Утринско кафе со Бојан Велевски: Каролина и Војдан се мојата мотивација

Денот ми почнува 40 минути пред да тргнам на работа. Немам посебни ритуали. Набрзина се средувам и излегувам.Ритуалот со прво утринско кафе кај мене не постои. Но, ритуалот со првото лезет кафе -  да! Тоа е јако нескафе, дома, во мојата работна соба. Секоја вечер работам нешто креативно, а со тоа оди и кафето.

Во последните 6-7 месеци речиси целата недела ми е однапред испланирана. Стандарно од сабајле па до попладне со работните обврски, а веднаш после тоа брзам или дома од каде го позајмувам гласот за турските серии или периодов одам на академија за човечки ресурси или сум негде на настап, а некаде измеѓу сево ова, вметнувам состаноци со продукцијата, со соработници и слично. 

Со сопругата и Војдан за жал не поминувам онолку време колку што сакам. Но, тоа е. Млади сме, ќе работиме. Токму Каролина и Војдан се мојата мотивација. Сакам да бидат среќни, но и горди на моите, а со тоа и на заедничките успеси.

Што се однесува до вечерите, тоа е дел од денот кога сум креативен и често знам да се затворам во соба и да пишувам нов материјал за настапите. Кога тоа не е случај, го користам времето да се видам со Каролина и да си разговараме за тоа што се случило во текот на денот.

Филмови гледам ретко, серии - ДА. Околу книгите, само што си ја купив „Тркачот“ од еден од моите омилени автори Стивен Кинг. Тоа е книгата за овој месец, а за февруари веќе имам пикирано две.

* Бојан Велевски, актер и стенд-ап комичар