Утринско кафе со Ивана Каратукова: Откако станав мајка утринското кафе ми е ритуал за себе

По природа не сум некоја голема пијачка на кафе, ми се случувало и да прескокнам и да не се напијам кафе цел ден. Но откако станав мајка некако само си дојде утринското кафе како ритуал за посветување време сама на себе. Во работните денови откако поголемата ќерка и сопругот излегуваат,  прво е чаша вода, следува овошје или смути во зависност од расположението и потоа го пијам во друштво на помалата ќерка, и некогаш дури останува и недопиено. 

Во различен период од животот ме мотивираат различни работи. Како пилатес инструктор, најголемата мотивација за работа ја наоѓам во „Powerhouse Pilates“ кај моите вежбачки кои секојдневно ме мотивираат со своите резултати и задоволни лица после добар час. Нивните желби да направат нешто добро за себе, да направат позитивна промена кај себе е она што нѐ движи напред и нив и мене како некој кој е со нив низ целиот тој процес. Пред час ми треба малку мир, празна сала, огледало и добра музика за да се мотивирам и подготвам за часот, да си ја искажам креативноста и да останам доследна на стилот на вежби што го креирам за секој час. 

Како пилатес инструктор и координатор на „Powerhouse Pilates“, а и мајка на две девојчиња денот ми е супер исполнет. Утрата ми се за завршување на „back office“ обврските околу студијата и сѐ што е потребно за да функционираат беспрекорно, паралелно ги завршувам дневните обврски околу домот, а потоа продолжувам со групите и тренинзите во студио. 

После групите, секогаш имам екстра сила да се вратам дома кај семејството, а бидејќи часовите се попладне се враќам некаде пред вечерата, се подготвуваат децата за спиење и за утрешниот ден, тимски со Стефан сме координирани да јадат и да заспијат што побрзо, и потоа останува време за нас.

Добар филм знам да го зборувам и раскажувам со денови, додека добра книга ми го држи буден умот. Како поранешна класична балерина морам да кажам дека и балетска претстава е една од работите кои редовно си ги практикувам и се една од работите кои ме прават ова што сум.

(Ивана Каратукова- пилатес инструктор)