Уште една волонтерска акција на вработените од Пивара Скопје во СОС Детско Село
Во екот на новогодишната магија за споделување радост и среќа со најмилите, жените вработени во Пивара Скопје повторно го посетија СОС Детско Село Македонија. На заедничкото дружење, децата од СОС Детско село и волонтерките од Пивара Скопје, во топла и весела атмосфера, подготвуваа традиционални новогодишни колачиња. Ова е втора акција на волонтерките од Пивара Скопје во СОС Детско село оваа година, по онаа организирана во пресрет на 8. Март - Меѓународниот ден на жената. „Прекрасно е што имаме можност на овој начин, во одлично расположение, да се подготвиме за претстојните празници. Дружбите со волонтерките од Пивара Скопје секогаш внесуваат радост и топлина кај децата и сите нѐ прават среќни. Заедничкото подготвување на новогодишни колачиња е навистина одличен начин да се одбележи овој период од годината“, изјави националниот директор на СОС Детско Село Македонија, Јулијана Гапо, воедно заблагодарувајќи ѝ се на Пивара Скопје за обезбедената финансиска поддршка. Во текот на оваа година, вработените во Пивара Скопје реализираа над 1000 часови волонтерска работа, што јасно покажува дека волонтерството претставува суштествен дел од корпоративната култура на компанијата. „Задоволни сме и горди што како компанија и оваа година продолживме со финансиската поддршка и соработката со СОС Детско село. Истовремено, продолжуваме и со волонтерските акции со кои сакаме да дадеме и поединечен придонес во унапредување на квалитетот на животот на заедницата. Особено се радуваме на дружењето со децата во СОС Детско Село, а жените вработени во Пивара Скопје и овојпат докажаа дека покрај трудољубивоста, и солидарноста и емпатијата се дел од нивниот личен кодекс на вредности. Како компанија, во доменот на општествената одговорност во годината што изминува постигнавме забележителни резултати и верувам дека создавањето силни партнерства со заедницата и имплементацијата на активности од овој вид ќе продолжи и следната година“, изјави Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје. Како дел од глобалните системи на Coca-Cola и HEINEKEN, Пивара Скопје, повеќе од девет децении, покрај лидерството на пазарот во земјата, одвојува значајно време и ресурси во реализација на голем број проекти и волонтерски активности за поддршка на заедницата во повеќе области, како што се: здравјето и безбедноста, активниот животен стил, умерената и одговорна консумација на алкохол, обезбедување чиста животна средина и заштита на водните ресурси, јакнењето на местото на жената во општеството, како и стекнување знаења и вештини кај младите со кои тие полесно ќе ги надминат бариерите при вработувањето или ќе отворат свој бизнис. СОС Детско Село е меѓународна организација посветена на заштита и примена на детските права, со посебен фокус на поддршка на децата без родители и родителска грижа и деца кои растат во семејства со социјални ризици. Организацијата во Македонија е основана во 2002-рa година, а во нејзините рамки функционираат: СОС Детско Село, СОС Младинска Заедница и СОС програма за полунезависно живеење. За повеќе информации посетете ја интернет страницата ПОЛНА ЧАША: www.polnacasa.mk |