ТОТО ВО СКОПЈЕ: Два часа патување низ времето со емотивна посвета за легендарниот „битлс“

Добивај вести на Viber

Освен со најголемите хитови, некрунисаните „кралеви на живата свирка“ ја разнежнија публиката и со изведбата на темата While My Guitar Gently Weeps во чест на Џорџ Харисон

После четири децении кариера, еден од најпочитуваните американски бендови ТОТО синоќа конечно свиреше и кај нас во рамките на актуелната светска турнеја 40 Trips Around The Sun (40 Патувања околу сонцето) која опфаќа исто толку земји. Без предгрупа, премиерниот македонски настап на некрунисаните „кралеви на живата свирка“ во ВИП Арената „Борис Трајковски“ траеше повеќе од два часа. Во програмата беше опфатена комплетната кариера на групата најмногу запаметена по мегахитовите Africa, Hold The Line и Rosanna на кои очекувано публиката и најмногу реагираше.

- Па вие знаете да пеете. Ви благодариме што дојдовте, Вие сте извонредна публика. Ви се верува ли дека овој бенд опстојува 40 години. Лудило! Многу ни е тешко кога ја правиме сет листата. Ги сакаме сите наши песни – порача Џозеф Стенли Вилијамс кој од 2010 година се врати како главен вокал во составот.

Оригиналните членови предводени од гитаристот Стив Лукатер придружувани од уште неколку одлични инструменталисти понудија перформанс каков што и се очекува од врвни сешн-музичари кои низ годините соработувале со најголемите ѕвезди во музичката индустрија. Со фасцинантна енергичност како да треба допрва да се докажуваат, нѐ прошетаа од почетоците до нивните актуелни интереси - разнолични музички „потфати“ кои се комбинација на поп, рок, фанк, хард-рок и блуз. Еден од поемотивните моменти беше изведбата на темата While My Guitar Gently Weeps во чест на Џорџ Харисон од легендарните „Битлси“.


- Има еден човек, го знам уште од тинејџер. Токму тој ме инспирираше да почнам да свирам гитара. Денес има 75 години и ме гледа од небото. Ти благодарам Џорџ – нагласи Лукатер, основачот на бендот кој во својата биографија има и седум самостојни албуми, но и соработки со Дона Самер, Мајкл Џексон, Арета Френклин и Пол Макартни.

Шоуто со ТОТО е во рамките на серијалот ексклузивни концерти со кои „Авалон продукција“ годинава слави 25 години постоење.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов