Утринско кафе со Зорица Поповска: Децата се мои најголеми учители

На самиот старт на денот – си давам на себеси време и простор за ресетирање. Почнувам со себе. Си покажувам малку љубов. Се шегувам… тоа засега е како би сакала да биде, се уште не членувам во клубот на ранобудните.  Дотогаш, почетокот на денот е всушност најдинамичниот дел за мене. Моите две ќерки Дарија (9) и Ана (7) се исклучително расположени наутро за правење на сите можни креативни комбинации и стајлинг за облекување и соодветни на тоа фризури. После оваа првична бура од идеи и активности и нивното испраќање во училиште. Денот за мене може да почне, како и првото утринско кафе.

Го почнувам денот со „чист лист хартија”. Си дозволувам на себе нов почеток отварајќи го својот ум. Ако денот по утрото се познава, тогаш тој микс од динамичност и отвореност за нови предизвици го одбележуваат целиот мој ден.

Во деновите кога не сум насочена кон испорака на тренинг развојни активности или работа со моите клиенти, често останувам и работам од удобноста на својот дом, поради мирот и тишината кои ми се потребни за мојата творечка работа.

Мотивацијата е моја работа, би било добро другите да не ме демотивираат. Се мотивирам преку трагање на креативни начини на постоење. Од начинот на кој пристапувам кон мојата работа и резултатите кои ги креирам, кон мојот живот, од чувството за постоење на поголема смисла од мене самата и мојот живот. Смислата која ја носам во мојата работа, која е многу повеќе од работа – тоа за мене е уметност. Понатаму од релацијата која ја градам со моите деца кои се мои најголеми учители и секогаш одново и одново со задоволство ја слушам нивната свежа перспектива за работите околу нив. Од свесноста дека секој момент е значаен и целата моќ и сила и убавина е во сегашниот момент. И уште многу многу други работи во природата, луѓето...едноставно барам инспирација во се околу мене. Сите тие работи мултиплицирано ме мотивираат и ме инспирираат за уште позначаен придонес.

Поради природата на мојата професија, секој ден е различен и ниту еден ден не наликува на претходниот. Ги сакам деновите кога работам со други луѓе, тоа може да е корпоративна или развојна отворена програма, коучинг работилница или коучинг сесија. Во тие моменти постојам и служам на другите. Развојот на другите, откривањето и ослободувањето на потенцијалот на другите, градење на вештини неопходни за успех во денешниот деловен амбиент е за мене исклучително значајна цел.

Но тоа не е работа која можете и која се работи секој ден. Па така, останатите денови се денови на мој личен развој, денови на трагање, на учење, денови на креација и иновација. Денови за откривање и поврзување со себе и со мистериите на инспирацијата...бидејќи за мене мојата работа е уметност. Од друга страна и балансот е клучен. Во се што правиме, па така во моите денови се содржат и доста рекреативни физички активности..трчање, пилатес, прошетките на Водно се моите омилени и чести активности. Но сакам и да излезам и да се дружам со пријателите, да испијам чаша вино, да играм и да се забавувам. А наредниот ден да медитирам, да испијам зелен џус. Едноставно ги живеам сите свои страни и својата автентична вистина. Тежнеам кон баланс. Да направиме свои правила и да не дозволиме никој да ни каже како да жиевееме спрема нивните правила.

Вечерите најчесто се резервирани за семејството. Се стремиме кон воспоставување и одржување на амбиент на разбирање, љубезност, почит и љубов.  Домот за нас претставува вид пристаниште каде се укотвуваме после дневните авантури за да одмориме и да ги наполниме батериите за утрешниот ден. Енергијата се троши надвор, за справување со сите предизвици кои ги носи денот. Но затоа вечерите, мирни и бучни истовремено, ги сакам во сите варијанти и начини, се резервирани за релаксирање. Тоа е период од денот кога дома меѓусебно споделуваме искуства и впечатоци од денот. Настојуваме како семејство, а на тоа ги насочуваме и децата да држиме поглед на гледање на работите низ филтерот на „научени лекции”..што и да се случило, на ништо не даваме преголемо значение, туку најчесто како “поп ап” следи прашањето..аха, и што научи од тоа?

Книгите се моја ментална и духовна храна. Верувам во книгите, во знаењето кое се стекнува, и за мене тие беа патот кон мојата лична слобода. Книгите се моја голема љубов и пасија. Читам многу и секогаш сум опкружена со повеќе книги на кои им се посветувам наизменично, зависно од расположението или потребата која сакам да ја задоволам.  И во најзафатените денови, едноставно не може да ми се случи денот да помине а да не прочитам барем неколку страници.  

Не е лесно, но јас правам да изгледа така. За да можам да создавам развој на мојата компанија, и уште поголема  вредност за моите клиенти, морам многу да учам, и тоа ми дава енергија.  Настојувам да останам отворена за нови идеи и нови информации. Да се биде “сезнајко” е како да се затвара вратата за нови откритија и за нови можности. Многу често истражувам, па поради тоа книгите се прекрасно нешто и се лесно достапни. Можеби само имам среќа, но мене навистина никогаш не ми е здодевно. Секојдневно читам литература од областа на психологијата, неврологијата, источната мисла, како и се што е поврзано со луѓето и личниот развој и тоа за мојата работа е важно, да знам што се случува насекаде во светот и најновите откритија на науката. Тоа бара извесна дисциплина, но може да биде и авантура и да ве подготви за нов почеток.

(Зорица Поповска- професионален тренер и коуч, основач на „Сенсум Тренинг и Коучинг“)