Утринско кафе со Боби Серафимовски: Кофеинот влијае позитивно на мислите

Секогаш утрото го започнувам со првото утринско кафе кое што јас го подготвувам за мене и за мојата сопруга. Првото кафе за мене претставува ритуал во кој што на некој начин не само што црпам енергија туку и ми се отвора визија за новиот ден, инспирација за нова креативност и уметнички набој. Претпоставувам дека кофеинот ја има таа моќ да влијае позитивно на мислите и да да ва позитивна енергија како и тоа да влева надеж дека новиот ден ке биде продуктивен и исполнет со убави нешта.

Секогаш, мотивацијата ја црпам од моите најмили и од моето семејство. Моето опкружување од најмилите, ќерка ми и син ми заедно со мојата сопруга се главен двигатор и мотиватор во онаа што ја создавам не само на музички туку и на секој план.

Дневни планови секогаш со моите професионални ангажмани а тоа се пред сѐ контакти со компании од филмската музичка бранша низ светот со кои што имам веќе соработки и потпишани договори, потоа создавање на комерцијална музика за познати пејачи од Балканот, како и работа со моите ученици каде што сум професор по повеќе музички предмети и инструменти.

Како што започнува така и најчесто завршува мојот ден а тоа е во кругот на моето семејство, а понекогаш покрај нив и со драги пријатели.

Секако дека сакам книги и филмови доколку имам време, меѓутоа повеќе сум предан на телевизијата и преку телевизијата не само што добивам информации туку и сакам да гледам пред сѐ документарни филмови а понатаму и играни светски филмови.

* Боби Серафимовски, музичар и композитор