Трите македонски свети извори на Св. Богородица, Св. Недела, Св.Петка: Сите на едно место
Свети води, село Тработивиште/ Месноста Света Вода е оддалечена 15-тина километри јужно од Делчево, во атарот на с.Тработивиште. Самите извори се високо од десната страна на реката Брегалница. Тука од памтивек постојат 3 извори на вода. Подоцна овие извори се каптирани во чешми што никогаш не пресушуваат. За водата од овие чешми, меѓу локалното население во Делчево и регионот, постои верување дека истата има лековити и чудотворни својства, односно дека оваа вода е света, т.е. исцелителна, па затоа целата месност го добила името Света Вода.
Трите извори, односно чешми се на растојание од 30 до 50 m една од друга. Најпрво, посетителите наидуваат на онаа чешма што е посветена на божјата мајка Св. Богородица, следна е водата посветена на Св. Недела, а последна е чешмата посветена на Св.Петка. Исто така, тука кај Света Вода често се служат верски обреди со свештени лица од брегалничката епархија. За Света Вода кај селото
Тработивиште познато е кажувањето на Стојан Димитров, најстариот учител од овој крај во периодот на претходниот систем на државно уредување, за извесни струмички испосници, кои имале свои ќелии во близината на Света Вода во XIII век.