Утринско кафе со Елена Стефановска: Јас сум мојот најдобар пријател и најголем непријател
Се трудам денот да ми почне мирно. Секое утро ми започнува во 8:30 часот кога првото кафе го пијам дома сама, прегледувајќи ги сите мејлови, пораки и обврски кои морам да ги завршам во тековниот ден. Го започнам со здрав енергетски појадок, јадам многу овошје затоа што секој нов ден бара многу енергија.
Мотивација наоѓам во секој успешен човек, секоја успешна приказна, секоја позитивна мисла, во моите иниспиративни гости, социјалните мрежи, во контакт со други луѓе. Изворот го наоѓам и во себеси, секогаш максимално го користам денот, ниту една минута не ја трошам залудно. Знам дека јас сум мојот најдобар пријател и најголем непријател, се трудам секој ден да бидам се’ подобра верзија од себе.
Деновите ми се секогаш се различни во зависност од обврските. Кога подготвувам нова емисија, ги договарам гостите и се трудам да го извлечам максимумот од нив пред да дојдат кај мене во студио на интервју. Кога работам на реклами како инфлуенсер за моите клиенти, ја осмислуваме креативата заедно со мојот тим, се средувам, се грижаам за себе.. Најважно, секој ден имам јасна визија што сакам, што дополнително ми ги олеснува работите. Секој ден нови задачи, нови предизвици. Некогаш знае да биде сосема мирен и обичен ден, некогаш знае да биде хаотичен, и помислувам дека никогаш нема да заврши. Во секој случај исполнет, никогаш досаден
Работниот ден ми завршува некаде околу 18 часот. Е после тоа времето си го посветувам само на мене и моите најблиски. Уживам во домашни вечери со саканите, одење во кино или на некоја балетска претстава, и да не заборавам, одење во фитнес центар.
Сакам и книги и филмови. Во последно време повеќе гледам филмови, можеби таков ми е периодот, особено за време на викендот кога сакам да се опуштам.
(Елена Стефановска- ТВ водителка)