Туморот го извади најдоброто од мене, а јас за возврат го уништив: Борче Стаменов за најтешката животна битка

Добивај вести на Viber

Позитивниот дух и вербата во добро му помогнале на Борче Стаменов да ги преживее најтешките животни мигови, неговата операција на тумор на мозокот која се случила пред 19 години. Борче денес живее за да ги направи луѓето среќни, и е човек на кој малку му треба за својата среќа. Со неговата иницијатива „Донирај компјутер“ која сега стана здружение израдува речиси 1.500 семејства во Македонија.

Секој 3 март, денот на операцијата, Борче го слави како свој втор роденден. Целата приказна, иако има среќен крај е болна и неизвесна, но кавадарчанецот со големо срце и во оваа борба го вложил и го извлекол најдоброто од себеси. За новостите со „Донирај компјутер“ и за неговата лична битка, тој раскажа за Женски магазин.

*„Донирај компјутер“ во моментов е во фаза на собирање донации за автомобил. Колку средства досега собравте, и уште колку се потребни?

- После повеќе безуспешни обиди и апели некако да дојдеме до автомобил, кој ни е неопходен, решивме да го преземеме работите во свои раце. Сепак, ние сме здружение што нема никакви приходи и не сме во сотојба да купиме. За наша среќа веќе има и сајт кој нуди таков сервис во Македонија за правење проект кој граѓаните финансиски со донации ќе го поддржат. Досега имаме собрано околу 120,000 денари. Ние сакаме да земеме половен автомобил кој би чинел некаде околу 6000 евра или 372.000 денари. Ќе го користиме за превоз на донации од било каде до Кавадарци. Моментално тоа го правиме преку молби и апели на на социјални мрежи, но сепак не би сакале некому да сме товар. Имам идеја и да правиме посети на населени места низ Македонија каде со претходна најава би оделе да собираме ИТ опрема која граѓаните веќе не ја користат. Автомобилот тоа многу ќе ни го олесни. Секој кој сака да не поддржи во нашата намера да обезбедиме превозно средство мкоже да ја посети https://ecrowd.mk/projects/9e8a00e6-0d2b-46c3-94a0-92d6288801a3 и да донира износ според своите можности. 

 * Има ли одзив оваа иницијатива каков што очкеувавте, кој се’ е вклучен во процесот?

- Само првиот ден успеавме да собереме околу 82000 денари. Донираат и граѓани и компании. Денес е втор ден и сме некаде на 120.000 денари. Проектот има временска рамка од 2 месеца, мислам дека ќе успееме да го собереме износот. Не’ контактираа и некои компании кои понатаму ќе не поддржат со гориво, бесплатна регистрација, бесплатно брендирање на автомобилот. Има надеж и разговори некој да ни донира половно возило. Ако се случи тоа сите пари кои ќе ги собереме за купување, ќе ги донираме за нечие лечење. 

* На Фејсбук објави дека 3 март е твојот втор роденден, денот кога си го оперирал туморот на мозок. Како дозна дека имаш тумор?

- Пред се треба читателите да знаат дека јас обожавам црн хумор за да не се пронајдат навредени во продолжение на текстот. Го користам секојдневно, посебно кога се опишувам сам или некоја ситуација која сум ја доживеал. Туморот не дојде ненадејно. Си бил во мене долги година и растел. Кога доволно пораснал, почнал да прави притисок на одредено место. Како резултат на тоа јас почнав да имам парцијални епилептични напади, како на пример откажување послушност на десната рака и дланка. Во цел тој хаос нормално човек оди на лекар. Во Кавадарци никој од тројцата посетени лекари кои нема да ги именуваме не забележа дека се работи за невролошки проблем. Така се влечев на итна помош 1-2 пати месечно со истите симптоми за кои ми беа давни некои инекции за смирување. Еден од докторите се дрзна да ме праша дали имам доволно секс во животот. Нормално си доби соодветен сочен одговор и сега кога ќе ме види оди од другата страна на улицата. Спасот го најдов кај доктор Шадман Мести кој ме упати на вистинско место каде ја добив дијагнозата. 

* Како реагираше во моментот кога ти кажааа дека мора да се отсрани со операција?

