Утринско кафе со Марија Лозаноска: Да има океан од кафе, ќе го препијам

Уметниците не ги сакаат многу утрата, но јас често сакам да ги менувам правилата. Поради мојата работа знам да заглавам и во доцните часови и да ми биде тешко станувањето наутро. А, утрото го сакам поради кафето. Мислам дека, доколку ме ставиш во океан од кафе, нема да го препливам туку ќе го препијам. Ја сакам тишината на утрата и кога сонцето влегува во собата. Поетична ми е таа глетка. Секое утро собирам мотивација за започнување на работата. 

Мојата работа не е канцелариска со предвреме зададени задачи. Правилата се мои, дизајните се мои, речениците се мои. Како уметник со испреплетени уметности долго време ми требаше да се организирам. Пишувам, изработувам накит, водам маркетинг на социјални мрежи. Создавам текстови, создавам и музика за нив. Мора да си свеж за сите тие иновации. 

Идејата не доаѓа во закажано време, идејата доаѓа со одморен ум и ослободена душа. Се одморам со книга. Со добар филм. Со добра комедија. Многу пеам. Видеата за мотивација се моите секојдневни ветришта што ме туркаат во текот на денот. Но, тука се и моите луѓе кои ме инспирираат. Не сакам празни муабети, со мене разговорот е откривање нови планети во нашата душа. И му се радувам на секој ден. Апсолутно. Од утрото до вечерта.

* Марија Лозаноска, писателка