Утринско кафе со Ивана Дамовска: Со мирисот на силно кафе ги расонувам и соседите

Во последниве четири години се будам навистина рано, некогаш и пред изгрејсонце, иако сакам да си поспијам. Причина за раното будење е мојот Андреј, а секое утро ми почнува со прашањето „мамо денес ќе одиш на работа?”. Се радувам што пред да заминеме тој во градинка, јас на работа имаме доволно време за убаво да сe изгушкаме.  Утринското кафе ми е омилениот ритуал, сакам да си го подготвам сама со точна количина на кафе и шеќер. Правам толку силно кафе што со мирисот ги расонувам и соседите.

Важно ми е денот да ми почне позитивно, среќата и тоа дали ќе бидеме несреќни верувам дека е личен избор. Во животот мораш да имаш цел, лични правила, дисциплина, време, вистински луѓе околу себе и многу љубов. Се потпирам само на себе, а мотивација имам од рано наутро па до доцна навечер. Ме мотивираат луѓето кои ги сакам, моите пријатели, моето семејство.  Мотивацијата знам да ја најдам и во малите нешта, може да ме мотивира разговор, музиката која ја слушам, филмот кој го гледам..

Секој работен ден ми е исполнет со многу обврски. Центарот за соработка со НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа  во кој работам претставува извршно координативно тело и ја унапредува соработката помеѓу 18 држави. Програмата за следниве две години ни е навистина динамична и ангажирана, но си ја сакам работата и среќна сум што можам многу да придонесам. 

Новинар по професија, но ете иако реков дека нема повеќе, професијата ми стана хоби. Деновиве ја подготвуваме новата „Флексија”, емисија која верувам дека ќе инспирира и силно мотивира. 

И обично секоја вечер читам книги, но детски. Го читам Езоп, Андерсен, а син ми со внимание ме следи. А откако ќе го заспијам, некој час само за мене. Некогаш на пијачка со пријателите, а некогаш само тишина и време за себе. Сакам да гледам филмови, често одам во кино, сакам да се дружам, одам на концерти и претстави.   

Често се прашувам, што е среќа, дали таа се мери со некое пријатно чувство и убаво расположение или пак е само поим и состојба која не двои од секојдневните трки, проблеми, таги …?! Но знам дека мене ми дава сила и мотив да поставувам цели и ме движи напред во животот. Ме прават среќна луѓето кои ги сакам, искрените пријателства, патувањата, изгрејсонцата и најмногу сум горда и среќна што сум мајка на едно прекрасно воспитано и умно момче. 

* Ивана Дамовска, советник - Центар за соработка со НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа и новинар во „Флексија”