Утринско кафе со Александар Масевски: Првото кафе го пијам со сопругата Билјана

Денот ми почнува вообичаено со исклучување на алармот во 7 часот наутро, кој не потсетува дека треба да го будиме Димитар за на училиште. Тоа ни е всушност потсетникот за почетокот на нов работен ден. 

Првото утринско кафе го пијам со жена ми Билјана, со чат-пат муабет додека на телевизискиот екран во позадина отсутно „гледаме” некоја тековна епизода на „24 Kitchen“.

Мирот и хармонијата во семејството ми е многу важна мотивација за почеток на успешен работен ден во моето студио. Се понатака е само сплет на моментални чувства и случувања кои допринесуваат за плодна креација. Во принцип секојдневието носи повторување на рутини кои повеќе или помалку ни се допаѓаат, но се разбира обврските мора да се завршат нели?!

Така што покрај планот за повторно креирање во судио, кој веќе 30-тина години е прв на мојата дневна топ листа на обврски, веднаш се приклучува и планот за прошетка на нашиот домашен миленик Балдер (кучето-мечка од Алпите) кое го носам на прошетка најмалку 2 пати во денот. Понатаму одам вообичаено да испазарам нешто ако има потреба или да го фрлам ѓубрето и генерално тоа е тоа што го правам со „предумисла” секој ден. 

Ако не заглавам во студио до многу доцна навечер или до раните утрински часови, тогаш најчесто денот завршува во семејно опкружување каде што секој секому ќе посвети повеќе или помалку внимание (според потребите нели?!), а потоа секој во своето приватно катче на домот (децата во своите соби со своите обврски или разонода, а јас и Билјана во дневната соба пред телевизорот), се додека не не совлада сонот.

Се разбира инцидентно има и планови за дружба со пријатели, одење на вечера во некој ресторан, посетување на кино или балетска претстава итн.


(Александар Масевски- композитор и продуцент)