Утринско кафе со Андреј Папаз: Јас сум зависник од работа и во трка со сам себе

Денот ми започнува вообичаено со сите утрински ритуали освен пиење кафе, кое го оставам за подоцна во текот на денот. Мирот и тишината наутро ми се важни за да ја запазам рутината на подготување за тековните обврски кои ме чекаат.

Најчесто гардеробата што треба да ја носам во текот на денот е подготвена од претходната вечер за да заштедам време во текот на утрото, а и таа навика ми дава чувство на добра организација и позитивна стартна позиција. Проверување и надополнување на работниот план го правам непосредно пред заминување, па после читање SMS „Добро утро“ која редовно ја добивам секој ден, денот може да започне.

Често си задавам цели кои инсистирам да ги исполнам. Во огромна мера сум зависник од работа и сум во трка со сам себе. Сметам дека сум во години каде што можам да го посветам целото мое време и внимание да напредувам. Активно го набљудувам светот околу мене и нечива приказна знае да ми е лична инспирација и пример, додека инспирација во се она што подразбира мојата професија најчесто пронаоѓам сам одделен од познаниците, така најдобро „креирам“.

Професијата ми е таква што немам работно време, односно работам од утро па до вечерни часови. Сконцентриран сум на неколку ангажмани и проекти. Моите обврски го вбројуваат театарот, факултетот, секојдневната работа со клиенти, проекти...

Денот ми завршува со ревизија на се што сум сработил во текот на денот и на се она што ме чека следно како работна задача и ангажман. Неизбежни ми се разговорите со блиските, тоа ме исполнува и ме фокусира.

Понекогаш во вечерните часови си дозволувам да издвојам време за филм, а во последно време гледам и серии. Често патувам, па знам да вклучам „Netflix“ за времето побрзо да ми „помине“.


(Андреј Папаз-моден дизајнер)