Утринско кафе со Мери Т.Младеновска: Љубовта ми дава поттик и енергија да продолжам понатаму

Според мене и моето искуство денот е добар кога ќе започне со сознанието дека имаме некаква работна обврска, дека сме потребни некому, некаде... за среќа, за мене денот започнува со познатиот „ритуал“ кој претходи на заминувањето на работа, што секако не ми пречи и не ми претставува тешкотија без разлика на временските и климатските прилики. Секој човек има свој начин како го започнува денот и на каков начин ужива во утринското кафе, но за мене најважно е тој краток период за опуштање да го поминам со драги луѓе и во опуштен разговор или евентуално во мирна атмосфера во којашто можам да се опуштам и да се подготвам за претстојните работни обврски.

Она што ми дава поттик и енергија да продолжам понатаму, да работам и да создавам или да се изборам со несаканите појави, дефинитивно е љубовта. Денес, за жал некако како да ја немаме доволно и тоа е толку разочарувачки... денешните луѓе најмногу се завртени кон себе си, кон сопствените потреби, егоцентризмот е во тренд, а почитта речиси и да ја нема. Наспроти тоа - да се љуби - не треба да се сфати како љубов насочена кон своето, кон партнерот, кон материјалното... љубовта е универзална како што е и светлината, а ние без светлина не можеме да живееме. Денешницава има голем недостаток од светлина, за среќа има доволно сила да ја врати, но доколку се излезе од заспаноста и летаргичноста. Ме мотивира љубовта кон ближниот или поконкретно – љубовта кон секое битие, неосудувањето и најпосле човечноста.

Накратко би рекла – обврските се на една, а плановите на друга страна. Можеби тоа е генерално така кај секого, но сфаќајќи го тоа, некако изнајдов начин да го разграничам професионалното од приватното или плановите од обврските и секогаш кога имам доволно енергија, со радост се посветувам на она што ми претставува задоволство, на создавањето и на креирањето. Последно со што можам да бидам особено горда и задоволна е излегувањето на мојот прв музички албум, колаж од девет песни и девет соработки со наши ценети автори и естрадни личности, под наслов „Lights“. Благодарност упатувам на сите поддржувачи и почитувачи на ова музичко дело. Можам да најавам уште интересни музички соработки во иднина, што уште повеќе ќе ми овозможи да продолжам да се остварувам на полето на музиката и да продолжам и панатаму да го споделувам и да го ослободувам од себе талентот за музика.

По денот исполнет со работни обрски, максимално се трудам работата да не ја „носам“ дома, со цел мојата љубов кон работата да опстане и секојпат енергично и со задоволство да ги извршувам работните задачи, така што денот го завршувам во својот свет, во семејството, со најблиските, но и со работа на она што сум го замислила, што сакам да го создадам, она што вистински ме одмара и ме оттргнува од не толку розовото секојдневие.

Преферирам книга затоа што филмот снимен според одредено дело никогаш не може да биде подобар од филмот што сами го „снимаме“ во својата глава читајќи некое литературно дело. Но тоа не значи дека не сакам филмови. Напротив, голем љубител сум на филмот, особено ги сакам мистеријата, трилерот и научната фантастика како жанрови и се трудам да ги проследам најновите филмски остварувања, но секогаш кога имам можност да го разгледам еден наслов од два аспекти – и книжевен и филмски, го правам тоа со огромно задоволство, правам споредби, забележувам што е додадено, а што е одземено и искрено се радувам кога мојот „филм“ од прочитаното дело ќе го видам оживеан на филмското платно.

(Мери Тодорова Младеновска, новинар и пејач)