Утринско кафе со Ана Јованоска: Инспирација црпам од морето и шумите

Денот ми започнува по дупло ѕвонење на алармот, бидејќи утринскиот сон ми е најсладок и разделбата со креветот во раните мугри не ми е нималку лесна. Потоа откако ќе се спремам набрзина и помагам на ќерка ми да се подготви за во училиште, низок старт и спринт да стасаме навреме на појадок пред часови. 

Утринското кафе го пијам на работа во друштво на мојата колешка, со која секојдневно си уживаме во нашиот кафе ритуал и во вкусот на топлото нес, небаре првпат го пробуваме. Низ опуштен разговор си го резимираме претходниот ден, раскажувајќи си ги најинтересните случки и правиме план за тековниот. 

Кон крајот на работниот ден следува чај ритуалот кој се состои од некој растителен чај со мед, лимон, семе од ѓумбир и семе од синап. И така завршувајќи ги работните обврски, додека трепнеш работното време веќе поминало. 

Потоа брзам да ги земам децата од градинка и училиште, за да си го искористиме максимално попладнето во заеднички игри и забавни активности.

 Ме мотивира природата и човечноста во луѓето. Позитивна енергија, мир и инспирација црпам од морето и шумите, каде што се чувствувам најубаво. А сметам дека најголемиот успех кај луѓето е да бидат човечни. Се друго е минливо. Но да се остави човештина зад себе е голем подвиг кој му дава смисла на животот и го прави вреден за живеење. 

Вечерта ја минувам со децата во читање сликовници, боење, играње со играчки, филмска вечер или некоја слична активност и времето пребрзо ни поминува. 

Па откако ќе ја завршиме рутината околу заспивањето, следуваат моите слободни минути, резервирани за опуштање и релаксација. Најчесто ги користам да си изгледам некоја добра серија или филм, да си читнам некоја книга или да си напишам некоја страна/две во мојата книга, слушајќи убава музика која ме инспирира. 

Во меѓувреме паралелно го подготвувам ручекот за следниот ден. Си легнувам со мирно срце и полни раце гушкајќи си ги дечињата и заблагодарувајќи им се, што неизмерно и неописливо ми го разубавеа ова секојдневие и вешто го обоија мојот свет во најскапоцено уметничко ремек дело.


Ана Јованоска - Д-р по економски науки