Улогата на тироидната жлезда во бременоста: Совети од д-р Марија Коцева специјалист гинеколог – акушер

Добивај вести на Viber

Се одбележува Неделата на свесност за тироидните заболувања, по тој повод зборуваме со Д-р. Марија Коцева специјалист гинеколог – акушер ПЗУ „Д-р. Ложанковски“ која информира и советува за тироидната жлезда во време на бременоста.

Тироидна жлезда и нејзина дисфункција

Тироидната жлезда е многу мал орган налик на пеперутка лоцирана на предниот дел од вратот,која продуцира хормони кои го регулираат телесниот метаболизам и влијаат на виталните функции на телото. Нормалното функциониорање на тироидната жлезда е значајно за плодноста како и за успешна бременост.

Дисфункцијата на тироидната жлезда може да биде поврзана со нерегуларни и обилни менструални крвавења, отсуство на овулации, пролонгирани точкасти „spotting” крвавења, рекурентни абортуси, рестрикции на интраутерин раст на фетусот.

Тироидна жлезда и бременост

Тироидната жлезда има особено есенцијална улога во развојот на рана бременост. Во тек на бременоста тироидната жлезда има форсирана продукција на тироксин за 30-50%. Добро функционирање ќе овозможи уреден развој на феталниот нервен систем и мозокот во тек на првиот триместар од бременоста. Во првите 12-18 недели од развојот фетусот е комплетно зависен од продукцијата на тироидни хормони на мајката. Околу дваесетата гестациска недела тироидната жлезда на фетусот започнува со сопствена продукција на тироидни хормони. Во тек на бременоста два хормони кои се продуцираат, hCG од постелката и естрогенот,  предизвикуваат зголемено ниво на тироидни хормони во крвта.

HCG е сличен на TSH и придонесува тироидната жлезда да произведува зголемена количина на тироидни хормони. Зголемените нивоа на естроген влијаат на зголемена продукција на thyroid-binding globulin  протеин кој ги транспортира тироидните хормони во крвта.

Нарушувања на функцијата на тироидната жлезда во тек на бременоста

Најчестите пореметувања во функцијата на оваа жлезда се намалена функција (хипотироидизам) и зголемена функција (хипертироидизам).

Хипотироидизам во бременоста е најчесто предизвикан од Хашимотова болест и се појавува кај 3-5 на 1000 трудници. Тоа е форма на хронична инфламација на тироидната жлезда (автоимуна болест). Нетретиран во тек на бременоста може да доведе до прееклампсиа, анемија, ран абортус, мртов плод, интраутерина ретардација на раст на плодот итн.

Најчесто се дијагностицира преку клинички симптоми  (екстремен замор,опстипација, намалена толеранција на студ, мускулни грчеви, проблеми со меморија и концентрација) и промени на хормоните во крвта како зголемена вредност на TSH,а намалена на T4. Доколку се потврди оваа состојба лек на избор е синтетски левотироксин кој е целосно безбеден и неопходен за добробит на мајката и на фетусот.

Хипертиреоидизам во бременоста е најчесто предизвикан од Гравесова болест и се појавува околу 1 на 500 бремености. Ретко може да биде предизвикан во бременоста од hyperemesis gravidarum -тежок облик на повраќање и мачнини кои што можат да доведат до дехидратација и губиток на тежина. Нетретиран хипертироидизам во  тек бременоста може да доведе до прееклампсија,тироидна бура, абортус, предвремено раѓање, ниска родилна тежина, конгестивно срцево затајување.

Во бременоста најчесто се открива преку клинички симптоми (забрзана срцева акција, неможност да се зголеми телесната тежина, благ тремор) и хормонски анализи на крвта (TSH хормон со многу ниска вредност).

Јодот во бременоста

Во тек на бременоста тироидната функција е потребно да се проверува на секои 6-8 недели. Неопходен е внес на балансирана исхрана и додатоци од пренатални витамини и минерали кои содржат јод за да се примат повеќето нутритиенти кои што се неопходни за тироидното здравје. Дневните потреби од јод во текот на бременоста се околу 150-200 микрограми. Фетусот се снабдува со јод од резервите на мајката.

Улогата на ран скрининг на тироидната функција при бременост

Многу трудници кај кои има веќе дијагностицирано некое од пореметувањата на тироидната жлезда уште пред бременоста се соочуваат со чувство на страв и паника дали воопшто ќе забременат, дали ќе имаат спонтан абортус итн. Доколку редовно се прават анализи на тироидните хормони и во консултација со специјалист ендокринолог функцијата на тироидната жлезда се регулира адекватно со терапија и нема причина за загриженост. Во нашата ординација имаме многу успешни приказни кај жени кои биле дијагностицирани со некое од тироидните пореметувања уште пред бременоста како и такви каде сме откриле на старт од бременоста дисфункција која е навремено третирана. Уште при првиот ултразвучен преглед кога утврдуваме присуство на срцева акција им назначувам на пациентките покрај рутинската крвна слика и урина да се испита и TSH хормонот, со цел да имаме можност за рана детекција на неоткриени случаи со пореметена функција на тироидна жлезда во бременоста.