Утринско кафе со Ирена Крстевска Стевановска: Не сакам да ги планирам нештата

Секое утро е преубаво бидејќи ми почнува со насмевката на мојата ќерка Лора и тие рачиња кои трчаат да ме прегрнат без да побараат нешто за возврат. Следува ритуал во кој се задоволуваат потребите на мојата ќерка за да после тоа дојде и малку врме за себе во кое е вклучено и утринското кафе. Најчесто го пијам со сопругот пред работа или сама во друштво со преубава музика!

Не сакам да ги планирам нештата, секогаш се сопнувам од нешто кога имам план. Оставам сѐ да си тече спонтано. Вежбање на гласилките и подготовка за секој нареден настан со големо задоволство можам да го ставам како обврска.

Најголемиот мотив е ќерка ми и секако најблиските, бидејќи во ова време полно со омраза и љубомора во луѓето, многу е тешко да опстанеш, па и да се мотивираш. Публиката е таа која што ме одржува и мотивира на секој настап. Секако сопругот, Филип, е еден од најзаслужните за сето ова што денес го работам, бидејќи од самиот почеток ја имав најголемата поддршка и мотивација од него.

Денот завршува со сличен ритуал на утрата само во обратен редослед (се смее). Вечерта ја минувам со своите најблиски или во друштво на бендот кога имаме настап со кои комуникацијата и дружбата ни е на завидно ниво. Вечерите ми се посебно резервирани за фамилијата и за добро друштво, пријатели кои ми го разубавуваат и следното утро, ха, ха, ха... (секако кога немаме настап).

Сакам и книга и филм. Знам да прочитам убава книга од библиотеката на мојата сестра со топла препорака од која сум секогаш воодушевена.  Филмот го оставам за уживање и релаксирање пред легнување, сакам некоја добра драма или комедија на која убаво ќе се изнасмеам и ќе заспијам со насмевка.

* Ирена Крстевска Стевановска - вокал во „Филип Стевановски бенд“ и професор по музика