Утринско кафе со Александра Пренџова: Кога си мајка хобито е вистински луксуз

Денот ми почнува со погледот во најубавите очиња на цел свет, во мојот син Oгнен, а веднаш потоа брзинско спремање за во градинка, на работа. Под брзинско мислам и на шминкањето во лифт, или во кола. Првото кафе најчесто го пијам на работа, најчесто со некој клиент работејќи, а би сакала во празен стан дома, со радио на најгласно.

Ме мотивираат убави луѓе. Кога велам убави не мислам на надворешна убавина. Ме мотивираат луѓе кои се позитивни, ведри, со јасна цел и успешна приказна, особено оние приказни за луѓе кои стартувале од нула. Ме мотивира секојдневно Инстаграм и сите позитивни луѓе таму, секој труд на тој некој да направи нешто свое и да покаже личен белег. Особено секоја креативна работа од наши македонски профили, секогаш барам да препознаам убавина. Секако ме мотивира и мојата работа. 

Мојот ден е во принцип многу едноставен, кога се работи за преку недела. Работа, градинка, па потоа можеби некој ручек со Огнен и иле, или кафе нормално во игротека, па игра дома и спиење, а утрото пак истото. Секако во дел од дневни планови и обврски си го сметам моето омилено хоби, мојот профил на Инстаграм @mommydiarymk на кој со љубов споделувам она што сметам дека е интересно и корисно за мојата публика. За викенд е сосема друга шема, додека Огнен минува време со баба, дедо и тете, мама и тато се гледаат со пријатели на кафе, дружба, релаксација, и секако спиење до подоцна.

Денот на крај завршува со проверка на Инстаграм секако, а претходно со гушкање и галење со мојот син Огнен. Потоа мојот омилен дел, а верувам и за секоја мајка, тишината и раскренати играчки низ дома после цела слатка бука од дете, како некоја посластица, како некоја јаготка на шлаг. Туш, можеби шолја топол чај и секако кревет.

Искрено кога си мама, овие хобиња погоре се вистински луксуз, а ние и немаме слободно време баш да се луксузираме (се смее). Времето после работа гледаме максимално да го поминеме со синот, а во оној дел кога не е тој, бидејки живееме сами со сопругот во стан, имаме обврски кои мора да бидат завршени. Сепак некогаш знаеме да пуштиме добар филм, да направиме добро мезе со чаша убаво вино, но ова секако е отккао ќе заспие Огнен.

(*Александра Пренџова - дипломиран нутриционист и технолог по исхрана, Инстаграм блогерка)