This is a man’s world (2)

Добивај вести на Viber

Ви текнува на вицот со Мујо кога заглавил на пуст остров со преубав модел, нели? Вицот оди дека после извесно време, неминовно било зближувањето меѓу нив и дека било се’ совршено. Арно ама, најголемиот проблем бил што не бил Хасо присутен за да може Мујо да му раскаже што се’ се случило меѓу него и моделот. Рецките кои повеќето од мажите ги ставаат над креветот се само обични цртки ако тоа не се сподели со пријателите (велам повеќето, затоа што не генерализирам дека сите мажи се исти и такви).

За молчеливи луѓе како мене, седењето сам во кафуле (во кое сите се гласни) нуди можност (не по мој избор) да им ги чуеш муабетите на другите, кои знаат да варираат од оние за свекрвата и кој кого фатил во постела со некого (жени), па се’ до автомобили, спортска и прераскажување на љубовните достигнувања. И некогаш ми дошло да станам и да изгушкам некој кој, кога пријателите го распрашуваат како завршила вечерта со некоја девојка, знаел да каже “супер беше, ама без детали”. А имало и такви кои (против моја волја) ме почестиле дури и со бојата на долната облека која дотичната ја носела. Дегутантно!

Која е потребата од изнесување детали за интимниот живот?

Нели самиот збор означува дека е тоа нешто лично, кое не е за јавност? Нели односот меѓу двајца е работа која ги засега само нив? Или како во вицот...не се случило, ако не се прераскаже!

И на крајот, која е потребата на слушателите и оние кои прашуваат да знаат детали од нешто што никако не ги засега?

Дали “душкањето” во нечиј приватен живот ги одвлекува мислите од нашиот? Ако имам проблем и одредени нешта со кои не сум задоволна, слушањето на туѓите проблеми и делови од приватниот живот ќе ми ги реши?!

Сум била неколку пати (од блиски луѓе) “обвинета” дека не покажувам интерес. И сум објаснувала дека не е тоа незаинтересираност, туку дека, едноставно не потпрашувам. Оставам секој да процени колку може и сака да ми каже. Во суштина, има работи за кои човек и не е спремен да зборува во моментот кога му се случуваат, туку сака да му легнат и да ги “свари”, да ги испроцесира за да може да разговара за тоа.

“Еј, знаеш дека X и Y се заедно?”

“Еј, абе слушна дека X има љубовница која е помлада од него 15 години?”

“Еј, оние се развеле...еј, овие се степале”....

И најчесто чаршиските муабети се одвиваат на маси полни душегрижници, на кои ама баш им е сеедно и кои на првиот свиок ги забораваат дотичните кои им биле предмет на муабет. Па посебен “гушт” е прераскажувањето со по некој (та нели сме креативни) придодаден детал и на крај се создава сензација, која најчесто тоа и не е.

Станавме луѓе кои озборуваме се’ што поминува покрај нас. Фустанот на комшивката, децата на пријателите, родителите на другарчињата на нашите деца.

Анализираме се’, освен себе и сопствените постапки. И да, најлесно е да судиме, зборуваме, озборуваме и да критикуваме, без да се свртиме кон себе и нашите постапки и грешки. Ги живееме туѓите животи, без да забележиме дека нашите само поминуваат покрај нас, исполнети со празнотија која ја пополнуваме со други.

Немаме подобар живот иако сме несреќни во врската или бракот, оти таму некој ја тепал жената и девојката, или заглавувал со ноќи по кафеани. Од “ќути, има и полошо”, си патиме. Не сакам да живеам со таа помисла. Сакам да знам дека има и подобро и дека целта на мојата живеачка Е да ми е подобро, секој божји ден!

Зборувањето за другите не ми го подобрува квалитетот на живеењето. И секогаш, ама баш секогаш дружбата со моите пријатели е без озборување на другите. Затоа се малку и затоа злато вредат.

