Утринско кафе со Јасмина Арсова: Aпсолутно сѐ можам, доколку сакам

По природа не сум утрински човек, но поради обврските и динамиката на работа приморана сум да станувам рано. Првото кафе секогаш го пијам сама, во својот дом. Тие 30 минути максимално ги користам за себе, не размислувам за ништо и најчесто ги минувам на „Инстаграм“ и „Фејсбук“, „скролам“ и гледам што има ново кај моите виртуелни пријатели. Во последно време кафето го комбинирам со цеден лимон со млака вода и тоа е се што ми е потребно за успешен старт на денот. 

Ме мотивираат добри и насмеани луѓе, со смисла за хумор и без предрасуди. Не сакам лицемерие, по природа сум многу лојален човек, па сакам и во моето опкружување да има што повеќе такви луѓе. Ме инспирираат неостварени замисли и желби и пред секое „не можам“ или „не сакам“ едноставно го бришам она „не“ затоа што знам дека апсолутно сѐ можам, доколку сакам! 

Агендата со обврски е долга! Во моментов сум дел од тимот на естрадниот магазин „Бесктејџ“ и сум горда поради она што и го презентираме на публиката секој работен ден во 23 часот на Канал 5 телевизија. Работиме тимски, си помагаме, се надополнуваме и тоа многу ми значи. Ја имам таа среќа да имам колеги професионалци од кои што можам многу да научам. Интервјуа, патувања, интересни настани, ексклузиви... Денот е динамичен и полн со неочекувани пресврти, но сето тоа ми годи затоа што го работам она што го сакам. Незалудно рекле, изберете ја работата која што ја сакате и нема да имате ниту еден работен ден во животот! 

Денот ми завршува различно, некогаш со вечера во друштво на партнерот, колегите, пријателите... а некогаш со добар филм и чаша вино во домашна атмосфера. Ги сакам и книгите и филмовите, но кога би требала да бирам, филмот , односно сериите се мојот избор. Порано кога имав повеќе време, „маратонски“ гледав серии, на пример една сезона од „Game of Thrones“ можев да ја изгледам за два дена. Сега ситуацијата е малку поразлична, но често заспивам во друштво на Шелдон Купер и бандата од „The Big Bang Theory“. Се смеам како дете кога ги гледам!


(Јасмина Арсова- новинар)