Лето. Тазе стасана во Битола, а баба ми ми вели:”Ајде сега кај Сајмето да ти ги истрижи кркмите”. Јас ??????? да одиме каде и да ми прават што?! Баба ми уживаше на фризер. Дури и кога сите работи беа наопаку, таа беше со црвен кармин на усните и со направена фризура, се разбира кај Сајмето. Имаше теорија дека спастрена жена секогаш полесно врви низ сите потешкотии ако е средена. Хах! Сум ви кажала дека и по изглед и по табиет семката ми е прилепска. Кога не сум ок, ќе ме сретнете дури и неисчешлана, без грам шминка, а од накит имам подочњаци кои се прелеваат во сите нијанси на модро. Немам тогаш ни желба ни сила да мислам на облека, шминка, дотерување. Умот ми е на сосем друга страна и фокусирана сум да го минам денот. И секој пат кога ќе излезам од дома ко поплава да ме исфрлила си велам, ако ме види баба ми од некоја страна ќе ми одржи убаво предавање. Секој од нас си знае како ги минува жолтите минути. Некои шопингуваат, некои се фенираат, а некои (како мене) маваат на шишање.
Си ја најдов мојата Сајме во Скопје. Се вика Билјана и е одговорна за мојата коса веќе 12-13 години. Одењето на фризер ми било отсекогаш траума. Муабетите која си, што си, свекрвите, снаите, децата, дрндрн ме убиваат во поим. Е, мојата фризерка е молчелива. Замислете! Кога правев експерименти да станам плавуша (имам некаде слики, кои се буквално едни од оние со кои можете да ме уценувате) седевме со саати и си молчевме. И таа и јас. А пустата има уплав ко ќе и’ речам “Бибс, а да правиме нешто со косава?”. И разбирливо, затоа што обично сакам нешто што е невозможно да се направи за еден ден, ама јас сум од оние на кои не им се губи време. “Не Ана, не може црна, ќе те прави постара. Не Ана, имаш портокалов пигмент на косата и плава нема да може да постигнеме, а перики немам. Не Ана, таа фризура ќе те покрие, а ти и онака имаш ситно лице”.
Вчера (сабота) се шишав. После 7-8 години повторно имам кратка коса. Ќе менував и боја, ама ме разубедија. Истата сум, со истите мисли, истиот ум, истата емотивност, само што вратот ми е гол и се чувствувам како да ми паднал товар. Не е до косата, да се разбереме. Кај мене шишањето има психолошки момент. Нова јас, како да ставам точка на дел од мојот живот. Првиот пат го направив тоа кога ја скратив гривата. Ова е втор пат. А истата будала сум која е мека ко памук, а пцуе како кочијаш. Се чувствувам убава. Не дека сум била да ми го усисаат целулитот или скратат свадбарките, или да ми ги зголемат градите (душа пуста), не дека сум си ги напумпала усните или сум ставила нови трепки. Се чувствувам убава затоа што имам мир. Последното што ми се случи кога ми откажа телото послушност, ме потсети дека мора и треба да се грижам за себе. Дека не сум спремна да ја платам цената на несакањето себе со тотален колапс. Последниот пат кога почувствував што значи да имаш болки во целото тело и да не можеш да се грижиш за себе, а за детето и останатото да не зборувам, ме распамети. Не бев во состојба да држам пенкало во раката, ниту да појдам во тоалет без да се препотам од болка и немоќ. А сум ви кажала, ако нешто ме плаши во животот тоа е чувството на немоќ.
Велат дека ум на човек му доаѓа тогаш кога ќе се соочи со се’ од што стравува. Дека тогаш учи, оти јас не сум од оние кои учат на туѓите грешки, па морам се’ сама да си поминам. Ми требаа 2 недели да закрепнам, да си дојдам на себе и да можам да работам без да се уморам. За тоа време сфатив дека убавината на човекот не е во шминката, па ни во фризурата, не е во новиот фустан кој ќе ми стои прекрасно, туку во внатрешниот спокој. Вчера се сликав, селфи де (нарцисоидно, па што?). После долго време си ги видов очите поинакви, насмеани, среќни. Зошто побогу ни треба да се доведеме во позиција да колабираме во секој поглед за да сфатиме дека убави сме онолку колку што сме среќни. Овој пат решив да не заборавам на тоа откако ќе ми помине. Оти ние луѓето памтиме како треба додека да застанеме на нозе, а после пак си тераме по старо. Е, овој пат секој ден се потсеќам каква бев и каква не сакам да бидам. Овој пат прочепкав убаво во себе за да видам зошто си го дозволив луксузот да се поболам. И точно е дека човек кога е среќен, има поголем имунитет и е способен да се избори и со болести многу полесно.