Свртете се кон себе, кон она што ве прави среќни и исполнети. Не џабе се рекло дека секоја планина има своја тежина. Не џабе се рекло да ти ги дадам кондуриве, поноси ги и види како ми е. Поганштината на “рекла-казала” е многу повеќе канцерогена од она што мислиме дека е само обично пополнување на времето и предмет на исмејување.

Си ги труеме умовите и душите со ставање себе во улога на проценители на туѓите постапки и животи. Татко ми има една многу добра изрека, која често ја повторува. Вели, ќерко животот е маратон. Полека, не избрзувај со заклучоци и осудувања. Полека, оти има многу за врвење, а денес каде што си, не мора да значи дека ќе бидеш на истото место и години нанапред.

Имајте почит кон својата и туѓата интима. Не мора 3 маси околу да знаат за љубовните подвизи и какви мажишта сте!

Не мора сите да знаат дека свекрвата не ви е по ќеф.

За првите, важи она дека можеби во животот ќе бидете благословени со ќерки кои ќе бидат предмет на муабет.

За вторите, можеби и вие утре ќе сте нечија свекрва.

И во овој машки свет во кој живееме, редно е малку да ја покажеме женската солидарност и почит.

Во овој машки свет во кој живееме, треба да сфатиме дека најголемиот непријател на жените се всушност жени!

Во овој машки свет во кој живееме, треба да научиме дека жената е достојна за почит и така да се однесуваме.

И за крај, сите метлата в раце и нека започне големото пролетно чистење...се разбира, од својот праг.

 

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да си гледаш чергата чупе
И под неа ѓубре да не збираш
Метла купи си
Од оние старите
Со долга дрвена дршка
И ако те бива ем ќе зачистиш
Ем ќе си се кикотиш на своја сметка
Оти и да леташ на неа можиш
Остај ги модерниве машини
Демек смукале прашина ко душа да смукаат
Та ги гледам по телевизиине
Како за пет минути се’ можело да светни
Ти метла да си земиш!
И по дома со неа да чистиш
И во себе некојпат
Околу себе ко ќе треба 
Оти ѓубре и во тебе и околу тебе се збира
Ете така да си знајш
Чоек ко си чисти редовно в куќа и пред порта
Нема време со туѓото ѓубре да си ги валка рацете
Не биди љубопитна да ѕирниш кај комшиите
Или не дај Боже кај нив да сакаш да заметиш
Ете зато во секој дом мора метла да има
Оти секој знај ум да дава секому
Та вака требало да се кажи
Та онака требало да се напрај
А да ги потпрашаш
Никој кај себе не си чисти ко шо треба
Ќе изнапикаат се’ и сешто под ќилими
Ќошојте полни лоши мисли
Во плакарите сеништа од минатото
Ама сите паметни кај другите како треба
Не туку ме гледај така и ум бери
Метлата в раце
Шо почесто, то поубо за тебе
Мрза да не бидиш
И да видиш како ќе засветиш
И ти 
А и куќата ќе си ја спастриш
Она шо мака на срцето ти прај
И на градите ми ти тежи
Со метла да го подбериш
И одма в канта да го фрлиш
И не туку се пули во туѓото ѓубре
Ниту таму работа имаш
Ниту да даваш твоето друг да го чисти
Засукај ракајте
Спастри косата и почни
Првото чистење е најтешко
И најдолго трае
Ама па ако си мудра
Секое следно полесно и пократко ќе е
И на душичето леко ќе ми ти стани
Туку вие младите неќите така
Вие сакате се’ ко мачката со опашката да прајте
Вклучи струјата и ајт
Набрзина се’ ќе се зачистело
А ништо на овој век шо е брзо не е арно
Зато и животот така ви минва
Брзај ваму
Да стасаш онаму
Ко муви без глај трчате
Да не се знаело како метла в раце се држи
Демек модерни а ваму несреќни
Чергите да си ги гледате
И нозете да ги пружите толку
Колку што чергите долги ви се
Ни појќе ни помалку
Без да аздисувате метлите в раце да ги фатите
И душите да си ги заметите
Ако сакате со лезет и убост живот да врвите