Утринско кафе со Кристина Апостолова: Кафето треба да е црно како пекол, силно како смрт и слатко како љубов

Добивај вести на Viber

Звучи како клише, но утрото секако го почнувам со шолја турско кафе. Немам омилена шолја за кафе, секој ден го пијам во различен, но убав филџан. Тоа сигурно е и одраз на мојот карактер. Без ограничувања, без непотребни норми и стеги, но вљубеник во убави нешта - мали и големи..

Верувам дека во пиењето на кафето има и филозофија и психологија. Навидум едноставната топла црна течност не е само напивка за расонување, туку кажува многу за човекот. Кафето сакаме да го пиеме силно, горчливо или слатко, го пиеме неколкупати на ден или пак, му придаваме најголемо значење наутро. Го поставуваме како столб на секој нов ден. Првата шолја кафе знае да биде тригер за многу нешта што ќе се случат во текот на денот на еден човек, вклучително и во мојот.

Пиејќи го утринското кафе, сум извојувала многу битки (како со самата себе, така и со светот), сум отсонувала многу фантазии, но и сум реализирала многу копнежи, сум решила дилеми, сум победила стравови...

Додека го пијам утринското кафе, истовремено ги проверувам домашните и светските онлајн медиуми, за да бидам во тек со случувањата. Откако ќе го испразнам филџанот со кафе, тргнувам на работа. Ја имам таа привилегија да ја работам оваа професија – новинарство, во која ама буквално ниту еден нов ден не наликува на претходниот. Адреналинот секогаш лебди во воздухот, секогаш сме во исчекување и потрага по новитет.

Приватно, се трудам да не да го планирам денот однапред, освен кога се во прашање важни или неодложни нешта. Од причина што не знаеме што ни носи аголот на улицата по која чекориме.

И за крај на ова утринско кафе, понесена од неодамнешното патување во Анталија како дел од инфо-турата на „Фибула,“ ќе цитирам една турска изрека која кажува многу за овој мал, но значаен ритуал: „Кафето треба да биде црно како пекол, силно како смрт и слатко како љубов.“

Кристина Апостолова, уредник во „Слободен печат“