Правам она што ме усреќува, ни помалку ни повеќе. Социјалниот живот ми е тапа, не се движам низ градов, расчистив дека не ми треба маж за да бидам комплетна и среќна, дека љубовта ќе ја дочекам со ширум отворени раце ако дојде, а ако не, тогаш ќе уживам во се’ она што ќе ми измами насмевка. Среќата не ја врзувам повеќе за одредена личност и функционирање заедно. Впрочем, човек кога се нема себе, нема ни љубов кон другите. Учам да сум си убава на себе, да сум задоволна со она што го имам и да не патам од илузии. Учам да бидам помалку еуфорична за се’. Да сум на ниво од кое нема да ме исфрли ниту среќа ниту болка. Дали ми успева? Да речеме дека почнав да препознавам кога се враќа старата Ана и да ја успорам малку. Да и’ кажам дека што и да се случи, се има себе и најблиските. Дека мирниот сон е благослов, а убавината на животот не е во грандиозните нешта.
Сакам да ви го кажам следново:
Уживајте во себе какви и да сте. Уживајте во моментот дека сте се разбудиле живи и здрави. Уживајте во своите одлуки кои ги носите, а кои се во склад со она што го чувствувате и сакате. Уживајте во сопствените деца и партнери, доколку ги имате. А доколку не, уживајте во животот. Тргнете ги сите токсични луѓе кои ве прават да сте си неубави сами на себе. Тргнете ги сите оние кои сакаат да ве направат она што не сте, а не им е грижа како се чувствувате. Тргнете го отровот кој ве прави малодушни, уморни, депресивни.
И памтете...УБАВИ СТЕ. Не ви требаат пудри и шминки, не ви требаат алишта за да ви е душата полна. Убави сте и таа убавина ќе дојде до израз тогаш кога ќе ги се сакате себе. И кога барате човек и љубов, барајте го оној или онаа со кој/а ќе сте свои. Партнер е оној кој ќе ве прифати и сака такви какви што сте, ни помалку ни повеќе. Партнер е оној кој за кој нема да правите компромис кој ќе се однесува на тоа да задоволите нечии потреби и желби кои подразбираат дека ќе се лишите од своите. Бидете и вие партнер некому, токму онаков каков што посакувате за себе. А ако немате или не го најдете, памтете дека никогаш не сте сами ако се имате себе, среќни и задоволни.
И за крај...(не ме правете луда или патетична)...застанете пред огледало и кажете си на глас “УБАВА СИ”. Видете го и најдете го во себе мирот и издишете. Да сте ми живи и здрави...и бидете убави луѓе, за да сте убави жени и мажи.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Уба жена да бидиш
Ама не да се натокмиш
И црвило на образите да клајш
Ниту руба нова свилена
Ниту пак чевли светнати ти требаат
Биди уба жена
Биди среќна жена
Која однатре ќе свети
Ѓоа душата од сонце и’ е послана
И низ очите сјајот да ти излегва
Та ко ќе го опулиш чоек
Да му го згрејш срцето
Уба жена
Таква да си
Своја и нечија
Местото за себе во себе да си го најш
И во креветот да не си на полојна
Чоек да имаш
А пак да ми си ти-ти
Да знајш оти љубиш
Ама да не се заборајш себе
Оти еднаш се изгубиш
Поќе враќање нема
Ојш негде кај шо зад тебе трага не останва
И не мојш дури ни ко во приказните трошки да
остајш
За да се вратиш дома, на себе
Зато уба да си
Жена уба на себе да си бидиш
И ко ќе се очаклиш в огледало
Да не го тргаш погледот
И да не ја ведниш глата
Оти после тешко нагоре се крева
Не ќе мојш да ја додржиш
Ко без коски
Ко во своето тело гостин да си
И нигде не те бери
Нигде не ти чини
Нигде смеа не слушаш
Ниту пак убости гледаш
Оф бе пиле
Да можам
Само да можам в гла да ти турам ум
За да не далдисаш
Оти ти усул немаш
Ќе дајш поќе од шо ќе можиш да крепиш
А тенко си пиле
Не ми држат плеќите
А душата ми ти е ко вода
Та се прелева
Поќе нему ќе му дајш од шо за себе ќе имаш
Та покрај вода, од жед ќе згасниш
Оф бе чупе
Оф пиле мое
Уба жена да си
Таква да дочекам да ми те видам
Да светиш
Да живејш
Среќна да си ми
И уба
Ама то не се учи
Нема книга за то да бидиш
И темелот на душата не се менви
Та ако сакаш дворец изгради врз неа
Зато страв ми е
Оти убај жени на лик многу ги има
Со дупки место очи
И уста полна земја место насмев
Тие убај жени без убост
Ко тебе пиле мое
Ко тебе