УТРЕВЕЧЕР ВО МОБ: Премиера на операта „Помеѓу соништа и летови“ од Горан Начевски
Утревечер (петок) од 20 часот, на малата сцена на Македонската опера и балет премиерно ќе се изведе камерната опера, „Помеѓу соништа и летови“ од композиторот Горан Начевски.
Трите главни улоги ќе ги играат Александра Лазаревска Василевски како ѕвездата, Дејан Стоев како таткото и Невен Сиљановски во улога на патникот. Диригент е Иван Еминовиќ, режисер Љупка Јакимовска, концерт мајстор Јане Бакевски, а хор мајстор Јасмина Ѓорѓеска. Во операта учествуваат хорот и оркестарот на МОБ, а кореографски ќе ја збогати балетската двојка Христина Ангеловска и Агим Бафтии и Дуа Махмути во улога на детето. Кореограф е Маја Каревски.
Авторот на операта, Горан Начевски е доктор по композиции и магистер по соло пеење
„Либретото на операта е емотивна приказна во која секој од ќе ја пронајде својата верзија. Ова е приказна за моментот кога не сме сигурни што е сон, а што вистина, или за тоа, кој е реалниот, а кој замислениот свет. Приказна без почеток, но со среќен крај, како спротивност од трагичните завршетоци на најголемиот број дела од оперската литература.“, изјави Горан Начевски, авторот на операта. Интересна е уште една спротивност, парадокс во изборот на видот на глас кај улогата на таткото. Родителите секогаш, во оперите се или со средни или со длабоки гласови: алти, мецосопрани, баси или баритони, и затоа, во ова дело, таткото е тенор, кој во еден момент вели дека понекогаш е невозможно да се воспостави граница помеѓу сонот и вистината, минатото и иднината.
„Секој од нас е патник. Патниците чекорат напред, или се враќаат назад. Чекаат. Се надеваат. Копнеат. Љубат. Плачат. Се плашат. Сонуваат, барајќи ја својата среќа. Со преполни или празни куфери. Понекогаш нема куфери. Само патникот,сам, со својата ѕвезда која му го осветлува патот. Патникот, ѕвездата и тишината. Приказна без почеток во која е возможно да се сретнеме со оние луѓе, со кои гледањето во нивните очи, прегратката и разговорот со нив посакуваме да траат вечно, бесконечно. Во чекалната, обоена со најубави бои и со најубавиот поглед кон градот, морето, цвеќињата, птиците, бродовите и авионите“, додава авторот.
Премиерата е во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“.
Горан Начевски е доктор по композиции и магистер по соло пеење. Како исклучителен талент, без претходно нижо музичко училиште е примен во Средното музичко училиште во Скопје (МБУЦ) кое потоа го заврши и на два оддела: инструментален (соло пеење) и наставно-теоретски. Потоа ги започнува паралелните студии (соло пеење и композиција) на прашкиот Факултет за музичка уметност (Чешка) на кој во 2000 година магистрираше композиција во класата на проф. Милан Славицки со највисока оценка, а во 2001 година магистрираше соло пеење на истиот факултет кај проф. Рене Тучак со оцена 10. Во јануари 2006 успешно ја одбрани докторската дисертација во Прага. За време на престојот во Прага вниманието на стручната јавност го привлекува со повеќе свои композиции, а за делото „Елегија“ за гудачки оркестар ја добива престижната награда „Гидеон Клајн“ што во Чешка се доделува за музичка композиција.
По враќањето во Македонија, Начевски се вработува како солист - баритон, во МОБ, а настапува и како концертен пејач со повеќе целовечерни рецитали во организација на најафирмираните домашни фестивали и концертни дирекции. Неговите дела редовно се изведуваат на фестивалот „Денови на македонската музика“, а на него често настапува и како вокален солист, промовирајќи го македонското вокално музичко творештво.
Од своето прво деби како солист во МОБ - Скопје во 2006, за краток период од три години оствари 15 главни улоги, а забележително е неговото гостување во Хрватско народно казалиште - Загреб како Марчело во операта „Боеми“. Од 2010, Начевски е професор по група предмети од областа на теоријата на музиката со композиција и соло пеење на ФМУ.
Милица Џаровска