Утринско Франк кафе со Марија Ивановска: Со Бојан зборуваме за музика и се инспирираме

Добивај вести на Viber

Денот најчесто ми започнува со будење без аларм. Најубавото чувство! Прописно ги извршувам утринските ритуали како облекување, миење, истегнување и појадок. Ги разгледувам обврските за тој ден, си организирам и планирам во главата која како и кога да ја извршам и денот може да започне. Ги обожавам деновите кога треба да се биде цел ден во студио и да се снима музика, тогаш утрата ми се најопуштени и полека се спремам за целосно препуштање во магијата на снимање музика и инволвирањето во креативниот процес на создавање, и за среќа овие денови се најчести. Кафе пијам многу ретко, а кога пијам тоа го правам со Бојан или кога се гледам со пријателите во текот на денот.

Освен мојата улога како вокал во Ај Кју, присутна сум и во музичкото училиште на Бојан – „Мјузик Хаус“ (воедно и студиото каде што се снимени и повеќето од песните на Ај Кју) како организатор и менаџер на настаните и програмите во наставата. Обврските варираат од актуелноста на полињата на кои што дејствувам. Доколку имаме повеќе настапи, интервјуа, и активности со музиката, тогаш во текот на денот сум посветена целосно на тоа, доколку во „Мјузик Хаус“ има повеќе случувања и настани, тогаш сум повеќето од времето таму. Во секој случај, деновите се секогаш исполнети максимално, и уживам во секој дел од денот бидејќи го работам токму тоа што го сакам.

Ме мотивира целта, убавата и позитивна енергија и критиките. Секогаш кога ќе си замислам кои би биле придобивките од крајната цел и тоа што сакам да го постигнам ми дава уште поголем елан и ентузијазам за исполнување и достигнување на истото.  Ме мотивираат храбри мотивациони говори и кога сум сведок на успешни приказни на личности во мое опкружување, а особено кога се работи луѓе со светски успех.

Вечерта понекогаш знае и да не заврши, и да се заборавиме во студио. А кога завршува, ја минувам или со Бојан или со пријателите. Кога сум со Бојан, гледаме филм, или серија, или јадеме или се дружиме со пријатели или зборуваме за музика или се инспирираме.

Најинтересно ми е гледањето филм во кино или дома под ќебе, а книги најчесто читам на одмор и тоа знам 3-5 во 10 дена, зависи од содржината.. која нема да ми даде да спијам од неизвесност.


(Марија Ивановска- пејачка)