Утринско кафе со Александра Бела: Се будам со песната „Пијан славеј“ од „Фолтин“

Во суштина не ми започнуваат шаблонски деновите, секој ден ми започнува со своја приказна. Вашето прашање ме натера да размислам ,што е тоа што  константно го правам наутро. Во последните неколку  дена се будам со звукот на песната , „Пијан славеј“ од групата „Фолтин“. Не знам зошто, но првото утринско кафе ми е секогаш направено од златните раце на мојата мајка, но го пијам сама, бидејќи таа оди пред мене на работа. Се подготвувам за на работа и пивнувам по некоја голтка, тоа  ми се ретките минути кога го поминувам времето сама со себе. Во секој случај сум страстен љубител на кафе, посебно кога е испиено со добро друштво.

Ме мотивираат успешни луѓе, добри луѓе ,уникатни луѓе.. Ликови со идеја и цел во животот. Но исто така  и мојата успешно сработена работа ме инспирира да бидам подобра во иднина.

Дневните планови ми се пред сè поврзани околу работата. Правам подготовки за мојата емисија со еден куп ливчиња залепени на мојот монитор така функционирам за да не заборавам нешто. Сакам кога имам повеќе обврски и кога имам задача да ги елиминирам една по една. Откако ќе ги затворам сите тогаш се препуштам на „плановите за задоволство“. Сакам да си испланирам  убави мигови со моите најблиски , со моето момче или пријателите.

Што се однесува до крајот на денот повторно е секогаш различно исто како и почетокот на денот. Најчесто го заокружувам денот со читање книга или гледање филм, а  во последно време пред тоа да започне пијам шолја топло какао со мајка ми. 

Книга читам постојано. Во моментов ја читам „(Со)шиени раскази“ од Оливера Ќорвезироска , топло ја препорачувам на сите, не само оваа книга, туку оваа авторка. Сакам да ја следам филмската индустрија. Се трудам да бидам во тек со новите филмови и да ги гледам , веќе имам симнато неколку од 2019 год. што чекаат на ред.:) Инаку,  некој што во последно време ме „треснал од земја“ е „Мајка“( Mother ) од режисерот Дарен Аронофски .

Александра Бела, водител на неделниот магазин „Алфаскоп“ на Тв „Алфа“