Тоше имаше свое тајно место каде што бегаше од сѐ

Добивај вести на Viber

Два спота за две до сега необјавени песни од Тоше Проески, ќе се промовираат на утрешниот концерт посветен на Тоше, во ВИП Арената. Англискиот албум "Secret place" денеска беше промовиран во скопскиот хотел "Парк". 

- Имавме макотрпна работа во текот на овие две години. На албумот има 7 сосема нови песни, и 3 демо верзии - изјави Андреј Николовски од меѓународната Фондација Тодор Проески. 

- Имав блиска соработка со семејството на Тоше. Да беше жив, ќе снимавме уште стотици песни заедно. Тоше пееше на совршен англиски јазик и среќа е што неколку ни останаа уште додека го работевме претходниот албум на англиски на Јамајка, во 2006 година. Песната Secret place ја напиша Тоше. Зборува за тајното место кое Тоше го имаше кога сакаше да избега од сѐ. Тој пееше од срце и од душа- изјави англискиот композитор Енди Рајт кој беше гостин на промоцијата.

Рајт додаде дека се надева оти публиката ќе ужива во новите песни и во обработките на старите: Боже,чувај ја од зло, Игри без граници и Среќна ли си ти. 

- Кога го запознав Кристијан беше момче, тој е сега зрел маж. Тоа се слуша во изведбата на неговата песна We Are Blood, додаде авторот за Кристијан Ристески, внукот на Тоше. (М.Џ.)