Трите македонски икони на стилот за 2024 година...и за секоја наредна: Софистицираност и осетот за естетика
Суштинската разлика помеѓу трендовите и стилот е фактот што трендовите се минливи и претставуваат актуелни бранови кои сезонски погодуваат голем број луѓе. Стилот е издржлив и не се однесува само на облеката, туку е длабоко поврзан со идентитетот и имиџот на поединецот. Модните великани беа свесни за тоа, како и многубројните стилски икони.
Со стилот се испраќаат и широки пораки на најсеопфатен начин, не само за тоа како сме перцепирани од другите, туку и за тоа како се перципираме себеси.
„Секогаш одете како зад вас да одат тројца луѓе“, вели познатиот моден дизајнер Оскар Де Ла Рента.
И кај нас имаме дами кои оставиле или оставаат трага со стилот, но тој е создаден на највисоко можно ниво. Велат дека за вкусовите не се дискутира, ама се дебатира!
За трите стилски грации кои ги избравме нема што да се дебатира. Софистицираноста и осетот за естетика им се гледат од далеку. Тие не само што ги избравме за жени со најмногу стил за 2024 година, туку и за секоја претходна и следна година.
Секоја различна на свој и само свој начин, но заедничка им е страста кон убавината.
Тања Антиќ- сопственичката на Fashion groupМодна икона во вистинска смисла на зборот. Единствена по својот стилски сензибилитет. Не се експонира јавно, но каде и да се појави, на сите светски настани, таа остава силен впечаток. За неа своевремено еден од сопствениците на реномираниот бренд „Манго“ рече дека е најубаво облечената жена.
Ели Пешева- директорка на New moment
Не е впечатлива само поради нејзината црвена боја на косата. Таа плени со рапсодија од модни вкусови, спакувани во издание кое знае да го направи и подобро од најдоброто. Непоколеблива, убава и своја, модата знае да ја консумира умерено, одмерено, автентично и авангардно, а стилот да го претвори во приказна која ќе трае. Модна икона од која може многу да се научи.
Ленче Карпузовска- директор на комуникации во ЕВН Македонија
Манекенка не ѝ е рамна. Со завидна фигура, со фантастични пропорции, со стил кој на моменти е минималистички, на моменти претворен во питом гламур кој рефлектира рафинираност... Едноставно софистицирана и моќна модна икона, а преку облеката ја демонстрира сета своја автентичност.
Небојша Толески