Утринско кафе со Јулија Цветковска: Од секое патување се враќам со желба за промена

Првото утринско кафе, во работни денови го пијам рано, дома сама. Тој дел од денот, без разлика на годишното време и временските услови надвор, ми е најубавиот дел од од денот. Тој половина час сум сама со себе. Не се оптоварувам со планирање на денот, на вечерта, на викендот или на животот. Едноставно уживам во добра шолја еспресо. Го имам цел ден подоцна за планирање.

Викендите пак ми почнуваат со истата шоља еспресо, но два часа подоцна. Е тогаш имам време за сѐ,но најмногу за колумни. Ведрана Рудан и Русјаков ги обожавам и се трудам да прочитам сѐ што евентуално сум пропуштила претходните денови.

Најчесто ме мотивираат луѓе кои што си ја сакаат работата, си го сакаат животот и бараат повеќе од него. Луѓе кои што својата приказна ја раскажуваат гласно. Не се трудат да бидат дел од мнозинството. Мислат со своја глава, целат кон своја цел која многу често е во спротивната насока од онаа „стандардната“. Ме мотивираат патувањата. Нови градови, нови улици, нови лица...Од секое патување се враќам со нова и поинаква желба за некаква промена кај себе.

Во однос на работата, дневните планови и обврски секој ден се различни. Еве веќе втора година сум на позицијата Маркетинг и Пр во Пелистерка, и не се случило два дена да бидат исти. После повеќе од 12 години во новинарството, ова беше промена која што долго време ја посакував. Нови луѓе, нови обврски, нови идеи, нови цели, нови проекти. Супер е да се работи во македонска компанија која што трасира успешен пат и надвор. Дневните обврски се планирање и буџетирање на активности поврзани со промоција на брендот, планирање и буџетирање на кампањи, стимулирање на продажба и сл. Периодов фокусот е на апликацијата на „Пелистерка“ со која повторно потврдивме зошто сме лидери на многу нивоа.

Работниот ден завршува со домашен ручек или вечера. Два дена неделно со јога. Останатите со вино или чај и добра серија или книга. Попладневните часови се трудам да ги посветам на фамилијата. Вечерите ги поминувам или во друштво на партнерот со кој што имаме многу заеднички нешта и што се однесува до работата и што се однесува до животот генерално, или со пријатели за кои што не ретко готвам со големо задоволство.

Сакам добра книга ама исто толку сакам и добар филм или серија. Се трудам секој ден да прочитам барем по неколку страници. Читањето не е хоби, навика е. Пораснав со многу книги, мајка ми се трудеше да прочитаме се што вреди да се прочита. И ден денес ми купува книги, ги знае и моите омилени автори и никогаш не греши дури ни во сопствениот избор. 

Од друга страна пак филмот е уметност која што ме фасцинирала отсекогаш. Ме интересира приказната но и целата таа продукција, целата таа индустрија. Не се трудам да изгледам сѐ што е ново. Гледам филмови кои што мене ме интересираат. Имам неколку стари филмови како „The way we were“, „Manhattan“ и слично,на кои што со задоволство често им се враќам. Го обожавам Вуди Ален и како актер и како режисер и како писател.

 *Јулија Цветковска, Маркетинг и ПР во Пелистерка