Утринско кафе со Биљана Мишиќ: Потсетување на каузата за создавање на еднакво општество, каде што жената нема да биде перцепирана како понежен пол, туку како сила која може да придвижи многу пори во општеството

Уште пред да започне работниот ден, свесна сум дека денот ќе мириса на дополнителни цветни ноти... Да, денес е меѓународниот ден на жената.

Ден за радост, повод за дружби, но истовремено ден чијашто суштина не смее да биде заборавена. Го користам овој ден како одлична можност за едно кратко резиме и давање на перспектива на нештата од родово-сензитивен аспект кои се присутни во нашето секојдневие.

Создаден е како ден на сеќавање на борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените и мажите. Оддаваме почит на група жени борци и ентузијасти кои пред повеќе од 100 години започнаа движење и борба за право на глас, нееднаквиот третман на работните места, платежна нерамноправност и многу други родово-базирани дискриминаторски начела. Овој ден служи за потсетување на каузата за создавање на еднакво родово општество, каде што придонесот за сработеното ќе биде базиран на резултати, каде што точката на напредок ќе биде идентично достапна и за мажите и за жените и последно, каде што жената нема да биде перцепирана како понежен пол, туку како сила која може да придвижи многу пори во општеството.

Да, 8ми Март не е само ден за дарување на цвеќе, туку ден кога сите ние (и мажи и жени) треба да се замислиме дали доволно правиме, дали трудот ни е еднакво препознат, дали сме среќни и задоволни и дали го живееме животот со полна пареа, еднакви во сите општествени сфери.

8ми Март е ден кога треба да застанеме цврсто зад женската солидарност, но и потребата од вклучување на машката популација како поддршка, кон истата цел.

Имам привилегија  да работам во опкружување во кое еднаквоста по секој основ високо се вреднува, а трудот наградува врз база на постигнатите резултати.

За еднаквоста низ бројки, од 90 вработени во Иуте, 63% се жени, додека од нивото на менаџерска раководна структура, се повеќе од половина (52%).

Не само што имаме одговорност кон компанијата, туку и кон целата заедница, пред се кон оние кои допрва ќе го градат својот пат. Имаме обврска да бидеме гласот на храброста, пострекот, можностите... да бидеме пример дека можеме се, и да пренесеме порака дека секоја од нас ја има можноста во своите раце да успее, предизвикувајќи и надминувајќи го својот целосен потенцијал.

Цврсто пркосиме на сите родово-сензитивни бариери и грабиме напред во полна пареа, заедно.

Имаме уште долг пат пред нас за одење, но би сакала да ја искористам оваа прилика да оддадам почит на сите мои колешки и соработнички, кои неуморно работеле, се надградувале, им пркоселе на предизвиците и поминале потежок пат за да стигнат до она што се денес.

Но истовремено сакам да упатам благодарност и до колегите, за нивната несебична поддршка. Заеднички креираме заедница каде што родовите замки нема да бидат пречки, туку извор на сила, за сите.

Денов ќе измине, розите ќе овенат, испијте го попладневното кафе, чај или чаша вино и со вашите синови, ќерки, членови на семејството, поразговарајте со нив.

Креирајте наследство од вредности за нив. Денес, и секој ден.

Денешниов ден Иуте нема да го помине само во кругот на најблиските, туку со испорака на донација во име на целиот тим, од собрани производи, облека и потребштини, кои ќе ги испорачаме на жените и децата жртви на семејно насилство.

* Биљана Мишиќ, Извршен Директор на Иуте Македонија