Утринско кафе со Мирослав Драганов: Помагајќи им на другите, невозможно е самиот да не успееш

Секој ден ми почнува со љубов кон уште еден нов ден од животот. Тоа чувство ми буди убава енергија уште рано наутро и го трасира патот за многубројните активности во текот на денот. Во работните денови обично денот ми почнува помеѓу 7:00 и 8:00 часот. Веднаш се подготвувам и одам во канцеларија каде што го пијам првото утринско кафе, некогаш сам (кога сум подранил), а некогаш со колегите. Како и да е, пиејќи го првото кафе најчесто ги правиме тековните тимски координации или пак читам нешто важно за мојата работа во областа на човековите права. Некогаш тоа се онлајн порталите и социјалните мрежи, а некогаш, пак, официјални веб страни и стручни анализи. За време на викендот (доколку сум во Скопје), првото утринско кафе го пијам секогаш во друштво и тоа или со за мене блиска личност или пак во друштво на убава книга.

Речиси секој ден ми трае од 7:30 наутро до 2:30 по полноќ. Тоа се околу 19 активни часа или како што велам во езиодата 6 од „Продолжи со насмевка“ – денот има 48 часа (се смее). Секој работен ден до 17:00 часот ми поминува во Институтот за човекови права со работни обврски кои се разновидни и динамични при што сум во постојана комуникација со личности од разни категории и спроведувам активности за подобрување на многу сегменти од секојдневното живеење на македонските граѓани. И тоа е само еден дел од денот кој допрва станува турбулентно интересен и исполнет со колорит од животни сцени. Овде спаѓаат: објавите на социјалните медиуми за секое ново видео од автобиографската мотивација „Продолжи со насмевка“, снимањето на видеата, состаноци со соработници од разни области, со тимот од Глобал Шејперс Скопје Хаб Скопје, како и  со тимот од Лајонс Клуб „Камен Мост“, а тука е и изработката на стручни правни анализи. Има време и за по некое вечерно кафе или друга активност и со блиски личности од приватниот живот (вежбање по дома, тетар, прошетка во парк, трчање, фудбал...), иако тоа е поинтензивно за време на викендите.  

Мојата појдовна мотивација ми е тоа што сум дел од оваа игра наречена „Живот“ во која со задоволство си ја играм мојата главна улога. Речиси и да не знам што е тоа „комфорна зона“ и максимално уживам во сето она што го работам и правам од срце. Навистина го обожувам животот, ги сакам луѓето, ме восхитуваат искрени насмевки, активниот начин на живеење и секогаш избирам правење спомени во живо наместо справување со кошмари во сон! Од неколкуте по кои се водам, би издвоил едно мое животно мото, а тоа е: „Помагајќи им на другите да успеат, невозможно е и ти самиот да не успееш.“

Денот ретко ми завршува пред полноќ, а најчесто околу 2:30 часот по полноќ. Вечерта, која ми почнува некаде од 22:00 часот, ја поминувам најчесто во прекрасно друштво на девојка ми, а неретко ние двајцата заедно со останатите наши пријатели сме дел од латино забавите кои се организираат секоја вечер во Скопје на различни локации од неколкуте клубови за танци. По сите овие дневни активности, легнувам уморен, ама среќен! Основа за следниот активен ден е можеби краткиот, но мирнен и квалитетен сон, особено оној поминат во прегратка (се смее).

Отсекогаш сум преферирал читање книга отколку гледање филм. Низ годиниве имам гледано прилично малку филмови и тоа ги гледам обично во три ситуации: во кино, кога сум на домашна седенка со мојот најдобар другар или пак гледање филм во пар. Книга, пак, читам додека се возам во автобус или воз (обично на релација кон други градови), во авион и на аеродром (кога патувам во странство) и за време на деновите од годишниот одмор. Недела е денот кој ми е најсоодветен за читање книга во домашна атмосфера, а од минатото лето тоа е и денот кога најчесто ја пишував мојата прва книга „На своја кожа продолжи со насмевка“. Инспирација за пишување надоаѓаше и во доцните ноќни часови, додека речиси сите други спиеја. Тој начин на живот во последнава година ми ја донесе периодов и најголемата животна возбуда бидејќи во четврток, на 28 февруари ќе се одржи промоцијата на книгата, токму на мојот 31 роденден. Се гледаме за заедно да продолжиме со насмевка (се смее).  

* Мирослав Драганов, директор во Институт за човекови права