна да го покори светот
Ранлива пред тебе
а без бол од сите жилети кои во себе ги носи
Љубовница со стаклени копнежи
со тело кое сосе душата ти го дава
Птица која молчи
а сите песни напишани ги дарува
Таа е..
дете
старица
жена
црно-бело и виножито
отров и лек
луда и обична
таа е се’
таа е твоја