Утринско кафе со Христина Младеновска:Наутро се грижам за телото, навечер за менталното здравје
Ме мотивираат неправдите кои се случуваат во светот. Ме мотивира тоа што има толку многу луѓе кои се наоѓаат во најразлични тешки состојби. Си велам: Јас сум тука и можам да направам нешто околу тоа, колку и тоа да е ситно, ако можам да направам нешто, било што, треба да го направам тоа, да допринесам некако, да помогнам некако... Од друга страна ме мотивираат и приказните на луѓе кои веќе го прават тоа. Луѓе кои го прават светот подобро место за живеење и луѓе кои го живеат својот живот автентично на тоа кои се, а не според тоа што им го налага светот. Ме мотивира помислата дека можам да имам некаков позитивен импакт на светот и работам кон тоа. Сѐ што правам, го правам за да можам понатаму да работам на сѐ поголеми и поголеми проекти и да имам се поголем и поголемо позитивно влијание на општеството.
Бидејќи работам како фриленсер, моите денови се секогаш различни. Најчесто сум во движење по цел ден, по состаноци и настани, со лаптопот во ташна за помеѓу состаноците да украдам по некој саат да завршам некоја работа (работам графички дизајн и видео продукција).
Денот вообичаено ми завршува гледајќи некоја серија, филм, документарец или некои видеа на youtube. Бидејќи сум интроверт по интензивниот ден потребно ми е малку време за себе, сама со себе во тишина, да ги наполнам батериите. Сметам дека е многу важно да се познаваме себе си и да одвоиме малку време од денот за себе, да се погрижиме за своето тело, но уште поважно за својот ум. Така што мене утрата ми се посветени за грижа за моето тело, а вечерта за моето ментално здравје.
Филм, филм, филм. Сите што ме знаат, знаат дека сум многу голем movie geek и најомилената активност ми е одење во кино. Филмот за мене има навистина посебно значење, филмовите имаат моќ да ја креираат глобалната перцепцијата за одредена тема, да развијат емпатија за луѓе кои поминуваат низ приказни кои нам никогаш нема да ни се случат и да те транспортираат во сосема друг свет од кој кога ќе се вратиме во реалноста веќе нема да бидеме истата личност, туку ќе имаме научено нешто ново или ќе ги видиме работите со поинакви очи. Верувам дека слично е и со книгите, но јас лично сум заљубена во филмот како уметност и претпочитам филм наместо книга. А кога сакам да прочитам некоја книга вообичаено ја земам аудио верзијата па ја слушам наместо да читам и најчесто слушам на слушалки додека сум во движење или на точак.
* Христина Младеновска, Инстаграм активист, Актер, Плус-сајз модел