ТВ Такси 28 за инклузијата во нашето општество: Кревките се борат најсилно!

Добивај вести на Viber

Инклузијата на лицата со попреченост е процес што никогаш нема да престане, и од таа причина, секојдневно сите ние треба да се бориме инклузијата да станува се посилна, за да изградиме свет во кој секој од нас ќе ужива еднакви права и можности.

Протагонистите на ТВ Такси 28, Ана, Стефан и Стрезо, свесни од потребата за покревање на свеста за инклузијата, посветија две епизоди на најголемите херои меѓу нас – лицата со попреченост, кои и покрај препреките со кои се соочуваат, со насмевка се борат за подобро утре и правата кои ги заслужуваат. Тие во приказната ги вклучија и оние кои ги препознаваат нивните потреби и придонесуваат за полесен живот токму на тие лица.

Својата приказна ја сподели новинарот Сашо Димовски, чија цел била, по стекнатиот инвалидитет, да се врати повторно на улица. И успеал.

Лицата во инвалидски колички добија своја кошаркарска репрезетација, па со огромно воодушевување раскажуваат колку им значи. И покрај тоа што за таквиот тип на спорт се потребни големи финансиски средства, кошаркарите и нивниот тренер се избориле да ги добијат и да набават специјални инвалидски колички со кои тие лица ќе уживаат на теренот.

Како што споделија, нивната мисија е репрезентацијата да се зголеми на ниво на цела држава, не само во Скопје, бидејќи за нив секоја спортска активност е од огромно значење.  

Љубовта кон кошарката, меѓутоа и љубовта кон овие луѓе, во смисла, кога доаѓаат на самиот тренинг, е да се чувствуваат убаво. Нашата цел, кога почнавме ова да го правиме како проект, беше сите оние луѓе коишто ќе дојдат тука да останат тука што е можно подолго време. Тоа ќе биде за нас еден голем успех, затоа што на овие луѓе навистина им треба физичка актовност, таа е многу корисна особено за оваа целна група на луѓе“, рече Саша Димитриевиќ тренер на кошарската репрезентација во колички, зборувајќи за мотивот за започнување на ваков тип на спорт.

Се надеваме дека во иднина нивниот број ќе се зголеми, дека ќе ја добијат потребната финансиска помош и оти еден ден ќе бидат дел европското првенство.

Јове Паргоски, вработен во НУ Завод и музеј – Битола, зборуваше за проектот „Алтер трип“, кој го работеле заедно со ГАУС Институтот од Битола, а преку кој успеале да го направат локалитетот Хераклеа достапен за сите. Со гордост раскажа како сега луѓето со секаков тип на инвалидитет имаат можност во секое време да појдат таму и да уживаат.

Тој се осврна и на другиот проект „Алтернативно туристичко искуство – Алтернативно патување“,  што исто така е финансиран со средства од Европската унија, а чија главна цел е да се  мотивира трансформација на туризмот и сé она што привлекува туристи. На платформа што е изготвена во рамки на проектот за целиот Пелагониски регион се мапирани сите туристички дестинации, кафулиња, ресторани, музеи и се оценети со нивото за пристапност за лица со попреченост,  од секој аспект.

За инклузијата зборуваше и Дениз Јанкуловски, познат како Космонаутко, кој е вработен во Центарот за јавно здравје и го води здружението „Аутизам.мк“. Тој секојдневието на лицата со попреченост, за жал, го спореди со ограниченоста на сите нас за време на пандемијата со Ковид-19, и од таа причина постојано работи за подобар живот за нив.

Дениз се запозна и со Александар Ничовски, дете со Даунов синдром, кое маестрално ја одиграло својата улога во филмот „М“ на Вардан Тозија. Режисерот со огромна љубов раскажа за посветеноста и професионалноста на Александар при снимањето на филмот, а Александар рече дека повторно сака да глуми и дека се чувствувал прекрасно на снимањето.

Овие две епизоди на ТВ такси 28 покажуваат колку е потребна голема борба за инклузијата и колку таа им значи на лицата со попреченост. Јасна е пораката – државата да се насочи онаму каде што е најпотребна, за еднако и правично општество.

Епизодите можете да ги погледнете на:



*пр-објава