Тоше за својот роденден купуваше подароци за целото семејство: Дора Проеска, сестра на македонската музичка легенда

Добивај вести на Viber

Семејството на Тоше Проески, денеска во 11.15 часот ќе донесе торта на неговото вечно почивалиште, за да го обележи денот и часот на неговото раѓање. Да беше жив, Тоше ќе наполнеше 41 година.

Дора Проеска, сестрата на македонската музичка ѕвезда, откри како изгледала родендеската прослава на Тоше.

-На овој ден, секогаш бевме многу среќни. Со голема радост го славевме неговиот роденден. За роденденската торта беше задолжена мајка ми. Од куќата се слушаа песни. Тоше секогаш беше насмеан, ведар и постојано пееше. Кога беше мал ги канеше на роденден другарчињата од маало, а кога тргна на училиште и децата од класот. Бидејќи се запиша во средно музичко училиште во Битола, мораше да живее таму. Но, за роденденот секогаш доаѓаше дома, да го прославиме заедно, а потоа се враќаше во Битола – вели Дора.


Откако стана ѕвезда, обврските околу кариерата честопати биле причина Тоше да биде спречен да дојде во Крушево и да го прослави роденденот.

-Ќе се јавеше и ќе и речеше на мајка ми „не успеав да дојдам на овој ден, но штом ќе се ослободам доаѓам, ти обавезно направи ја мојата омилена торта“. Омилена му беше тортата со урми или со вишни. Ќе дојдеше после два или три дена. На својот роденден ни даваше подароци на сите. Мене ми купуваше парфем, бидејќи знаеше дека тој подарок многу ќе ме израдува. На мајка ми марама или блуза, а на татко ми шише ексклузивно вино. На децата им подаруваше играчки и гардероба. Ние му велевме „тебе ти е роденден и ние треба да ти дадеме подарок“ . А тој возвраќаше> „секогаш на мојот роденден и вие ќе добивате подароци од мене“. Таков беше мојот брат. Човек со големо срце. Секогаш наоѓаше причина да не израдува со подароци. Откако си замина, секоја година на овој ден мајка ми ја прави неговата омилена торта. Една носиме на неговиот гроб да ја поделиме со луѓето кои доаѓаат да запалат свеќа. А другата е за дома – открива Дора.


 (С.А.Н)