Утринско кафе со Ана Мартиноска: И по 23 години сè уште уживам во предавањата

Секое утро ме будат двете рачиња на Јон што ја гушкаат мама, по што следува петнаесетминутен ритуал на галење и скокоткање кој ми ги полни батериите за цел ден. Мојот сопруг Блерим заминува порано на работа, а јас го пијам моето дупло нескафе без шеќер додека се шминкам. Боите и четките се мојот креативен чин со кој во тишина се наоружувам за почеток на дневната трка со обврски, секој работен ден без исклучок. Викендите се резервирани за мојата омилена кафе дружба со сестра ми Миа, една од предностите на живеење во семејна куќа. Сосема сме различни, но ептен блиски, можеме да си кажеме сé, но и да си молчиме заедно. Ако имаме среќа да ни се приклучат и нејзините две ќерки, веднаш станува побучно и доброто расположение е загарантирано.

Среќна сум што имам работа која ја сакам, во која нема простор за рутина, а секој ден е различен од претходниот. И по 23 години сè уште уживам во предавањата, испитите и менторските консултации со постдипломците и докторантите, креативните средби со колегите врзани за заеднички проекти, патувањата на научни конференции, но првенствено во индивидуалната научна работа – читање на стручна литература, пишување на трудови, рецензии и критики, подготовка на изданија за печатење итн. Секако денот носи и балансирање со семејните обврски, морам да признаам со голема помош од мајка ми - баба сервисот е незаменлив за темпото на модерните семејства. Неизоставно се трудам да одвојам и време за играње со Јон, време за мали хедонистички задоволства, време за зрнце уметност.

Можеби звучи наивно, но вечниот оптимист во мене верува во љубовта и во доброто во луѓето. Кога имаш среќна мисла, малку ти треба за мотивација - љубезен збор, искрена насмевка, случајна средба, подадена рака, убава приказна. Тие се мојот начин за борба со светот, мојот лек за сите болки и животни искушенија.

Во текот на седмицата, денот ми завршува со моите двајца мажи. Си ги споделуваме дневните искуства и си го наоѓаме семејниот мир и спокојство среде хаосот од диносауруси, расфрлени коцки и колички од една, и нашите книги и компјутери од друга страна. Ако Маша и Медо го успијат Јон навреме, а ние не сме преморени од трчање по нашето енергично петгодишно момченце, со маж ми сакаме да украдеме малку време за нас двајца, за чаша вино и некој добар филм. Во викендите сакаме да излеземе на некоја изложба или на пијалок во некое кафуле низ Дебар маало - во Круг, Лајка или Бруклински на џез свирка или пак да поканиме пријатели на мезе и муабет. Ретки, но особено важни ми се и дружбите со мојата женска банда, после кои задолжително ме болат образите од смеење.

Секогаш и секаде, читам по неколку книги паралелно, па секогаш имам по една покрај креветот за неколку страници пред заспивање, една во колата за да ми го скрати времето додека го чекам Јон од вежби и барем неколку на работното биро. Во моментов ја читам Олга Токарчук, но и ја препрочитувам Мајсторот и Маргарита во новото издание со фантастична корица на Зоран Кардула. Ја добив на подарок од мојата драга Ана Јовковска, па со возбуда мерам колку различно ја доживувам сега отколку кога прв пат ја читав пред речиси 30-тина години. И со филмовите е слично,љубопитна сум за новата продукција, но неретко ме разочарува, па повторно се враќам кон колекцијата на класици на мојот сопруг. Е тука гледањето филмови добива и една дополнителна димензија на тестирање на изреката дека бракот е компромис. Вечната дебата ги опфаќа прашањата кој има поалтернативен вкус; дали филмската индустрија е машка; дали треба по којзнае-кој-пат да гледаме нешто од Вим Вендерс, Џим Џармуш или Вуди Ален?

* Ана Мартиноска, професорка по културолошки студии во Институт за македонска литература, Универзитет Кирил и Методиј