Не стануваме од трпезата додека не стане најстариот член: Обичаи за Бадник во семејството на Зуица Лазова и Наум Петрески

Добивај вести на Viber

Бадник е ден пред Божиќ, ден кога го очекуваме Христовото раѓање. На овој овој ден целото семејството се собира и заеднички ја подготвува посната вечера. Постојат различни обичаи поврзани со Бадник, но она што е заедничко за секое семејството е лепчето со паричка и верувањето дека на оној кој ќе му се падне паричката, ќе има среќа преку целата година.

Кон оваа традиција се придржува и семејството на пејачката Зуица Лазова, која истакна дека овој празник е еден од најубавите за неа.

- Бадник за мене е еден од најубавите празници, кога семејството се собира и така го славиме собрани и сплотени на посна трпеза, започна таа, а потоа ни откри без што не може да го замисли овој ден:

- Не можам да го замислам овој ден без некој член од фамилијата, тоа е она што најмногу може да ми недостига. Посебна семејна традиција без која јас не можам е лепчето со паричка, и го пренесов и во фамилијата на Наум, бидејќи тие не правеа паричка на Бадник, туку само на Василица. Уште една традиција што ја паметам од баба ми Зуица е да не стануваме од трпезата додека не стане најстариот член, за да оделе нештата по ред!

Дека е снаодлива во кујната, како и на сцената, ни говори и фактот што таа сама ја подготвува посната трпеза за Бадник, секако по рецептите на нејзината баба.

- Трпезата е посна со најважното - лепче со паричка замесено со сода што јас го правам по рецепт на баба ми Зуица. Од нејзе исто така го имам научено макалото со лук и ореви, печената тиква, а мама Анастасија приготвува посна пита. Задолжително на масата има и ореви, за кои велевме дека ако ни се паднат убави нерасипани ореви, ќе бидеме здрави цела година, и сѐ друго посно што може да се замисли, без риба.

Годинава Бадник нема да биде ист во семејството на пејачката, а тоа е поради тоа што неколку члена од семејството нема да бидат со нив.

- Оваа година ќе се разликува многу, затоа што поради пандемијата, нема да ни се придружат Сања (средната ќерка на Наум) и нејзиниот Александар во Струга, каде секоја година се собираме, а ден пред тоа го славиме името на Наум. 

Зуица посочи дека неколку пати и се има паднато паричката на Бадник и верува дека истата носи среќа, а кога се паричката и децата во прашање, како и во секое семејство и во нивното има интересни приказни.

- Додека Македонка беше мала и пред да се роди Стефан, на баба Анастасија која го крши лепчето ѝ беше полесно, ама успеваше да се снајде и потоа, но имаше и лутење кое успевавме да го изгладиме со тоа што на овој ден не смееме да се караме, а така и вистински ни велеше баба ми. 

Новата година, Зуица и Наум ја прославија согласно протоколите, во домашна атмосфера и со најблиските, а пејачката ни откри дека нивниот најголем предизвик од минатата година, оваа година е нивна желба.

- Најголемиот предизвик во изминатата година беше да останеме здрави, во што досега успеавме,а тоа си го посакавме и за наредната, затоа што сепак тоа е најважно. 

И. Мисајловска

фото: Фејсбук