- Тоа беше 26.02 во Неуромедика во Карпош 4. Имав закажано МРИ снимање, каде и открија што уствари се случува во ова што го носам на рамена. Докторот си го кажа своето, а јас моето. Свртен кон моите кои беа со мене: ајде екипо, имаме тумор за вадење! Нормално се смеев како и секогаш, знаев дека на крај ќе биде се’ во ред. 

* Самиот претсој во болница делува психолошки лошо на сите луѓе, како ти се избори со лошите мисли, со болките, со чекањето во тие периоди?

- Па, искрено на почеток ми беше малку чудно, сепак ја во мојот болници сум посетувал само на систематски прегледи. Не траеше бунилото долго. Бев опкружен со луѓе кои имаа исти или полоши дијагнози од мојата, но сепак се смееја. На некој начин ми дадоа сила. Јас сум таков човек да и планетата да се руши, ја ќе кажам виц. Ги забавував по цел ден, посебно се смееја на мојот кавадаречки. Не чекав да се објави денот за мојата операција,  тој едноставно дојде. А јас? Јас цело време бев убеден дека ќе ме успијат, ќе ме средат и ќе си одам дома здрав. Позитивноста во најлоши моменти ме спаси. И уште сум таков, не дозволувам некој или нешто да ми го сруши духот. 

* Како регираше во моментот кога дозна дека си излечен?

- Тоа беа најдолгите 7 минути во мојот живот. Чекавме резултати од биопсија. Резултатите беа такви што и претпоставував дека ќе бидат. Ги чув, станав и отидов да јадам и да се подружам со цимерите. И нормално почнав да ги пакувам пиџамите. Експлодирав кога се симнав пред болница и ме тресна од земја се што преживеав тие 20-30 дена. Во исто време плачев и се смеев во кола од Скопје до Катланово. Или беше до Велес? До Росоман, да!

* Како си сега, 19 години по тој настан, што научи за себеси, за твоите најблиски, за тоа како треба да се живее животот воопшто?

- На 43 можам да кажам дека се чувствувам како 19. Се изградив како човек. Туморот само го извади најдоброто од мене, а ја за возврат го уништив. Ја сум уште истото човече кое кажува вицови и ги радува луѓето. Моите најблиски ми се сеуште најблиски. И секогаш ќе бидат. Беа со мене кога ми беше најтешко и затоа ќе им се оддолжувам додека сме заедно. А животот? Само треба да го живееш како што ТИ сакаш!

* Колку ова искуство ти помага во твојата сегашна хуманитарна работа и во тоа што секојдневно ги правиш луѓето среќни?

- Чувството дека можеби го живееш последниот ден го имав пред да ме внесат во сала. И помислив еј ова не го направив, еј и она го заборавив, еј не се поздравив со...

Можеби звучи како клише но, треба секој ден да се трудиме да бидеме подобра верзија од себе. Сакам да ги правам луѓето среќни. Понекогаш тоа е виц, понекогаш е обичен муабет, понекогаш е седење на некоја висина и зјапање во хоризонтот со некого, понекогаш е шамар проследен со зборовите “ма не се глупирај, нормално дека можеш!”,  a понекогаш тоа е подарок компјутер. Луѓето ќе го заборават оној што им нанел зло, но никогаш нема да го заборават оној кој им се нашол кога им било најтешко. Пред некој ден на едно интервју ме прашаа како сакам луѓето да ме запаметат? Одговорив дека луѓето може и нема да ме запаметат, а не мораат. Но она што јас го почнав и го работам во последниве 6 години ќе остави траен белег не само на тие околу мене, туку на генерации кои се и ќе се инспирираат од нашето движење наречено Донирај Компјутер. Или накратко како што другарот Хесе рекол во едно свое дело: Само оној кој умее да живее во мигот, кој живее во сегашноста и со таква радост и грижа му се восхитува и на најмалиот цвет на патот, на најмалото зрнце песок под каменот, умее да го цени и најмалиот разигран миг во животот, нему животот не може ништо лошо да му стори.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива

*Ме чека операција, ми најдоа тумор на главата: Инфлуенсерката Александра Шијаковска ги растажи обожавателите