Утринско кафе со Билјана Муличкоска: Луѓе со добра мисла ме држат на правиот пат

Утринското кафе е мојата прва активност во денот. Како водата почнува да врие така обврските пулсираат, па ги запишувам и редам приоритети. Првиот талог од кафето ме смирува, седнувам и со мислите се спремам за почетокот на новиот ден на кој искрено му се радувам - секој за себе си е посебен и неповторлив. 

Првото кафе го припремам сама, а го пијам во друштво - со ќерките Јана и Бојана или сопругот Бруно. 

Ме мотивира секој нов почеток од денот, секој нов проект - искажана доверба за мене е предизвик и голема одговорност. Луѓе со добра мисла и позитивна енергија ме мотивираат, ми даваат сила и ме држат на правиот пат. Добра музика и слика, книгите што ги читам, моментите кога патувам, пределите што ги гледам, секој нов град, улица, објект... Понекогаш само еден добар мал збор или поглед знае да биде голем мотив за мене. 

Денот го завршувам секогаш различно: изложба, концерт, спортски настан, дружба со пријатели.. Палачинки во домашна атмосфера, а многу често и со прошетка без конкретна дестинација со мојата љубов - секогаш имаме нешто ново и интересно да си кажеме или без наслов да се смееме (се смее). 

Вечерта пред заспивање, прво се преиспитувам што научив/направив, а што не успеав да стигнам во текот на денот, кој е мојот план за утре. Пред спиење обавезно читам, тоа ме релаксира и ме внесува во еден друг паралелен свет.

* Билјана Муличкоска, архитект во „Архикон Дизајн“