ТРИКАФТА ЌЕ ПОЧНАТ ДА ПРИМААТ ВЕЌЕ ОД УТРЕ ОСУМ ПАЦИЕНТИ СО ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА: Две таблети сабајле, една навечер
Ова е првата фаза со која почнува терапијата со лекот „Трикафта“ за најтешко болните пациенти од реткото хронично заболување цистична фиброза. Едно дете и седум возрасни пациенти веќе од утре ќе почнат да го примаат лекот кој од денеска веќе е на Клиниката за детски болести.
-Лекот од утринава веќе е пристигнат на Клиниката, и веќе ги примаме пациентите кои треба да почнат со терапијата. На Детската клиника ќе примиме шест пациенти, а двајца ќе се водат на Клиниката за пулмологија. Очекуваме дека овие денови ќе почнат да ја примаат терапијата, некои од утре и секако очекуваме позитивен ефект во однос на подобрување на нивната белодробна функција, во однос на подобрување на нивниот квалитет на живот, нутритивниот статус, намалена потреба од хоспитализација и секако поактивен живот на овие пациенти. Она што можам да кажам дека од овие осум пациенти кои први ќе почнат да го примаат лекот „Трикафта, двајца се во навистина критична состојба и тие ќе бидат третирани на Клиниката за пулмологија, и кај нив е неизвесен ефектот од терапијата, но секако ќе се обидеме да им ја подобриме белодробната функција која е основна за нивниот квалитет на живот. Инаку добивме пониска цена за овој лек, заради што во првата фаза на примање на лекот дадовме предлог да вклучиме уште четири пациенти, изјави денеска директорката на Клиниката за детски болести, проф. д-р Стојја Нацева Фуштиќ.