To love or not to love

Добивај вести на Viber

Еден умен човек ми има кажано дека вљубувањето е работа на одлука. Јас вака како една потполно нерационална особа кога станува збор за вљубување и љубов, воопшто не се согласив со него. Не знам воопшто што значи да донесам одлука да се вљубам во некого. Сепак, малку пробуричкав низ себе и извлеков неколку интересни заклучоци за кои не сум била свесна. Да, постои миг на вљубување во некого. Но, она што ме копкаше беше дали тој миг е внатрешна одлука или е само препуштање. Сум запознала многу луѓе, секако и мажи кои биле убави, згодни, интересни. Но, никогаш не сум била тип кој се навлекува на физички изглед. Сакам да гледам убави луѓе, особено жени. Спастрени, со стил, жени и мажи кои знаат да го носат и надворешно она што го поседуваат внатре во себе.

Моментот на “клик” е многу чуден. Да, може мажот наспроти мене да е преубав, извајан, паметен и духовит, а сепак ништо од сето тоа да не ми активира кликот. Сум сретнала преубави жени кои имале партнери за кои оние отстрана велеле дека не си одговараат, притоа повеќе мислејќи на заедничката појава. А сепак, погледот на тие жени да е полн обожување кон партнерот. Не бил доволно убав, или бил понизок, или не бил моќен или...сеедно. Едноставно, сето тоа станува сосем неважно кога ќе се случи она бааааааам и ве остава без здив. Или сум слушала потсмевања кога некој “убавец” ќе се појави со жена која ама баш со ништо не би се рекло дека му одговара, па повторно, начинот на кој ја гледа и се однесува кон неа да е таков што ќе си помислите дека токму таа жена е единствената жена на светот.

Магијата на кликнувањето е мистерија за мене. Моментот на препознавање на мажјакот кој ја буди женката во мене, онаа која нагонски сака да припадне баш нему е вчудоневидувачки. И тоа е миг. До тој миг, доколку се случи, може со денови и саати да муабетиме, да се дружиме, да пиеме кафе или да се слушаме, ама ништо не се случува. И наеднаш, сфаќам дека имам потреба да се слушнам, видам, да разговарам за работи за кои не сум разговарала дотогаш. Сфаќам дека легнувам и станувам со онаа мисла дека “еј, да му кажам за ова или она”, да побарам совет или мислење. Не дека веќе не знам сама да одлучам, туку ми е важно да го чујам неговото мислење. Или, наеднаш добивам желба да се поднашминкам, да се дотерам, па имам трема. Ви имам кажано дека ич не го сакам вљубувањето. Кај мене е проследено со некоја нервоза и грч, колку и да ми е убаво, сепак има момент на она чувство “е што ќе ми е сега овој луксуз”. Ме ремети, ете најпросто кажано. Можеби дека цената на разочарувањето е поголемо на повозрасни години, што од друга страна не е никакво оправдување за човек да се ускрати од убавина.

Дали одлучувам да се вљубам? Ама немам поим, ич. Не оти знам да изанализирам тогаш! Ама веројатно има нешто што го прави кликот да е помоќен од мојата претпазливост или параноја. Да, да...со сите можно црни сценарија. Одење во длабокото без гума за пливање е навистина одлука. Или ќе си седите на брегот, на сигурно и само ќе се прашувате каква е водата, или ќе влезете во неа со сиот ризик дека можеби ќе се препородите или ќе излезете измрзнати и нема да ви текне после со години да се бањате.

Е сега, што е она што вели дека е сосем во ред да ризикувате и да се препуштите. Веројатно мојот соговорник мислеше на тоа дека е одлука која свесно се носи. Дали е препознавање или сродност? Оти не верувам дека физичкиот момент е пресуден. Та секој ден имате околу себе еден куп убави луѓе. Да, можат да ве привлечат со својата убавина или шарм, а сепак да ги гледате и доживувате како најубавиот накит во излог на кој му се восхитувате, ама не го купувате оти таков не носите.

