Утринско кафе со Марио Илиоски: Масажата не е луксуз, туку здравје

Моите утра се менуваат од недела во недела. Кога сум прва смена, денот ми започнува во 6 часот и 30 минути - аларм со звук на мојата омилена песна, која дефинитивно по неколку недели ја мразам. Тогаш сум во брзање и утринското кафе го пијам додека возам до работа, со лесното техно на Блек Кофи во мојата кола. Додека пак кога сум втора смена, деновите се поопуштени и кафето со задоволство го пијам во друштво на моите колеги. Сепак омилено ми е она во викендите, кратко еспресо споделено со моите најблиски, исполнето со смеа и долга седенка.

За мене мотивацијата е едноставна работа. Доволна е детската насмевка или благодарниот збор на моите задоволни пациенти, за да мислам на подобро утре. Секако без поддршката и мотивацијата на моето семејство не би бил таа позитивна личност којашто сум секој ден.

Кога ќе пристигнам во Институтот за физикална медицина и рехабилитација, чекорам кон гардероба и веднаш штом ја облечам белата униформа, ставам насмевка на моето лице и сум подготвен за нестрпливите пациенти. Знаете како велат „работата со луѓе е секогаш најтешка“, но ако го сакаш она што го работиш, тоа го правиш со задоволство и леснотија. По три часовна активна работа, следува кратка пауза за енергичен оброк кој ги полни моите батерии за „второто полувреме“. Работните обврски не ми завршуваат со крајот на работното време. „Трето полувреме“ следува во салонот за киропрактика и масажи „Power“. Она што секогаш сакам да им го посочам на моите клиенти е дека масажата не е луксуз, туку здравје.

Конечно вечерта е време за одмор. Тоа за мене значи- вечера со мојата девојка или пиво и фудбал со пријателите. Ако сум расположен, ја ставам престилката и ги готвам највкусните тестенини, за кои секогаш добивам комплименти дека сум „мастер“.

Викендите без сомнение се резервирани за авантура надвор од главниот град. Планината е моја омилена дестинација, особено во текот на зимскиот период, се разбира затоа што сноуборд не се вози на асфалт. Но и кога снегот ќе се стопи, се тешам со друштвото на мојот велосипед.

Доцните ноќни часови ги користам за гледање едукативни видеа и е-книги поврзани со физикална терапија и киропрактика, но секако дека и добар филм знае да го одвлече моето внимание. Марвел и Квентин Тарантино секогаш се број еден на мојата листа. 


(Марио Илиоски- физиотерапевт во ИФМР и студио „Power“)