Утринско кафе со Милена Танаскоска: Се мотивирам кога ќе направам нешто за првпат

Денот во последниве месеци, кога имам повеќе слободно време ми започнува со прошетка на моите кучиња ( кои се три моментално) и потоа кафе во тишина и уживање во нивното друштво . Додека пак најчесто кога сум презафатена со обврски и проекти, тогаш кафето е првото нешто за брзо разбудување и почеток на долгиот ден.
Мотивацијата најчесто ја црпам од целта секогаш да бидам подобра верзија од самата себе од претходниот период.  

Видливите резултати секогаш ме мотивираат, кога ќе научам нешто ново или ќе направам нешто за првпат. Креативноста најчесто ја црпам од секојдневието и се што ме опколува. Гледам инспирација за некој проект во напуштена зграда или современо уметничко дело, иако неспоиви на прв поглед.

Во последно време поради работата најчесто сум на релација Охрид,Тирана и Скопје. Денот кога сум надвор од Скопје ми започнува во раните утрински часови и знае да трае до доцна во ноќта, зашто двете локации се поврзани со креативни проекти коишто никогаш не можат да се ограничат во временска рамка, но тоа значи дека и времето побрзо поминува.  

Правам „moodboard“ за комбинациите потребни за рекламата или брендот секогаш два дена претходно, а на самото сликање или снимање се е турбулентно. Како моден директор на „RumorShop“ исто така секојдневно сум задолжена за самата продавница и секако правецот на колекцијата.

Затоа што денот ми поминува секогаш со многу различни луѓе и продукции од 50 члена, вечерта најчесто ја оставам за блиските пријатели и моите дома. Книгите секогаш ми заменувале филм, ретко кој може да ми задржи внимание, а вечерта како повеќето ја завршувам со скролање на Инстаграм ( за жал).


(* Милена Танаскоска- моден стилист)