Дали можеби е моментот кога се гледате себе во него, кога на некој начин вие станувате тој, а тој вие. А пак, секој од вас си функционира индивидуално, со сите обврски и моменти на одлуки. И кога велам дека се гледате во другиот, воопшто не мислам на губење на своето ЈАС. Да, знам дека за ова ќе добијам коментари за феминизам, ама па така е. Она ЈАС е токму тоа што е предизвик за спротивната страна. Никој не сака да живее со свој клон. Стално велам дека не знам колку би можела да живеам или да ми е убаво со некој кој е ист како мене. Ама па, има работи кои ги поседувам како особини и кои штом ги видам кај партнерот, се врзувам уште повеќе. Слободата на мислата, слободата на духот, надоврзувањето како креативен момент, сето тоа за мене е најголемиот афродизијак. Ма какви скапи вечери и подароци, какви бесни автомобили и импресионирања. Ако го имам она суптилно заведување и надмудрување, натпревар меѓу мислите и мозоците...оф, тоа е она што ме остава без здив.

Секој од нас си има свој миг на кликнување. На кое ниво, начин и што ќе биде тригерот, е приказна сама по себе. Знам само дека во ова лудило во кое живееме, кликнувањата се ретки и скапоцени.

Од искуство знам дека не е здраво да се чувате од тоа свесно и да се откажете од љубов само затоа што ви е страв да не заврши лошо. Којзнае, можеби нема да заврши. Којзнае, можеби ќе заврши без последици. Но, како и да е, вреди да се проживее.

Од искуство знам и дека не е здраво да се заборавите себе кога ќе си ја дозволите љубовта. Дека не смее да се заборави оти сепак сите сме индивидуи кои функционираат пред се’ сами за себе, а потоа во двојка. Дека има место за НИЕ, без да се заборави на ЈАС. Дека мора да е човек мудар да направи баланс меѓу овие две работи и да посвети време и внимание на тоа, без да наоѓа изговори.

Од искуство знам дека секој еден од нас, барем еднаш во животот го има или ќе го има оној судбоносен клик кој ќе го смени од корен и ќе го избруси. Ако сте го имале, се надевам дека ви донел спокој. Ако не сте го имале, се надевам дека кога ќе дојде вашиот клик, ќе е полн љубов, нежност и внимание.

На прашањето to love ot not to love, секогаш сум ЗА љубов, одважна и храбра...впрочем како секој од нас. Да сте ми живи и здрави...и кликнете со некој, без страв и скепса.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa

Велат
Ко ќе заљубиш силно
Ко ќе станиш љубов
Најубавите песни низ прстите течат
Како живо сребро низ нив светат
Како вода што жубори
Како лисја што шумат на ветар
Такви песните биле ко љубиш
Та во нив сласт и страст
Сето срце на хартија распослано
И секоја буква поинаку се прелева
А зборојте крила имаат
И сами се редат
Како чест да му прават на оној
За кој биле наменети
Како да му се поклонуваат
Покорно
Оти нема ништо посилно од таквата љубов
Во која на колена ќе падниш
А душата простум ти стои
И рацете споени ко да се молиш
За да трае
Да му траеш
И еден на друг да си траете
Да не секне водата
И огној да не ги изгорат дрвата
Оти тогаш меѓу вас тишина се раѓа
Та и песните поинакви стануваат
Буквите онемуваат
Зборојте се прекршуваат
И колениците крварат
До коска се соголуваат
Ама па ништо не те боли
Оти налет таа болка
Која е солена шега за онаа внатре шо ти шета
Та не знаеш дали кожата те боли
Или мислите канцер ти фатиле
И се прпелкаш меѓу два листа хартија
Дури во црвено ги боиш
Оти и прстите од бол ти крварат
Од немоќ
Од страв
Од напукнат молк кој не знаеш како да го разбудиш
Ете така велат
Дека најубајте песни се пишуваат
Кога човек љуби или боледува
Дека поубава песна нема
Од онаа во која живееш...или умираш
Top of Form